Стојковски: Изготвен е предлог-концептот на Законот за високо образование

Изготвен е предлог – концептот на Законот за високо образование, кој со мали забелешки бил прифатен и од Mинистерството за образование и наука, соопшти денеска ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски на одбележувањето на патрониот празник на универзитетот.

Тој смета дека од овој концепт треба да бидат задоволни сите засегнати страни.

„Концептот се заснова на основните постулати на академската слобода, функционирање и поставеност во општеството на сите универзитети во Европа. Не иновираме, измислуваме нешто локално, за нас, туку ги преземаме позитивните практики од развиените европски земји. Тоа ќе биде закон којшто ќе се базира на универзитетска автономија, финансиска автономија, автономија во наставните програми и некои други елементи. Се разбира дека финалната верзија ќе си го каже своето, но ова како што е поставен концептот сметам дека сите треба да бидат задоволни“, изјави Стојковски.

Од Студентскиот пленум денеска потсетија дека со неговото напуштање на работната група, а со тоа и на преговорите со Министерството за образование и наука, не би можел да се донесе концепт со кој би биле согласни сите засегнати страни.

„Недозволиво е Ректорот да го толерира однесувањето на Министерството, особено земајќи предвид дека работната група требаше првата фаза да ја заврши пред два месеци, а тоа не се случи поради одолговлекувањето и арогантниот однос на МОН. Поради тоа, Студентски пленум ја бојкотира секоја одлука на работната група УКИМ-МОН“, стои во соопштението на Студентски пленум.

Ректорот Стојковски очекува да се направи ревизија на сите измени, со цел да се добие пречистен текст што ќе биде квалитететен, применлив и употреблив, со оглед на тоа дека овој закон претрпе 15 измени за само шест години.