Стипендии за студирање на најдобрите светски универзитети

Министерството за образование и наука информира дека во тек се конкурсите за доделување на стипендии за граѓаните на Република Македонија коишто во академската 2018/2019 година, ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката, според последната објавена ранг листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.

Покрај главниот услов за доделување на овие стипендии, а тоа е уписот на студии на некој од најдобрите 10 универзитети во светот од сите области, односно еден од најдобрите 100 универзитети од наведените области, секој потенцијален кандидат треба да е државјанин на Република Македонија, да не е корисник на стипендија од друг давател, да поседува доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата и да има постигнато одреден успех во текот на претходното образование (просечна оценка од 4,5 во текот на средното образование, доколку аплицира за стипендија за додипломски студии,  односно 8,5 во текот на првиот или/и вториот циклус на студии доколку аплицира за стипендија за постдипломски, односно докторски студии).

Износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и ги покрива трошоците за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, повратен авионски билет и месечен паричен надомест.

По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата имаат обврска да се вратат во Република Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање.

Сите подетални информации за условите, критериумите, потребните документи и пропишаните обрасци за аплицирање, заинтересираните кандидати можат да ги обезбедат преку интернет страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.

Крајниот рок за аплицирање е 31 август 2018 година.