Студентите во Чиле се судрија со полицијата, најавија дека остануваат на улица

Студентските демонстрации во Чиле се претворија во насилни откако полицијата употреби солзавец и водени топови за да го растури маршот. Демонстрантите одбија да тргнат по друга рута која им ја предложи полицијата во центарот на Сантијаго и започнаа да фрлаат со камења по нив, изјавија властите. Студентите, пак, велат дека биле брутално нападнати од полицијата.

Тие бараат од владата на Мишел Башле да ги забрза реформите кои гарантираат бесплатно универзитетско образование за сите Чилеанци.

„Изморени сме од чекање“, пишуваше на еден од транспарентите кои ги носеа студентите за време на протестот.

„Ќе останеме на улиците. Од денес, па натаму, очекуваме протестите да се зголемат“, изјави Марта Матамала, претставник на Студентската унија на Универзитетот во Сантијаго.

Претседателката Башле ја презеде функцијата во 2014 година, ветувајќи дека ќе воведе бројни социјални мерки за да се намали нееднаквоста.

Една од најспорните работи за време на владата предводена од нејзиниот десничарски претходник Себастијан Пинера, беше образовниот систем, за кој имаше критики дека го фаворизира приватниот сектор.

Таа тогаш изјави дека политиките кои им гарантираат бесплатно образование на сите, ќе покажат дека земјата се води кон вистинскиот правец. Сепак, минатата година, владата на Башле ги одложи реформите кога Чиле се соочи со економски пад, што предизвика големо разочарување кај граѓаните.

Во саботата, за време на годишното обраќање кон нацијата на претседателката, се одржаа насилни протести во Валпараисо. Демонстрантите поставија барикади и фрлаа молотови коктели каде се одржуваше Конгресот. Полицијата и тогаш употреби солзавец и воден топ.

Почина еден од полицајците од вдишување чад откако маскирани демонстранти запалија аптека и супермаркет.