[Став] Значи ли нешто знаењето во ерата на Гугл?

Економистот Сет Стивенс-Давидовиц неодамна забележа дека едно од најчестите пребарувања на Гугл кои ги содржат зборовите „мојот пенис“ е „колку е долг мојот пенис?“. Практичните луѓе би рекле дека линијар е подобар одговор, но „дигиталните домородци“ не мислат така. Зошто да дознаеме било што самите, кога се е толку лесно да се најде?

Тоа е добро прашање, кое го поставувам во мојата книга „Глава во облаците“. Спроведував анкети за јавно знаење во Британија и САД за различни теми, од поп култура до квантна физика. Во многу погледи, јавноста е лошо информирана. Повеќе од 50 посто од луѓето под 30 години не можат да кажат кој е најголемиот океан на Земјата, која палата ја изградил Луј XIV или првиот вештачки сателит, не знаат кој го измислил телеграфот, радиото или фонографот, или кој римски император свирел додека Рим горел.

Дали знаењето се уште има значење? Постојат добри аргументи за тоа дека нема. Во 1950-тите, економистот Ентони Даунс го создаде концептот на рационална неукост. Во многу ситуации, заклучил Даунс, знаењето одредена работа не е доволно важно за да се потрудиш да го научиш. Повеќето од нас не учат како да си ги поправаат автомобилите или медицина или сметководителство. Наместо тоа, се консултираме со професионалци кога имаме потреба од таа експертиза – и тоа е совршено разумно.

Денес, црпиме меморија и знаење од интернетот. Ова често е добра работа, но има и нус-ефекти. Облакот не прави мета-неуки: несвесни за сето тоа што не го знаеме.

Секој ден правиме стотици мали одлуки и расудување: што да јадеме, купиме или правиме, што да мислиме за последниот филм, тренд или политичар. Ретко овие расудувања се доволно значајни за да го оправдаме пребарувањето на факти за нив. Носиме брзи судови во состојба на рационална неукост, основани на факти кои се веќе во нашите глави.

Открив дека има корелација меѓу генералното знаење и однесувањето, политичките погледи, па дури и социјално одговорните одлуки. Една дилема која ја поставив беше: Би го фрлиле ли вашето милениче од карпа за милион фунти?

Околу седум посто од британската јавност рече не. Но, процентот беше двојно поголем меѓу тие кои имаа лош резултат на квизот за општо знаење. Помалку информираните се или поалчни, или полоши кон животните.

Во истата анкета, истите кои не знаеја кој документ кралот Џон го потпишал во 1215 година, многу полесно велеа дека луѓето треба да смеат да пушат во пабовите. Тие кои не знаат кој им е премиер, мислат дека е во ред компаниите да објавуваат лажни онлајн рецензии под лажно име. Оние кои веруваат дека пралуѓето постоеле во исто време со диносаурусите, почесто одбиваат да ги вакцинираат своите деца за сипаници и заушки.

Овие откритија ја предизвикуваат лесната претпоставка дека секогаш можеш да ги најдеш фактите кои ти требаат. Родителите кои не ги вакцинираат децата навистина бараат вести на интернет, но се чини дека не знаат да разликуваат валидни медицински совети од псевдонаучни бесмислици кои потекнуваат од параноја, урбани легенди и теории на заговор.

Од таму произлегува и откритието на анкетата: луѓето кои не можат да одговорат лесно прашање за диносаурусите имаат слаба основа за наука и не се доволно припремени за да формираат добри мислења за медицинските контроверзи, дури и кога интернетот е тука да им асистира. За жал, „генерална позадина“ во науката или било што друго не е нешто што можеш да го пребаруваш на паузата за ручек. Се стекнува преку учење цел живот.

Знаењето не е мудрост, но е потребно за мудроста – а тоа е едно нешто кое дигиталната револуција не може да го промени.

Вилијам Паундстоун, автор на книгата „Глава во облаците: Моќта на знаењето во ерата на Гугл“, за Гардијан