Студентите на УКИМ утре ќе кажат каква форма на студентско организирање сакаат

Студентите од кој било циклус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје утре на 23 факултети ќе имаат можност да го кажат својот став за тоа каков модел на студентско организирање сакаат, гласајќи на првиот неформален и необврзувачки референдум. Прашањето на кое ќе треба да одговорат е „Дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?“.

Во периодот од 9 до 17 часот, студентите ќе може да го остварат своето право на глас на матичните факултети со приложување на индекс или студентска легитимација. Избирачката комисија по завршувањето на гласањето ќе ги брои гласачките ливчиња во избирачките места, јавно. Потоа ќе биде изготвен записник со резултатите и забелешките од гласачките места.

„Референдумот, иако неформален и необврзувачки, претставува важна алатка за искажување на ставовите на студентите на УКИМ и практикување на алтернативна форма на студентско организирање, во моменти кога претставничкото тело е безгласно и не е легитимен претставник на студентите. Затоа и ќе пробаме да обезбедиме непречен процес на гласање, кој за прв пат ќе им овозможи на студентите да практикуваат демократија“, велат од Студентски пленум.

Тие и претходно изјавија дека се за модел кој ќе обезбеди поголема контрола врз парите на Студентскиот парламент и начинот на кој се спроведуваат студентски избори за претставници. Според нив, СПУКМ треба да биде тело во рамки на Универзитетот, бидејќи досега функционираше како невладина организација.

Референдумот првично требаше да се одржи на 28 септември, но беше одложен бидејќи голем број на индекси беа на заверка во студентските служби, а со тоа ги оневозможуваа студентите да гласаат. Исто така, добар дел од нив се уште не беа вратени од летните размени во странство.