[Став] За конформистите, скептиците и поразените – еве зошто ќе гласам

Со секои избори, доаѓа и прашањето: „Зошто ќе гласаш кога знаеш дека ништо нема да се смени?“. И секогаш помислувам – да, нема да се смени, но не поради неспособните, нечесни и алчни политичари, туку поради апатичните конформисти и скептици како вас, кои ми го поставувате ова прашање.

Не сум експерт за политика, право и државно уредување. Не можам да кажам колку вашиот глас ќе има или нема влијание. Но, можам да ви кажам зошто јас, а и сите вие треба да гласате.

Пред неколку избори, кога сè уште немав 18 години, сакав да можам да гласам. Чувствував одговорност, ја споделував несреќата и товарот на општеството како да се мои. Кога конечно имав право на глас, чувствував дека не го заслужувам, бидејќи во ваква општа конфузија и недостаток од избор, не се чувствував доволно зрела да донесам суд за кого треба да гласам. Но, гласав, бидејќи ми беше срам за сите генерации пред мене, кои немале збор за тоа кој ќе им служи како посредник во демократијата. Гласав бидејќи некој се потрудил да ми даде збор.

Овие избори, пак сум пред некој нејасен крстопат, каде левото не е лево ни десното не е десно. Ама, имам многу причини да гласам.

Ќе гласам, бидејќи кога од револт излегов прв пат на улица, зборуваа дали сум од „нашите“ или „нивните“.

Ќе гласам бидејќи братучед ми едвај научи да нè распознава мене и моите сестри, бидејќи најчесто нè гледа стуткани пред VGA камера на Скајп. Ќе гласам бидејќи тетка ми е веќе 18 години во странство, а ниту еднаш не сум можела ни да ја посетам.

Ќе гласам бидејќи еве, една година чекам уверение за завршени студии, а за жал, мора да признаам дека никој не ми го ни побарал. Ете толку на сите им значи моето високо образование.

Ќе гласам од одговорност кон моите внуци и моите неродени деца, за да не кашлаат цела зима. Ќе гласам и за детето на комшијата и оваа зима да не биде во болница бидејќи има хроничен бронхитис. Ќе гласам за да можам да си одам од работа пеш, а не да се туткам во 5ка, зашто ако пешачам до дома цела ноќ имам тахикардија.

Ќе гласам за моите другари и другарки кои се чувствуваат осудувано и несигурно бидејќи сакаат некој „погрешен“. Ќе гласам за да можам и на нив да им играм на свадба еден ден.

Ќе гласам за наредниот пат кога ќе кажам дека сум новинар, да не ме гледаат со презир и калкулирање „чија сум“. Ќе гласам и за на наредниот протест, кога ќе покажам прес акредитација, да бидам сигурна дека никој нема да ме тепа или избрка.

Ќе гласам за да не чекам четири часа во јавна институција, за да ми кажат да дојдам за две недели. Ќе гласам за да одам на доктор каде ќе добијам нега и услуга каква што заслужувам.

Ќе гласам за и наредната година да правиме ајвар, а да не нè казнат. Ќе гласам и за ракијата на татко ми, по рецепт на неколку дедовци наназад.

Ќе гласам за кога ќе им се налутам и на оние за кои ќе гласам, кога и тие ќе ме разочараат, да можам да излезам на улица и да викам пак, „Нема правда нема мир“. Ќе гласам и ќе се надевам дека нема да треба пак да го правам тоа.

Ќе гласам за да ја поправат дупката пред мојата куќа во Валандово. Ќе гласам за да не останам без она малку зеленило зад мојата зграда во Скопје.

Ќе гласам и за сите мои колеги и колешки од факултет, кои место топол кревет добиле мувла на ѕидовите и инсекти во лебот во студентските домови.

Ќе гласам за сите мои другари од средно, кои знам каде се и што прават само по нивните „чекирања“ на Фејсбук. Ќе гласам за да не бидат присилени да работат во Италија, Ирак и Германија и да возат камиони по европските патишта. Ќе гласам за да не се гледаме само на Божиќ. За наредниот Божиќ да не бидеме уште помалку.

Ќе гласам бидејќи сакам пак да гласам. Сакам да сум дома, а не принудена да барам пристоен живот некаде далеку.

Ќе гласам за театар, за концерти, за култура и уметност, за културно-социјалниот живот кој уште малку па и ќе го немам.

Ќе гласам за да не заспивам под стрес и да не се будам под стрес. Ќе гласам за еден ден да се разбудам и се околу мене да биде барем реалистично, а не монтипајтоновско.

Ќе гласам затоа што многу нешта сакав да бидат поразлични, но не се. Бидејќи многу од вас не гласале. Бидејќи многу од вас решиле дека е полесно да се предадеш и да кажеш дека ништо нема да се смени. Но, ќе се смени. А, дали на подобро или на полошо, тоа ќе кажеме и јас и вие.

Стефанија Тенекеџиева