„Stay different“ – филм за подвигот на жената што со велосипед ја обиколи Македонија

Марија Дибиаџио е македонска иселеничка во САД. Таа е активист, спортист и хуманитарец, но и произодител на спортска опрема. Дел од производството од Њујорк го донира за маргинализирани групи во Македонија. Дибиаџио утре во киното „Фросина“ од 20 часот ќе го презентира документарниот филм „Stay different“ (Остани различен), чија цел е поттик за жените во спортот и поттик за хумани дела.

Таа за Радио МОФ вели дека идејата била со возење велосипед и трчање да ја обиколи Македонија. Да крене свест за здрави животни навики. Да се отвори и дискусија за статусот на жената.

„Мислам дека сум првата жена во Македонија што ја има обиколено земјата на овој начин. Во филмот се прикажани делови од Македонија, разни знаменитости и убавини. Пример, во Берово е објаснето за најстариот занает на разбој. Исто така, прикажан е и претприемачки дух – жената преку свој бизнис може да прави филантропски дела, да донира секоја година. Тоа не е невозможно“, вели таа.

Филмот го подготвувале неколку месеци во однос на локациите и рутата. Меѓувремено формирале и тим за предизвиците по патот. Бобан Ристовски – волонтер до Црвен крст, Борис Каески како снимател и Алтан Сулејман е фотограф кој се погрижил за кадрите со дрон. Милена Митровска, пак, им помогнала како техничка поддршка, со вклучување во живо на Фејсбук.

Целта било да ги заобиколат, опфатат сите четири граници од соседните држави.

„Почнавме од Крива Паланка, границата со Бугарија. Во Пробиштип ни беше првото преспивање, потоа Берово, Дојран до Демир Капија, Кавадарци до Ресен, па преку Галичица до Охрид и границата на Албанија. Возевме до Дебар, па моравме да правевиме пауза. Во тој период во мај ‘удрија’ поројните дождови“, објаснува Марија.

Накај Марово наишле на тешки услови. Било невозможно да се вози велосипед. По два дена пауза во Скопје, последните кадри од филмот се снимани кај училиште со дечиња.

Турата траела шест денови. Следна станица е утрешната премиера на документираното во „Фросина“. Дибиаџо е задоволна и планира по Скопје филмот да се прикажува и на фестивал во Њујорк и на калифорнискиот „Women sport film festival“.

„Тоа се интернационални фестивали каде се промовираат жени и спорт. Од друга страна, преку преку Здружението ‘Розова поддршка’ оваа година донациите одат за деца од планински села. Се работи за девет дечиња од комплетно отсечени села. До училиште во еден правец одат по 30-40 минути, пешки. Генерално, оваа година во фокусот се токму деца од социјално и образовно нестабилни средини. Да се поддигне свест и да им се помогне“, вели таа.

Здружението во 2014 организирала розова трка за деца со оштетен вид, а потоа поддршка и за операцијата на матични клетки за Јоце Блажевски. Исто така, бил инициран и настан за Ведран Велковски, детето што со својот татко ја преживеа поплавата на скопската обиколница, но ги загуби помалото братче и мајка си.

„Треба да даваш на општеството, кое те прави тоа што си“, вели Дибиаџио.

 

Trailer Stay Different

Posted by Di Biaggio NY on Tuesday, September 12, 2017

Бојан Шашевски