Стопирана изградбата на новиот Луна парк во Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ја стопираше изградбата на новиот Луна парк. Како што јави порталот „СДК.МК“, новата градска администрација планира проектот да го даде под концесија на приватен партнер, којшто би требало да го изгради и да стопанисува со него.

Идејата според Шилегов е да се заштедат планираните финансиски средства од градскиот буџет, но во изминативе години се покажа како неуспешна, пишува „Билд.мк“. Претходниот градоначалник Коце Трајановски во неколку наврати распишуваше повици за пронаоѓање на приватен концесионер, но ниту во еден случај не го пронајде. Првиот тендер беше распишан во 2011 година, а последниот обид заврши без успех на почетокот од 2014 година.

Претходното раководство на Град Скопје уплати над 2,1 милион евра за набавка на седум реквизити од идниот Луна парк.

Проектот за изградба на новиот Луна парк во Скопје започна да се реализира минатата година. Ќе зафаќа површина од 40.000 метри квадратни и за него се предвидени 6,5 милиони евра. На просторот треба да се постават 26 реквизити за возење и забава, меѓу кои и два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити.