Студентски пленум: Универзитетот бира ректор со нелигитимни студентски претставници

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на нетранспарентен начин и со нелигитимни студентски претставници бира ректор, обвини денеска Студентскиот пленум. Новиот ректор треба да ја преземе функцијата на сегашниот, Велимир Стојковски, кому му завршува вториот мандат.

„Нелигитимните студентски преставници се вечна болка на УКИМ. Овој пат, Универзитетот бира Ректор со нелегитмни студентски претставници кои наместо да го претставуваат студентскиот глас, тие се декор за нечии интереси“, велат од Пленумот.

Според информациите до кои тие дошле, веќе се именувани десет нови студентски претставници, иако јавно не се знае кои се тие, ниту пак, на кој начин се избрани. Од Студентски пленум информираат дека ректорската управа е закажана на 15 јуни, додека изборот за нов ректор ќе се спроведе на 27 јуни, на кој, како што велат од Пленумот, треба да гласаат новоименуваните претставници.

„Потсетуваме дека мандатот на претставниците на Студентскиот парламент е заврши во 2015 година, а избори сè уште не се одржани! Студенти, ќе дозволиме ли во гласањето за Ректор на УКИМ, во наше име, да гласаат послушници кои што не ги застапуваат нашите ставови?“, прашуваат од Пленумот.

Радио МОФ се обиде да добие коментар од Кирил Спироски кој од декември минатата година е веде-претседател на СПУКМ , но откако најавивме кој го бара, не одговори на нашите повици. Во меѓувреме, позната е и целосната листа на кандидатите кои се тркаат за местото на Стојковски.

На неа се најдоа имињата на Атанас Кочов, кој е актуелен декан и професор на Машинскиот факултет, Ненад Новковски, редовен професор на Природно математичкиот факултет на УКИМ на Институтот за физика, Александар Димитров, професор на Технолошко металуршкиот факултет на Институтот за Екстрактивна Металургија и поранешен декан на овој факултет. Потоа, Никола Јанкуловски, професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет и негов актуелен декан, Коле Василевски, актуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ, а предава и на Шумарскиот факултет во Скопје, каде бил продекан и декан, и Елена Думова Јовановска, редовен професор на Градежниот факултет на Катедрата по Теорија на конструкции, која претходно беше и проректор за настава на УКИМ.