Студ, бирократија, стереотипи – бројни предизвици за волонтерите во бегалските центри

Без соодветни услови во прифатните центри во пресрет на зимата, како и сложен процес на добивање документи што мора да го помине секој што сака да им помогне на бегалците се причини за ограничување на хуманитаризмот. Ова дополнително придонесува во создавање стереотипи кон овие луѓе, сметаат волонтерите кои постојано се на терен со бегалците.

Изминативе неколку месеци низ Македонија поминаа неколку стотици илјади бегалци и економски мигранти. Многу граѓани се ангажираа да го олеснат нивното поминување низ Македонија, меѓу нив беше и Габриела Андреевска.

Таа активно се вклучи така што секојдневно беше со нив на граничните премини. Но, за да има статус на волонтер било потребно да помине многу бирократски процедури, што според неа значително ја ограничува желбата да се помогне.

Според неа, македонското население се уште чувствува стереотипи кон бегалците, бидејќи голем број луѓе се уште не го признаваат бегалското или мигрантското движење.

„Доста е со кроасани, и тие се потребни, но мора да се излезе од тој менталитет само на кроасани што не ограничува. Мора да сфатиме дека ние не се бориме за нив, туку со нив, особено како земја што сме во развој, која директно е погодена од глобалната експлоатација. Ние мора да сфатиме дека се бориме со нив и тоа е тој аспект на солидарност и емпатија, наспроти тој дух на милосрдие“, смета Андреевска.

Како сериозен проблем со кој моментално се соочуваат го посочи греењето.

„Немаме греење и тоа е многу голем проблем. Доаѓаш во ситуација кога си соочен да гледаш луѓе кои палат огнови бидејќи се очајни и немаат веќе што да горат, па доаѓаат до ситуација да горат пластични шишиња и кесиња, немајќи со што да се згреат“, вели Андреевска.

Во однос на соработката помеѓу граѓанскиот сектор и државата рече дека подолго време се одржуваат координативни состаноци, но според неа се уште постои голем јаз.

Неодамна државите на север воведоа забрана за влез на државјани коишто не припаѓаат на Сирија, Авганистан и Ирак, кон што се приклучи и Македонија. Меѓународните организации, меѓу кои и Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) жестоко реагираа. Тие посочија дека државите се должни да ги почитуваат стандардите и статусот на бегалец да се одредува според индивидуални, лични заслуги, а не според националноста.

„Националноста не може да биде таа којашто одредува дали некој е бегалец или не, иако за Сиријците националноста одредува дека сите се бегалци, не постои механизам кој постои што одредува дека одредена националност не содржи воопшто бегалци“, вели Љубинка Брашнарска од УНХЦР, која во организацијата се вклучила откако одреден период била една од волонтерите коишто им помагале на бегалците.

Таа забележа дека она што недостасува е план за нпредвидени ситуации, кои ќе ги образложи можните начини на кои државата ќе одговори ако се случи непредвидена ситуација.

„Оградите не се решение, не се ниту за регулирање на текот, а дефинитивно би можеле да доведат до многу страдање кај луѓето. Се надевам дека нема да има потреба да се постави, бидејќи и државните институции најавија дека тоа е навистина најкрајната можна мерка што би била преземена, а не и следна. Се надевам дека нема да гледаме нови огради на Балканот“, рече Брашнарска.

Брашнарска и Андреевска беа дел од работилницата што синоќа ја организираше левичарското движење „Солидарност“. Таа се одржа во рамки на кампањата која има за цел да ја крене свеста кај јавноста за луѓето кои бегаат од различни форми на страдање. Тие им порачаа на луѓето да дојдат и да ги запознаат бегалците откако претходно ќе ги контактираат организациите што се овластени да помагаат на терен.

Е.П.