Стигна маслото од канабис на рецепт, лекарите ќе го препишуваат на оние што имаат пари да го купат

Маслото од канабис со повисока концентрација на супстанциите кои се користат за лечење, ТХЦ и ЦБД, веќе може да се најде во некои аптеки, но по „изгор“ цени. Тоа се продава само преку рецепт и е наменето за пациенти со малигни заболувања.

Едниот препарат содржи 300 милиграми ТХЦ+ 300 мг ЦБД во пакување од 120 милилитри, додека другиот има 600 мг ТХЦ+ 600 мг ЦБД во пакување од 240 милилитри, и двата во производство на фармацевтската куќа „Реплек“. Тие се продаваат по цена од 5 544 денари за „каноил канц 300“ и 9 240 денари за „каноил канц 600“.

Според законските одредби, ова масло од канабис ќе може да го препишуваат невролози, инфектолози, радиолози и онколози, со цел да се намали болката кај пациенти со епилепсија, ХИВ, со мултиплекс склероза и кај малигно болните.

Лекарите од овие оддели уште во март имале обука за тоа како да го препишуваат препаратот. На обуката присуствувал и директорот на Клиниката за онкологија Милан Ристески, кој за Радио МОФ вели дека интересот кај пациентите за овој препарат е огромен, но нагласува дека рецептот се издава единствено на барање на пациентот.

„Бидејќи не е на позитивната листа на лекови, рецептот се издава на барање на пациентот, односно тој самиот го купува. Не можете да терате пациент којшто нема пари да го купува. Ние не смееме да правиме маркетинг на ова. Значи пациентот бара и ние тогаш го препишуваме“, вели Ристески.

На прашањето дали лекарите се спремни да го препишуваат овој препарат, со оглед на тоа дека немало ваква пракса претходно, тој кусо одговори:

„Ние го препишуваме, но притоа знаеме да му објасниме на пациентот колкава е неговата безбедност, како полека треба да ги гради дозите“.

Според него, канабисот е голем предизвик за истражување, но и финансии.

„За канабисот, не само ние, туку во светот, се знае едвај еден процент од неговиот потенцијал. Дури сега светот учи што е тоа. Канабисот е неверојатно огромен предизвик за истражување, но за тоа треба финансирање, инаку ќе се органичиме на мали студии, кои ќе покажат мал учинок. Се додека нема големи студии, со голем број на испитаници, ние само ќе се прашуваме и ќе погодуваме“, забележа Ристески.

Според Давор Смиланов, доктор по општа медицина и дел од ХОПС, се уште постојат многу недоследности во целиот процес. Тој смета дека сепак е позитивно тоа што со менување на законската регулатива и обидите за медицинска употреба на канабисот, се менуваат и ставовите.

„Почнува јавна дебата и разговор, но постојат и негативни работи. Пред се, нетранспарентноста, во однос на таа дебата во стручните кругови и меѓу сите инволвирани коишто го менуваат законот, општата јавност не е информирана, дури и ние како невладина организација. Кои се стручните лица кои ќе бидат вклучени во тој процес на лекување? Но, времето ќе покаже дали имаме компетентни лица, од причина што поради недостиг на доволно информации и нетранспарентност не можеме реално да ги согледаме работите сега. Треба да измине одредено време и да видиме како тој процес ќе се одвива“, смета Смиланов.

Притоа, додава, лекарите кои ќе го издаваат рецептот за маслото мора да бидат соодветно обучени.

„Стручните лица кои треба да го издаваат рецептот во најмала рака треба да бидат обучени, едуцирани, во некои центри во коишто тоа веќе се правело. Исто така, тие треба да имаат желба за да работат со тој лек и да им помагаат на оние на коишто ќе биде наменет. Не е само лекот да се припише на рецепта и да се плати за него. Крајната цел е да ги видиме бенефитите од лекувањето со масло од канабис“, подвлече Смиланов.

Сепак, според активистите со кои Радио МОФ контактираше, концентрацијата на овие масла е доволна само за спречување на нус појави од хемотерапија, но не и за лекување. Тие појаснуваат дека во еден милилитар од „нелегалното“- домашно направено масло од канабис има 800 милиграми од психотропната супстанција ТХЦ. За споредба, во „легалниот“- фабрички направен препарат  масло во количина од 120 и 240 милилитри има по 300, односно 600 милиграми, што е далеку послаба концентрација.

Филип Достовски, активист: Во септември е најпогодно да се бере дивиот коноп за масло

Во јуни, за првпат во аптеките низ државата се појави масло од канабис, но во помали количини, па за него граѓаните немаа потреба да бараат рецепт. Сепак, уште на самиот почеток тие беа револтирани од цените, за кои велеа дека се повисоки и од оние на црниот пазар. Законот за медицинска употреба на канабисот започна да важи од почетокот на годината, и покрај апелите на невладиниот сектор дека е избрзан и уште повеќе ќе ја ограничи употребата на оваа билка при лекување.

Маслото од канабис стигна во аптеките, цените повисоки од црниот пазар

Е.П.