[Став] За „ситните“ небулози: како Законот за високо образование дефинира што е тоа „национално“?

После реакциите во однос на крупните проблеми во врска со новиот Закон за високо образование, доаѓа моментот кога треба да се разоткријат и оние само навидум помалите, кои засегаат одделни области. Можеби токму со таквото колективно трупање на мали камчиња врз оние стожерните ќе се случи некаква посакувана тектонска промена.

Ваквите условно „поситни“ небулози не им се секогаш очигледни на оние меѓу нас кои со нив не се директно погодени. Така, јас немаше да знам за условот секој студент од наставните факултети да обработи неверојатен број методички часови настава, доколку тоа не го прочитав во текстот на Јасна Котеска („МОН срам да ви е“). Тоа ме мотивираше да проговорам за друг аспект од законот, кој задава директен удар врз областа во којашто јас работам, етнологијата.

Според новиот Закон од критериумите за избор во звања се изземени студиите од областа на уметноста, филологијата и националната историја. Истовремено, и студиските програми од овие области не мораат да се усогласуваат со содржините на исти или слични студиски програми на некои од првите 50 рангирани универзитети. Причина – нивната „национална специфика“. Како се случило тоа ЕТНОлогијата, област барем еднакво врзана за националното колку и претходно наведените, да не е вклучена во овој список?

Работата е многу поиндикативна отколку што изгледа на прв поглед. Не се работи само за нас неколкумина (пет професори и само еден – повторувам – еден асистент) кои работиме на тој Институт, ниту пак (само) за нашата академска иднина. На удар е дисциплина којашто веќе била жртва на политички манипулации – во 1953, тогашната катедра по етнологија на Филозофскиот факултет во Скопје, во нетранспарентен процес и заради до крај неразјаснети мотиви кои можат само да се насетуваат, била затворена, а обновена дури 1984, како Завод при Институтот за географија. Само како резултат на огромната пожртвуваност и ентузијазам на поединци, во 2005 е формиран посебен Институт за етнологија и антропологија, на Природно-математичкиот факултет. И нема шанси сегашната политичка гарнитура да не знае дека таков Институт постои, бидејќи на тоа ја имаме потсетувано во неколку наврати, по различни поводи, а последен пат кога во еден нејзин предизборен отчет за стореното видовме дека сме добиле – цела Лабораторија за теренска етнологија и визуелна антропологија, полна со камери, диктафони и секакви други помагала – за кои навистина сме аплицирале, но никогаш со очи не сме ги виделе!

Зошто новиот Закон е рамен на повторно затворање на студиите по етнологија, или во најмала рака значи уништување на нивната суштина? Тоа што сега сме приморани да објавуваме во списанија со импакт фактор, на кои секако не им се интересни покуќнината во гевгелиско, носиите во Мариово или обредите при раѓање во кумановско, значи дека ќе почнеме се ориентираме кон „покурентни“ теми. Бидејќи пари за теренски престои во Нова Гвинеја или помеѓу австралиските абориџини немаме, единствениот начин да го сториме тоа ќе биде да пишуваме повторно за нас, но на начин на кој тоа минува кај странците. Значи, да се фатиме за антро-политичките аспекти на современата култура, за измислувањето на традицијата, за прекројувањата на националниот идентитет, за злоупотребата на фолклорот. Не дека ова не се релевантни теми – со нив веќе успешно се занимаваат неколкумина наши колеги. Но дали тоа значи дека сите ќе треба да го следиме нивниот пример, само за нашите текстови да бидат „секси“? И нели со тоа учествуваме во, како што вели Котеска, оркестриран државен удар? Додуша, доколку пишуваме лошо за земјата во којашто живееме, или пак воопшто не се допираме до теми релевантни за неа, елегантно ќе избегнеме уште еден проблем – тивкиот бојкот кој е потенцијална закана за секој текст кој зборува за Македонците како засебен народ со сопствена култура, на што понекогаш сме наидувале од страна на членови на одбор на списание кои имаат нешто против таа идеја.

Прилагодувањето пак на студиските програми е друг проблем. Бидејќи 80% од неа треба да е слична на онаа на странските универзитети, Македонија и етничките групи во неа значи заслужуваат 20%. Нешто што се вика „Институт за етнологија и антропологија“ во Македонија оттаму реално има шанса повеќе да се занимава со африканските племиња отколку со, на пример, Мијаците.

И сето ова во атмосфера во која термините како „вековна традиција“, „етно“, „фолклор“, „обичај“ и „корен“ е толку експлоатирано во актуелната реторика, што тоа станува индикативно самото по себе. За чии тоа традиции и корени станува збор, и кој е оној којшто ја дефинира (читај: крои) нивната содржина? Со оглед на материјалните околности во кои ние ја изведуваме наставата и се обидуваме да вршиме истражувања – дотраени бараки кои буквално пропаѓаат заради лизгање на земјиштето, во кои често снемува вода и интернет, со скапоцен архив кој секој момент може да биде жртва на некаква природна непогода, со вработени кои самите отпушуваат ВЦ-иња и месат пити кога треба да се почастат дипломираните студенти – можеби вистинското егзотично племе вредно за истражување во земјава всушност ќе бидеме самите ние.

д-р Илина Јакимовска
вонреден професор
Институт за етнологија и антропологија
ПМФ, УКИМ

Извор: Професорски Пленум