Стефани Радевска: Првото место на натпреварот за Cisco ми ја зголеми желбата да се надоградувам уште повеќе

Стефани Радевска од Скопје годинава победи на најголемиот натпревар во областа на компјутерски мрежи. Таа го освои првото место на натпреварот Cisco NetRiders во категорија CCNA за регионот Европа, Русија и ЦИС од над 1 000 пријавени кандидати. За Радио МОФ вели дека победата воопшто не била очекувана, туку за достигнување го сметала и тоа што стигнала до топ 20, односно до третата рунда.

„Чувството да се победи на ваков натпревар е неописливо, мене на некој начин уште не ми реално“, вели таа.

„Мислам дека една ваква награда на млад човек му помага да си ги прошири хоризонтите, да стекне нови искуства знаења и само да му ја зголеми желбата за уште повеќе надоградување во иднина“, додава.

Најголема поддршка добила од нејзината професорка и менторка Марија Феро. За спремањето, пак, вели дека доколку се има желба и мотив не е тешко.

Радевска е дипломирана на Факултетот за електротехника и информациски технологии на смерот за Телекомуникации и информациско инженерство. Но, бидејќи ги немала соодветните предмети за да се насочи спрема мрежите, одлучила да се запише на курсот за Cisco при Академијата Сивус. За условите на факултетите, пак, забележува:

„Се трудат да ги одржат во тек со технолошкиот развој и мислам дека се доволно во тек. Соодветни услови за вежбање и нема баш, лабораториите не се најдобро снабдени со опрема“.

Компјутерските науки отсекогаш се сметале за „машка работа“, но според Радевска, тоа веќе се менува.

„Барем мојата генерација сега на факултет немаше некое големо отстапување во бројот меѓу машките и женските. Сметам дека (девојките) се уште не се толку вклучени, а за ценењето уште помалку“, смета таа.

„Технологијата си го прави своето, целото време на интернет и на компјутери наметнуваат тие науки да станат атрактивни“, забележува Радевска.

Сепак, младите кои се стекнале со компјутерски вештини, се почесто решаваат да си заминат од државата во потрага по поголема заработувачка. На прашањето што нејзе би ја спречило да си замине, таа нагласува:

„Вреднување на знаењето, почит и непотценување за тоа дека немаме работно искуство. Поставеноста на претпоставените е исто така битен фактор“.

Наградата што ја освои е еднонеделно студиско патување во седиштето на Cisco во Сан Хозе, Калифорнија и бесплатен сертификациски испит.

„Моите очекување се да се запознаам и да се поврзам со другите победници од другите региони. Да ги видам работните простории на ЦИСКО и ако имам среќа да воспоставам комуникација со некој од вработените од таму“.

Емилија Петреска