Студентите со аутизам и нивните подготовки за универзитетскиот живот

Како што расте бројот на студенти со аутизам, универзитетите во Велика Британија се трудат да им помогнат и да им го олеснат нивниот социјален живот.

http://www.theguardian.com/education/2014/sep/09/students-aspergers-ready-university-life

„Јас сум доста пребирлива кога станува збор за храна. Сакам само авокадо и варени јајца“, објаснува Стефанија Хенсон, додека нејзина пријателка ја турка во количка. Се движат низ Адса во Пери Бар, Бирмингем, барајќи состојки за час по готвење.

Оваа активност е дел од тридневна летна школа за студенти со аутистични пореметувања, кои започнуваат со студии месецов. Програмата која е започната од Универзитетот на град Бирмингем (Birmingham City University), им помага на оние кои се академски многу способни, но не ги задоволуваат критериумите кога станува збор за успешно градење на социјален живот. „Тоа е и шанса за студентите кои имаат многу специфични диетски потреби да имаат мала пракса пред започнувањето на студиите“, вели Карин Куреши, менаџер за советување и ментално здравје на BCU.

Бројот на студенти со аутизам кои се запишани на факултет пораснал во изминатите неколку години – околу 200% повеќе во последните 5 години. Академиците веруваат дека порастот се должи на поголемата свест за аутизмот, и подобрите можности за оние кои боледуваат од пореметувањето да го достигнат својот потенцијал на училиште.

„Дијагнозата носи проблеми во извесни делови на земјата, генерално е полесно отколку што беше во минатото“, вели Џон Хардинг, претседател на Центарот за ресурси за лица со хендикеп на Универзитетот Кембриџ. Таму имало 26 студенти со аутизам во 2009, а сега има 122.

„Повеќето аутистични студенти имаат високо-функционален аутизам или Аспергеров синдром, а не класичен аутизам“, објаснува Вики Нил, координаторот во Лондон на Националното здружение на лица со аутизам. Студентите со Аспергеров синдром не се реплики на Шелдон Купер од The Big Bang Theory, иако високо-интелигентниот, асоцијален лик е идолизиран од некои студенти, потенцира таа.

Аспергеровиот синдром се поврзува со луѓе со просечен или натпросечен коефициент на интелигенција. Луѓето кои го имаат ова пореметување имаат помалку проблеми со говорот од оние со класичен аутизам, но сепак имаат некои потешкотии со разбирањето и процесирањето на јазикот. Ова може да значи дека понекогаш им е тешко да ги разберат инструкциите на предавачите, или да се справуваат со животот во амфитеатрите.

Со оглед на тоа што има се повеќе студенти-аутисти, академиците наоѓаат нови начини да им помогнат – од терапија со миленичиња до тренинзи за академици. Се поголем број на институции, вклучително и Бет, Кембриџ и Абериствит, нудат летни школи за да им помогнат на студентите да се прилагодат на студентскиот живот.

Но, студентите со аутизам се поранливи и почесто се откажуваат од факултет од останатите. Во 2011-2012 година, 53% од студентите со пореметување на социјалните и комуникативните вештини, или аутизам, не го завршиле високото образование. За споредба, се откажале само 2,6% од останатите студенти.

Студентите се наоѓаат во комплетно различни ситуации во кои зависат од своите социјални вештини, и мора да го следат шаблонот на однесување. Ова може да ги стави младите личности со аутизам во незгодна позиција – особено кога е вклучен и алкохолот како дел од секојдневието на студентите.

„Повеќето млади со аутизам кои се запишуваат на факултет всушност пијат алкохол прв пат во животот“, вели д-р Марк Броснан, кој одржува летна програма на Бет Универзитетот која ги обучува студентите за безбедно пиење.

„Не сум љубител на алкохол, ниту пак на забави. сакам да создадам нови пријателства, но не сакам да се најдам во преполна просторија со гласна музика. Чувствителна сум на гласни звуци, како и сите со Аспергеров синдром“, вели Хенсон.

Освен што одржуваат часови за практични работи, како готвење или користење на јавен транспорт, летните школи ги подготвуваат студентите и за попрактични работи, како тимска работа.На Кембриџ, персоналот оди на обука за тоа како може да помогне на студентите со аутизам. Универзитетот на Борнмаут вклучи и терапија со миленичиња, во соработка со Caring Canines, за да им помогне на студентите да изградат самодоверба за снаоѓање во разни социјални ситуации.

Каролин Атертон со помош на нејзиното куче Џек работи на социјалните и комуникативните вештини на студентите со аутизам. „Тие се способни да се поврзат со куче, бидејќи кучињата немаат стереотипи и не им судат. Имавме еден студент кој беше ужасно нервозен бидејќи треба да презентира, па му понудив да презентира пред Џек, и веднаш му се подобри самодовербата“, вели таа.

Сахил Сингх Гијрал, кој бил замолен да напушти дури 13 училишта додека растел во Тексас, сега е првиот студент со аутизам кој добил стипендија за докторат од Welcome Trust фондот.

„Државниот образовен систем мора да ги поддржува студентите со аутизам, да се приспособи на нивните слабости и да ги поттикне нивните посилни страни“, вели тој.

Повеќе од четвртина од дипломците со аутизам се невработени – околу половина повеќе од било која друга група со хендикеп. За Хари, студент со Аспергер кој е трета година на Универзитетот на Бирмингем, универзитетот не е само за образование и наоѓање на работно место.

„На училиште ме малтретираа бидејќи сум поинаква, но на факултет тоа никогаш не претставуваше проблм. Овде прв пат имав прилика отворено да кажам дека имам аутизам“.

Извор: Guardian

Превод: С.Т.