Студенти и професор на ФЕИТ направија дрон за 3Д мапирање во реално време

Еден професор, еден магистер и тројца студенти работат светска иновација, дрон за 3Д мапирање, на Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје. Тие се дел од „Vision Dynamix“ која работи како „спин оф“ компанија на ФЕИТ каде благодарение на грантот од 30 000 евра кој го добиле од Фондот за иновации и технолошки развој, добиле можност да работат на научно истражување кое наскоро треба да биде преточено во комерцијален производ.

Нивниот дрон создава тридимензионални мапи во реално време, додека е во лет, благодарение на моќниот компјутер го обработува снименото видео, кој постојано е врзан со 4G мрежа со фирмата која ќе врши мапирање. Ваков систем се уште не постои, велат од „Vision Dynamix“, горди на тоа што иновацијата е речиси подготвена за претставување на светскиот пазар. Основачи на компанијата се профeсорот Миле Станковски и неговиот поранешен магистрант Душко Муртовски, а во неа работат студентите и идни магистри Андреј Георгиевски, Столе Јовановски и Стефан Златинов.

Сторијата е направена во рамките на проектот „На час“, кој е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.