Студенти оставиле ананас на изложба, посетителите мислеле дека е уметничко дело

Двајца студенти од Шкотска тврдат дека успеале да „прокриумчарат“ ананас кој го купиле за една фунта од супермаркет, како уметничко дело, откако го оставиле на изложба на нивниот универзитет.

Руаири Греј, студент на технологија и бизнис информатика на Универзитетот Роберт Гордон во Шкотска и неговиот пријател Лојс Џек, наводно го оставиле овошјето на изложбата Look Again (Погледни повторно), надевајќи се дека може да биде погрешно сфатено како уметност.

Кога се вратиле четири дена подоцна, сфатиле дека ананасот е сместен во стаклена кутија. Греј (22), изјавил за британските медиуми: „Видов празен излог и решив да видам колку долго ќе стои таму и дали некој ќе поверува дека е уметност.

„Се вратив по четири дена и видов дека е сместен во стаклен излог. Тоа е најсмешното нешто што ми се случило цела година. Еден надзорник го виде и праша професор по уметност дали е вистинско, бидејќи не му се веруваше“.

Натали Кер, културен асистент на фестивалот која ги организирала излозите, вели дека таа не го сместила ананасот, бидејќи е алерична.

„Ја преместувавме изложбата. Се вратив 10 минути подоцна и ананасот беше во голем стаклен излог“, вели таа.

„Мала мистерија е – стаклото е прилично тешко и се потребни двајца или тројца да го преместат. Немам поим кој го направи тоа. Но, сè уште е таму. Решивме да го задржиме бидејќи е во склад со игривиот дух на оваа изложба“.

Случајот е сличен на еден од минатата година, кога 17-годишен ученик остави пар очила на подот во Музејот на модерна уметност во Сан Франциско. Исто како и ананасот, очилата беа погрешно сметани за уметност, а присутните на изложбата ги фотографираа. На крај, очилата беа продадени како оригинална поставка за голема сума на пари.