Студентските медиуми – критичари на општеството

Додека во Македонија и во Словенија студентите го зафаќаат медиумскиот простор преку весниците, радијата и интернетот, во Хрватска тоа го прават и преку телевизијата. Студентските медуми треба да бидат критичари на општеството, согласни беа учениците на панел дискусијата на оваа тема организирана во рамки на конференцијата „е-општество: Млади и медуми“, но се загрижени поради пасивноста на младите.

Студентските медиуми - критичари на општеството

Кристина Ботичели од студентската телевизија во Хрватска вели дека овој медиум им пружа на студентите секаков вид медиумски пристап и дека имаат голем простор за изразување, но сепак се пасивни.

„Иако студентите во денешно време имаат различни платформи преку кои можат да делуваат и да се изразуваат, тие не покажуваат интерес за да го направат тоа“, се пожали Ботичели за состојбата во Хрватска.

Во Македонија сликата за студентите не е поинаква. И за нив најчесто се мисли дека се пасивни и незаинтересирани во активно вклучување и спроведување на одредени акции кои би биле во полза на општеството. Според Благица Петрова, главен уредник на студентското списание „Излез“ неинформираноста на младите за постоењето на каков било медиумскиот простор е главниот проблем поради кој студентите не пројавуваат интерес во критикување на општествените промени, а не поради пасивноста.

Врз активирањето на студентите гласно да го кажат своето мислење, според Петрова, влијае и прашањето колку студентските медиуми се навистина независни со оглед на фактот што студентските медиуми или се дел од проекти, или пак пари за нив даваат самите факултети, па оттука постои можност за цензура.

„Нормално дека постои шанса донорот да прави цензура, уредничката политика зависи од самата организациска структура. Јас би била среќна кога би знаела дека сите студентски медиуми се вечна опозиција. Тоа значи против било која гарнитура. За да се развие една прогресивна мисла, потребен е еден опозициски став, а тоа само еден млад човек да го изведе“, вели Петрова.

Бојан Анѓелковиќ од словенскиот студентски медиум „Радио Студент“ вели дека со цел да одржуваат целосна програмска автономија, главниот Совет е составен од три претставници од радиото, три од студентската организација и седмиот е претставник на јавноста, иако не негира дека низ историјата имало обиди претставникот на јавноста да биде всушност политички поставен.

„Студентските политики, како и државната, не им во интерес да постои некој медиум кој е независен , како од државата, така и од капиталот и кој нема влакно на јазикот , кој може да каже што сака“, изјави Анѓелковиќ која додава дека токму поради критичноста и упорноста на студентите, иако постојат 45 години, се уште немаат национална фреквенција.

На панел дискусијата за младинските медиуми, што се одржа во состав на дводневната конференција во Скопје, беше истакнато дека прв чекор за младите да постигнат каква било општествена промена е продуктивната дискусија.

Емилија Петреска