[Став] За да се победи растечкиот екстремизам потребни ни се млади срца и умови

Пишува: Скот Атран за Гардијан

Се евакуираа последните шокирани лица додека се враќав кон Ла Рамбла, популарното шеталиште во Барселона исполнето со туристи, каде уште еден „војник на Исламската држава“ влета со комбе во гужвата од луѓе, усмртувајќи најмалку 13 и нанесувајќи повреди на уште 120 лица од 34 земји. Неколку минути пред нападот ја оставив внуката на мојата сопруга во близина на местото каде започна дивеењето. Дежа ву момент, како при масакрот во Париз во театрот Батаклан во 2015 година, во непосредна близина на местото каде живееше ќерка ми.

Во поморскиот град јужно од Барселона, автомобил со пет камикази кои мавтале со ножеви и расекле жена пред полицијата да ги убие. Еден од напаѓачите, тинејџер, две години претходно објавил на интернет : „На мојот прв ден како крал на светот, би ги убил неверниците и би ги оставил само муслиманите кои ја следат нивната религија“.

Шпанскиот претседател, Маријано Рахој, изјави дека „нашите вредности и начин на живот ќе победат“, исто како објавата на Тереза Меј, дека „нашите вредности ќе превладеат“, кога во мај уште еден криминалец, „повторно роден“ во радикален ислам, со возилото усмрти и повреди пешаци на Мостот Вестминстер.

Една недела предходно, во Шарлотсвил, напаѓачот расист, ја уби активистката за граѓански права Хедер Хејер копирајќи го Исис-мотивираниот начин на убивање со користење на возила. „Ова е нешто што растело во него“, рекол поранешниот наставник на наводниот напаѓач. „Беше фасциниран од нацизмот и идеите за супериорноста на белата раса… Признавам дека не успеав. Но, тоа дефинитивно е момент кој се учи и мораме да бидеме претпазливи околу тоа, бидејќи таквите работи ни ја распарчуваат земјата“.

Вредностите на либералната и отворена демократија сè повеќе изгледаат како да губат од оние на тесниот ксенофобичен етно-национализам и радикален ислам. Ова не е „судир на цивилизациите“, туку пропаѓање на заедниците, бидејќи етно-националистичкиот насилен екстремизам и транснационалниот џихадистички тероризам не претставуваат заживување на традиционалните култури, туку нивно распаѓање.

Ова е темната страна на глобализацијата. Западната нација-држава и релативно отворените пазари кои го доминираат глобалниот политички и економски поредок, во голем дел ги заменија старите форми на власт и социјален живот. Луѓето ширум планетата се трансформирани во конкурентни играчи кои бараат свое исполнување преку материјална акумулација и нејзините симболи. Но принудното учество и коцкање во трката по промени придвижени од пазарот, често се неуспешни, особено во заедниците кои имале многу малку време да се прилагодат. Кога тоа се случува, неизбежна е ерупцијата на насилство како одговор.

Мисијата за елиминирање на неизвесноста, заедно со она што социјалниот психолог Ари Круглански го нарекува „потрага по значење“, се личните чувства кои најчесто се споменуваат во интервјуата на мојот тим со насилни џихадисти и милитантни приврзаници на популистичките етно-национални движења. Во Унгарија, откривме силна поддршка за владиниот повик за враќање на „националната кохезија“, загубена со падот на фашистичкиот режим на Миклош Хорти во Втората светска војна. Во Ирак откриваме дека скоро сите млади луѓе кои изглегле од власта на Исис во Мосул, првично ја прифатиле стабилноста и безбедноста која им се нудела и покрај нејзината бруталност, за време на хаосот кој следеше по инвазијата на САД.

Во светот на либералната демократија и човековите права, насилството – особено екстремните форми на масовно крвопролевање – генерално се смета за патолошко или за зол израз на човековата природа. Но, низ најголемиот дел од историјата и културите, насилството против други групи од сторителите се прогласувало како возвишен и морален чин на доблест. Бидејќи без таквото тврдење, тешко е, ако не и непоимливо, да се убијат голем број невини луѓе кои никому не направиле директна штета.

По Втората светска војна, револуционерите и бунтовниците со желба да се жртвуваат самите за цели и групи, тоа го правеа со многу помала моќ и бројност од државните армии и полициски сили на кои им се спротиставувале. Во меѓувреме, според Анкетата на светските вредности, мнозинството Европејци не веруваат дека демократијата е „апсолутно важна“ за нив и во Франција и Шпанија наоѓаме малку докази за желбата да се жртвува нешто повеќе за демократијата – како спротивност на желбата за борба до смрт помеѓу приврзаниците на милитантниот џихад.

Како да одолееме, да се натпреваруваме и да ги надминеме овие зацврстени контра-културни притисоци во денешно време? Можеби, за некого одговорот е повторно враќање на заедницата во основата на вредностите на репрезентативна власт и културна толеранција. Зачувување на она што е останато од фауната и флората на планетата и избегнување на еколошка катастрофа можеби нуди друг пат за останатите. Или генерацијата која надоаѓа, доколку им биде дозволено, може да понуди целосно нов начин на поимање.

Сепак, ниедна спротиставена порака нема да се рашири во социјален вакум, само во апстрактното место на иделогија или контра-наративите. Тоа значи дека вклученоста е критична, потребно е добро познавање на заедниците во ризик. Најчесто, луѓето се вклучуваат во радикални групи преку веќе постоечки социјални врски. Ова групирање значи дека голем дел од регрутирањето не се случува примарно преку директните повици или преку изложеноста на поединци на социјалните медиуми (кои би воделе кон пораспространет шаблон на регрутирање). Регрутирањето често ги вклучува групите како семејство, пријатели и заеднички сопатници од специјални локации (комшилуци, универзитети, затвори).

Нашето истражување во историјата на Исис-инспирираните напади во западна Европа, јасно покажува дека првичните обиди, од оние директно спонзорирани од Исламската држава и без вмешаност на локални, веќе постоечки мрежи, најчесто биле неуспешни. Сепак, со ширење и продлабочување на вклученоста, нападите стануваа се посмртоносни. Во нашето истражување утврдивме слаби но доста широки врски помеѓу џихадистичките кругови во Барселона и поголемиот дел од западна Европа, како Магреб, Левант кои се протегаат порано и од нападите на 9/11.

Потребниот фокус на ангажираност мора да бидат младите, кои формираат огромен дел од денешните радикални регрути и утрешните најранливи населенија. Волонтерите од Ал-Каеда, Исис и многу други екстремни ниационални групи често се млади луѓе во транзициските периоди од нивниот живот – имигранти, студенти, луѓе помеѓу две работни места и пред да ги најдат своите животни партнери. Напуштајќи ги нивните домови и родители тие бараат нови семејства и пријатели и сопатници во потрага по значење и важност.

Потребна ни е стратегија со која ќе се пренасочи радикализираната младина преку ангажирање на нивните страсти, наместо игнорирање или стравување од нив, или задоволувајќи се така што ќе повикуваме други да посредуваат или едноставно да се откажеме од нив. Секако, има граници на толеранцијата и опасност од поголемо насилство во умереноста кон неприфатливото. Нашите партиски поделби вклучуваат вистински разлики помеѓу вредностите кои политичарите и креаторите на јавно мислење ги истакнуваат и ги претвораат во егзистенцијални закани. Но, сепак постои огромен заеднички интерес во светот каде сите, освен оние кои премногу одметнале, можат да живеат живот со повеќе од минимална слобода и среќа доколку им се даде барем малку шанса. Токму за таква шанса некои од нашите предци воделе револуции, граѓански или светски војни.

Скот Атран е антрополог кој предава на Универзитетите Оксфорд и Мичиген и Францускиот национален центар за научни истражувања. Имал обраќање до Советот за безбедност на ОН на тема „млади, насилниот екстремизам и промовирање мир“. Автор е на книгата „Разговор со непријателот“.