Студентски пленум се реактивира – ќе се бори за подобар студентски стандард и организирање

Иницијативата Студентски пленум која пред три години ја покренаа група студенти како резултат на нивниот револт против воведувањето на државен испит на сите факултети, вчера за првпат беа повикани во просториите на Министерството за образование и наука. Тие конечно добија прилика да бидат слушнати и да ги кажат своите ставови околу досегашните пропусти во високото образование.

По тивкиот период, со по некоја реакција за одредено прашање, Пленумот се реактивира, бидејќи според неговата членка Деа Здравковска, најголеми проблеми сега се студентскиот стандард и организирањето. Покрај ова, смета Здравковска, потребно е да се обрати внимание и на автономијата на универзитетите, како и работата на студентските правобранители.

По нивната средба со новата министерка за образование и наука, Рената Дескоска, беше соопштено дека ќе се формира Комисија во рамките на МОН што ќе работи на измените на Законот за високо образование. Но, за ова, како и за студентското организирање, веќе постоеа две комисии во склоп на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои се формираа по скандалозните студентски избори за нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Во нив имаше претставници од Пленумот и од Парламентот. Сепак, овие комисии немаа конкретни заклучоци, а седниците минуваа со жестоки расправии.

„Комисиите делумно работеа, од нив има некои заклучоци, предлози, што може да се искористат и во Законот за образование, но и во студентското организирање. Тие ќе бидат предложени пред новата комисија од наша страна“, вели Здравковска.

На прашањето дали во идните консултации ќе учествуваат и претставници од Парламентот, таа изјави:

„Министерката беше многу скептична за ова прашање. Рече дека воопшто не ни планира да ги легитимира Студентски парламент на тој начин што ќе ги викне на оваа комисија“.

Здравковска вели дека тие воопшто немаат контакт со актуелниот Парламент на УКИМ, а ниту пак се сигурни дека функционираат парламентите на матичните факултети.

„Искрено, јас сакам да бидам позитивна. Мислам дека и Студентски пленум после три години се надева дека ќе има некакви промени во државата, околу образовниот процес. Се надевам дека и дадовме на знаење и на самата министерка дека без разлика што можеби предолго траеше борбата, има уште студенти коишто сакаат да го работат ова, но и дека ќе застанат против секоја лоша реформа што ќе излезе од ова министерство“, рече таа.

Сепак, според неа, сега е полесно бидејќи споделувале речиси исти ставови со актуелната министерка.

„Студентскиот парламент како невладина организација нека си постои ако сака уште сто години. Целта на студентското организирање е да се формира студентско тело во рамките на универзитетот. Таков предлог даде Студентскиот пленум уште многу одамна. Затоа и кажав дека воопшто не ни се потребни да ги легитимираме, да ги бараме да учествуваат во овие процеси бидејќи да сакаа да учествуваат и да помогнат во овој процес, можеа милион пати претходно да земат учество“, потенцираше Здравковска.

„Дали ќе бидат конструктивни средбите со нив, од нашето искуство – не. Затоа, сметам дека треба да си останат невладина организација, којашто си прави проекти на страна, но да го застапуваат гласот на студентите и да донесуваат одлуки во управувачките тела – не“, додава таа.

Всушност, предлогот на Пленумци беше Парламентот да не фигурира како невладина организација, туку како студентско тело во рамките на универзитетите, со тоа што ќе има поголема контрола врз финансиите, но и врз изборите на претседател на Парламентот на УКИМ и на факултетите, како и врз нивните ингеренции во комисиите и студентските домови.

„Во правните одбори на Државниот студентски центар има претставник од Студентски парламент што не знаеме како се делегира“, забележа Здравковска.

Сега, вели таа, сакаат да ги поништат сите погрешни делувања на оваа студентска организација и да се направи нешто ново, во корист на студентите.

„Целта на Студентски пленум секогаш била да е транспарентен и јавен, односно одлуките и идеите ќе бидат објавувани од наша страна. Би било убаво да се организираат и јавни трибини за да дојдат студентите и да се запознаат. Пред се, едукација на студентите зошто е потребно да си ги знаат своите права и едукација на бруцошите“, предлага Здравковска.

Како една од првичните одлуки на МОН беше укинување на дисперзираните студии на УКИМ, како и на дел од другите универзитети, со објаснување дека тие се повеќе трошок, отколку што навистина има интерес за нив. Според Здравковска,  пред воопшто да се отвори било која дисперзирана студија, треба да има сеопфатна анализа дали таа е потребна, во кој град е потребна, колкава да биде квотата, кој ќе предава.

„Мислам дека ова можеби би била добра реформа пред десет години, но сега малку е доцна“, смета таа.

„Сметам дека пред се треба да се опфати и подобри наставата во веќе постоечките факултети, па потоа да се размислува како да се импплементираат дисперзираните“, заклучи таа.

Е.П.