Стив Колмен, Марк Рибо и Ентони Џозеф вечерва на Скопје џез фестивал

Вечерва, со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет (МОБ), а во рамки на Скопје џез фестивалот ќе настапи американскиот саксофонист Стив Колмен со легендарните Фајв елементс (Five Elements).

„Иницијално инспириран од саксофонистите Чарли Паркер, Сони Ролинс, Џон Колтрејн, Вон Фримен и Банки Грин, Колмен од 1985 година го дополнува џезот со своето уникатно, оригинално свртување. Тој е еден од основачите на таканареченото M-Base движење, во чија рана фаза беа вклучени и Грег Озби и Касандра Вилсон. Со својата долготрајна група Five Elements, Стив Колмен издаде дузина албуми, како што се легендарните ‘Rhytm people’, ‘Black Science’, ‘The Thao of Mad Phat’, а од поновиот период ‘Functional Arrhythmias’”, се вели во најавата на Скопје џез фестивалот.

Подоцна, од 22 часот, на истата локација, ќе се претстави американскиот гитарист Марк Рибо со проектот Јанг Филаделфијанс (The Young Philadelphians).

„Во тек на 35-годишната кариера Марк објави над 20 албуми под сопствено име, истражувајќи сѐ, од Алберт Ајлер со групата ‘Spiritual Unity’ па до кубанската музика на Арсенио Родригез со две одлично примени изданија под името ‘Marc Ribot Y Los Cubanos Postizos’. Неговото пост-рок трио, Ceramic Dog го продолжува наследството на неговите претходни експериментални групи Rootless Cosmopolitans и Shrek. Последната смела авантура на Марк Рибо се The Young Philadelphians кои оддаваат почит на двојното наследство: зашеметувачкиот хармолодичен панк-фанк на легендарниот Prime Time бенд на Ornette Coleman и слаткиот, оптимистички пулс на стариот звук на филаделфискиот соул. Покрај басистот Џамаладин Такума и тапанарот Калвин Вестон, обајцата од Prime Time, родени во Филаделфија, при реализацијата Рибо вклучува уште еден соработник на Орнет – Ал МекДауел и тричлена гудачка секција“, се додава од Скопје џез фестивалот.

Полноќен концерт, пак, во Дансинг салата на МКЦ ќе има Ентони Џозеф со својата група.

„Антони Џозеф е поет, писател, музичар и предавач роден на Тринидад, кој живее во Велика Британија, и ги спојува соул, фанк и карипските мелодии. Неговиот последен албум, “Caribbean Roots”, објавен во 2016 година претставува бескомпромисно враќање кон корените. Како и секогаш, Џозеф останал доследен на моќното, длабоко всадено чувство на сопствениот карипски идентитет“, стои во каталогот на фестивалот.

Денеска, пак, со почеток во 15 и 16 часот, во кино „Фросина“ ќе се одржат презентацијата на Ичо Видмар „New Music In New York” и проекцијата на документарниот филм „The Jazz Loft According To W. Eugene Smith“.