[Став] Зошто на мојата генерација ѝ е толку здосаден животот?

Ретко проаѓа ден без нови резултати кои индицираат на нешто шокантно или депресивно за „милениумците“. Ние сме генерација која е анализирана во реално време, а нашето однесување и нашите одлуки се константно собирани во инфографици кои нѐ прогласуваат за највегетаријанската, импотентна, полово-флуидна група во познатата историја.

Сепак, минатата недела беа објавени резултатите на анкета со заклучок кој ме натера да станам и да забележувам нешта околу мене, барем на една минута. Наводно на две третини од милениумците животот им е здосаден. Дваесет и седум проценти сметаат дека телевизијата е досадна, еден од шестмина се презаситени од социјалните медиуми, а 25 отсто од нас чувствуваат досада дури и кога се трудат да заспијат. Го изгубивме интересот во сѐ. Досадни ни се чувствата. Досадно ни е да постоиме.

Има нешто во таа фраза, „да ти е здосаден животот“, што ме заплашува. Тоа е затапена дијагноза. Како да ѝ недостигаат зборови. Како очаен заклучок донесен после безброј обиди да се дефинира и опфати вистинскиот проблем. Една работа е да ти биде досадна математиката или Girls, но да ти биде досадно да постоиш значи да го одбиеш секој елемент во познатиот универзум. Кажете што сакате за животот, дефинитивно има доволно нешта кои ќе ве одржуваат зафатени меѓу вашето раѓање и смртта.

Кога го проценувам моето искуство, како изгледа да се биде јас на секојдневна база, мојот инстинкт е да кажам – не, не ми е досадно да живеам. Демек има многу нешта што се случуваат. Во еден просечен ден, разговарам со интересни луѓе, читам за патењето во светот и Дрејк и Тереза Меј и гледам go-pro видеа од мечки кои бркаат велосипедисти. Вообичаено пијам неколку различни видови на топли пијалаци, понекогаш знам да испушам цигара и да зажалам за тоа, јадам неколку индиски ореви и мочам неколку пати. Навечер пијам пиво и гледам стари епизоди од Catchphrase, или стојам во ноќен клуб преправајќи се дека не сум уморен. И тоа е само содржината. Внатре во мојата глава, исто така е апсолутен ролеркостер. Се чувствувам среќен кога ќе ја видам мојата девојка, разочаран кога ќе си го видам торзото, лут кога читам коментари на социјалните мрежи, под стрес кога пржам јајца на око, насмеан со пријателите, и плачам еднаш на две-три години. Понекогаш е изморувачки, но не е досадно.

Како и сите млади луѓе, имам проблем со посветување на одредена активност. Имам вознемирувачка неспособност да довршам книга, на пример. Мојот ранец моментално има два класици од Penguin и релативно кратка книга за туризмот во Африка која ја добив за Божиќ. Уживам во сите нив, но секое четиво подолго од три страници прави текстот да биде невидлив и да ја оттргнува мојата глава настрана од него и кон нешто друго. Очигледниот осомничен кој треба да го обвинуваме тука е паметниот телефон. Не е голем шок во социјалниот дискурс да се каже дека настапувањето на константната мобилна социјална интеракција предизвика помало внимание, но тоа не е она за што зборуваме овде. Здодевноста не секогаш значи неможност да се сконцентрираш. Здодевноста е недостаток на интерес, недостаток на нешта за кои си заинтересиран. Здодевноста е празно зјапање во бездна.

Токму тоа е прашањето: како може генерацијата која има многу повеќе што да прави од било која пред неа, да тврди дека животот ѝ е досаден? Дали е можно да сме создале нов вид на здодевност? Здодевност родена од презаситеност од можности, наместо нивно непостоење. Кога размислувам за тоа како се чувствувам на секојдневна база, често имам чувство дека сакам да правам нешто друго. Сакам да одам и да си направам кафе. Сакам два пати да го проверам мојот Твитер. Сакам да ја сменам музиката која ја слушам. Огромната библиотека на Нетфликс ми се претвора во листа на обврски. Статиите кои ги чувам за подоцна се како учење за предмет кој никогаш нема да го положам. Здодевноста се манифестира самата како неуморност, помалку како „да ти е здосаден животот“, а повеќе како чекање животот конечно да ти се случи. Оваа апатична здодевност за мене е како техника на преживување, на некој начин. Единствениот природен начин на кој можеме да се справиме со обемот на содржина која го одзема нашето внимание е константно да променуваме на што да го посветиме нашето време – бел шум кој сме го развиле за да го потопиме звукот на сѐ одеднаш.

Имајќи го тоа на ум, може да се каже дека здодевноста, вистинската, „олд скул“ здодевност која те тера да гледаш преку прозорецот со капки кон градината, би била подарок. Гајатри Деви, надворешен професор по англиски јазик на Лок Хевен Универзитетот, за Guardian минатата година ја опиша здодевноста како „последната привилегија на слободниот ум“. Со нејзини зборови, „здодевноста е интензивно искуство на време недопрено од убавина, задоволство, комфор, и сите други привремени сензации“. Вистинската здодевност, вистинскиот празен простор, е навистина единственото време кое го поминуваме со своите мисли, и никој и ништо друго. Единственото време во кое нашите мисли можат да лебдат наоколу и да пораснат во поголеми и подобри мисли без да ги смали помислата на секс, дрога или измислени фудбалски лиги. Да ти е здосаден животот, секако, е детско и депресивно нешто да се каже или да се чувствува, но да ти биде досадно во животот одвреме навреме, не е толку лоша работа.

Ангус Харисон за Vice