Студентите и професорите на протести пред изборот за ректор на Универзитетот во Загреб

Учесниците на протестот „Универзитетот мора подобро!“, кој синоќа се одржа во хрватскиот главен град по повод денешниот избор на ректор на Универзитетот во Загреб, упатија критики кон актуелниот ректор Дамир Борас, кој повторно е кандидиран за функцијата, повикувајќи ги членовите на универзитетскиот сенат да ја проверат својата совест пред гласањето.

Мандатот на Борас, според демонстрантите, бил обележан со бројни афери, како заштита на плагијатори, тужби против студенти, неконтролирано трошење средства, оправдувања за незаконско постапување низ универзитетската автономија, отпуштања на критичките професори и примање послушници.

Во центарот на Загреб, помеѓу зградата на Универзитетот и Хрватскиот народен театар демонстрантите носеле транспаренти на кои пишувало „Автономија ≠ автократија“, „К плус универзитет“, „Не ги сакаме тужбите и дружбите на Борас“.

„Ова е наш Универзитет и нашата должност е да не допуштиме негова деградација или приватна злоупотреба. Овде сме затоа што сме свесни на важноста на моментот и нашата должност е да бидеме коректив на оние кои со години го водат во пропаст“, рекла студентката Доротеа Шушак, пренесуваат агенциите.

„Не сакаме Универзитет кој освен академската етика и чест пропагира плагијаризам, па дури и формално создадени фирми за плагијаризирање семинарски, дипломски, па дури и докторски трудови. Не сакаме Универзитет чија управа не се грижи за социјалниот статус и злоупотребата на студенти, поделби на стипендии и сместувањето во студентските домови“, додала Шушак.

Протестите добиле поддршка и познатиот хрватски научник Иван Ѓикиќ, како и од поранешниот ректор на Загребскиот Универзитет Алекса Бјелиш.

Професорот од Филозофскиот факултет, Ненад Ивиќ, рекол дека Универзитетот постои за да ги натера луѓето да размислуваат и кога ќе научат да размислуваат, да станат граѓани на републиката.

„Овој Универзитет четири години не е република, туку олигархија и затоа прашањето е дали може подобро. Мислата на овој Универзитет венее, а власта во него не ги следи младите, туку е стара и немоќна и единствената моќ која ја има е моќта за сопствен опстанок“, рекол Ивиќ.

Ректорот на Универзитетот во Загреб ќе биде избран од универзитетскиот сенат на вонредна седница денес. Во трка за функцијата покрај актуелниот ректор Борас е и професорот на Природно-математичкиот факултет, Дамир Бакиќ.  Негативни реакции во хрватската јавност има и на одлуката на управата на Универзитетот да не се дозволи медиумско присуство на седницата на сенатот.