Студентски пленум: Сенатори, блокирајте го незаконскиот СПУКМ!

Студентскиот пленум со отворено писмо побара од Сенаторите на Универзитетот Кирил и Методиј да го поништат изборот за Ректор кој треба да се одржи во понеделник. Причината за тоа, смета Пленумот, се нелегитимните претставници во Студентскиот парламент, кои имаат глас во изборот.

Пред да се одржи избор за нов Ректор на УКИМ, сметаат од Студентски пленум, неопходно е прво да се спроведат транспарентни и демократски избори на студентите.

Во понеделник, велат од Пленумот, Сенатот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и новиот сенаторски состав ќе треба да одлучи дали ќе застане на страна на вистината, на страна на правото, на страна на професионалната етика и моралот и конечно да стави крај на нестатутарното, неодговорното и незаконското работење на Студентскиот Парламент на УКИМ и да не дозволи фалсификување на волјата на студентите.

„Ги повикуваме сенаторите да не дозволат дополнително да се валка името и репутацијата на нашиот Универзитет, да не им ги верификува мандатите на фалсификуваните сенатори и да не ја занемари нашата обемна аргументација и анализа која им беше испратена, и да не дозволат одлучување за било што без легални и легитимни претставници на студентите во состав на Сенатот“, реагираат од Пленумот.

Изборот за Ректор е закажан за во понеделник, а последни кандидати кои останаа во трка се Ненад Новковски, професор на ПМФ и екс-министер за образование и Никола Јанкуловски, актуелен декан на Медицинскиот факултет.

Инаку, во четвртокот студентите со герила акција најавија бојкот на изборите за Претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.