Сто дена окупација на киното „Ѕвезда“ во Белград

По повод сто дена од окупацијата на киното „Ѕвезда“ во Белград, синоќа премиерно за белградската публика беше прикажан документарниот филм посветен на борбата за оживување на оваа кино сала. Во филмот се прикажува како течела окупацијата од првиот ден.

Желбата на десетината активисти, кои се уште го окупираат киното, е тоа да прерасне во културен центар. Најавуваат дека ќе продолжат да живеат во просториите на киното, но потсетуваат дека и понатаму не е донесено никакво конечно решение.

Претходно, тие го повикаа Министерот за култура, Иван Тасовац, да го преземе културното добро, како што велат активистите, од „несовесниот сопственик“ и да го додели на оној кој ќе се грижи за негово одржување и кој има намера да го претвори во културен центар.

„Јасно дефинираната цел води и до јасниот проблем поврзан со прашањето за регулирање на сопственоста. Овој пат, пред јавноста, по сто дена, излегуваме со можни решенија“ велат активистите, објаснувајќи дека испратиле допис до Министерството за култура.

Тие го посочија член 33 од српскиот Закон за културно наследство, кој предвидува дека ако сопственикот не ги извршува мерките за заштита или не го стори тоа како добар домаќин, но и ако привремено или трајно биде напуштено, при што постои можност дека ќе биде уништено или оштетено, Министерството за култура може да нареди објект на културното наследство да се предаде на физичко или правно лице кое ќе внимава на мерките за негова заштита.

Активистите потсетија дека ова прашање засега и 300 оштетени работници од поранешните компании, дел од Белград филм. Во рок од 60 дена, министерот за култура ќе добие шанса да го покаже ставот на власта и да каже дали е подготвен да ги поправи грешките.

Со оглед на тоа дека само сметката за струја месечно чини 80.000 динари (речиси 700 евра), групата ги повика оние кои сакаат да им помогнат во независното функционирање кино „Ѕвезда“ да се вклучат во акцијата и да донираат средства преку интернет платформата IndieGoGo. Претходно, тие започнаа кампања за собирање на донации и на Kickstarter.

Киното „Ѕвезда“ важи за едно од најстарите европски кина, а тоа до неодамна, заедно со уште 13 кино сали кои беа дел од „Белград филм“, било напуштено и речиси уништено. Со окупацијата, активистите повеќе од три месеци се обидуваат да го свртат вниманието на надлежните, со цел овој објект да се обнови.

Извор: B92 / Blic