Стружани ја „затворија“ депонијата и побараа долгорочно решение за градскиот отпад

Првото барање на иницијативата „Доста“ за гасење на дивата струшка депонија се исполни. Меѓутоа, ова е краткотрајно решение за загадувањето што го трпат стружани, кои вчера преку протест потенцираа дека доколку не се дислоцира депонијата, односно не се определи локација за безбедно одлагање на градскиот отпад, за брзо време ќе се соочат со истиот долгогодишен проблем.

Протестот се одржи во чаршијата во Струга. Освен што побараа од централната и локалната власт под итно да се ангажираат за нова локација, активисти од иницијативата свечено ја затворија депонијата поставувајќи рампа со натпис „Затворено“.

„Честито затворање и никогаш повеќе да не се отвори“, порачаа активистите на „Доста“.

Граѓаните потенцираа дека општина Струга складира околу 130.000 метри кубни отпад на годишно ниво.

„Ако дозволиме повторно да се складира отпад на оваа локација тоа би значело дека за два-три месеци повторно ќе го имаме истиот проблем кој со маки успеавме да го решиме“, изјавија од „Доста“.



Фото: Фејбук