Стрип-изложба и проекција на краткиот анимиран филм „Реквием за Пинокио“ во „Concept 37“

Краткиот анимиран филм „Реквием за Пинокио“ на сараевскиот аниматор, стрип-цртач и режисер Берин Тузлиќ, кој годинава влезе во официјална селекција на Канскиот филмски фестивал, и стрип-изложбата базирана на филмот, ќе има можност да ги види и ужива и македонската публика. Стрип – изложбата и проекцијата ќе се случат на 26 мај во „Concept 37“, со почеток во 20 часот.

„Реквием за Пинокио“ е емотивна приказна, која ме потсети на почетокот на војната во Босна, и моето чувство како дета, кога целиот свет ми се промени потполно, и тоа преку ноќ. Тука е симболиката на Пинокио, кој го преживеал босанскиот хаос, за да погине во Париз. Тоа го толкувам како една судбина, што не следи сите нас – кои ја преживеавме војната, но, на некој начин „умревме“, односно дел од нас е убиен, за што ќе станеме свесни кога најмалку се надеваме – можеби токму во мирот и тишината на една европска метропола“, вели авторот за филмот.

Тој е роден во 1968 година, во Сараево, и се образувал во областа на анимацијата, во родната Босна, а потоа во Франција, Канада, Данска и Хрватска. Она што го краси неговиот опус се квалитетно продуцираните кратки анимирани арт филмови, со кои учествувал во над 20 меѓународни фестивали низ целиот свет: од Франција, Јапонија, САД, Кина и регионов.

Автор е на 50 стрип албуми, 50 музички видео спотови, 30 кратки анимирани филмови, над илјада минути адвертајзинг анимации. Сопственик е и креативен директор во најголемата маркетинг агенција во Босна, „Виа Медиа“, основач на здружението за уметност и визуелна комуникација „Пиксел“, а за неговата сестраност потврда се и музичките изданија реализирани со неговиот бенд „Безбели апстраклије“ и проектот „Драмелоди“, спој на ритам, анимација, видео и „лупови со поинакви звуци и музички аранжмани“.