Стевчо Јакимовски пушти во употреба своја мобилна апликација за да биде поблиску до граѓаните

Со цел да комуницира непосредно со своите граѓани, градоначалникот на општина Карпош и лидерот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, пушти во употреба своја мобилна апликација за паметни телефони.

Од општината соопштуваат дека целта на апликацијата е да се следат светските трендови. Воедно, ветуваат дека градоначалникот ќе биде постојано достапен онлајн .

„Граѓаните, освен што побрзо ќе бидат запознаени со сите случувања и настани во Општина Карпош, самата апликација им нуди можност да пријават проблем на кој надлежните општински служби навремено ќе реагираат“, информираат од општината.

Апликацијата може да се најде на Android Play Store под името Стевчо Јакимовски.

Од она што може да се види на страницата, апликацијата досега ја презеле стотина корисници. Таа е последен пат ажурирана пред четири дена, а мислењата на корисниците се поделени. Дел сметаат дека ова е одлична идеја, додека други, ја оценуваат како „забегана“.