[Став] Што научив кога мои голи фотографии протекоа на интернет

Пишува: Софија Анкел, студентка по новинарство

  • Есејот е победник на наградите Хуго Јанг на фондацијата Гардијан, која ги наградува најдобрите текстови со политички ставови на дипломирани студенти на новинарство во Велика Британија.

Пред три години голи слики од мене се појавија онлајн. Беа две и беа направени во моето купатило неколку месеци претходно. На едната се гледа мојот стомак и голите гради, а другата беше топлес слика направена во огледалото, каде целосно се гледа моето лице. Дури имав и насмевка – израз направен само за очите на моето момче, со кого бевме во врска на далечина, на кого фотографиите му ги испратив преку Фејсбук.

Кога сте тинејџер често слушате приказни за тоа како други девојки наоѓаат сопствени голи слики на порно-сајтовите, или во посед на адолесцентни момчиња кои лесно се возбудуваат. Но, никогаш не помислувате дека тоа може да ви се случи вам. Најпосле, вие сте само една од милионите. Сигурно дека шансите за нешто такво да протече се многу мали?

Па така, како што поминуваше времето и како што се засилуваа нашите чувства, почнав да размислувам за идејата да му испратам некои секси фотографии. По долга подготовка утрото (Како ми изгледа косата? Кој е најдобриот агол?), конечно стиснав „испрати“ и, со тоа, ја изгубив целата сопственост и достоинство врз нешто длабоко приватно и лично за мене – сопственото тело.

Тешко е да се опишат моите чувства во моментот кога открив дека момците ги покажуваа моите слики по моето претходно училиште. Се чувствував разоткриена и, она кое нема никогаш да го заборавам, имав чувство на одвратност од себеси. Во деновите кои следеа се сеќавам дека се чувствував толку беспомошна што не можев да функционирам. Мојата постара сестра мораше да се грижи за мене, потсетувајќи ме да јадам и гушкајќи ме кога без причина плачев во паника. Беше како раскинување, но наместо скршено срце постоеше само разнишана самодоверба.

Кога ги добив вестите, моето момче, кој сè уште тврди дека никогаш не ги споделил сликите, ми кажа дека очајно се обидува да открие како протекле. Долго време имаше вперување со прсти кое на крајот не водеше никаде. Тој се трудеше да го смири огнот кој се ширеше брзо и лошо. Веќе не бев во училиште кога фотографиите протекоа, бидејќи го завршив две години претходно. Сепак во училиштето беше мојата помлада сестра, како и многу од момчињата кои ги ширеа фотографиите кои беа нејзини другари. Тоа беше тесно поврзана заедница, училиште во кое пораснав и често го посетував – место кое до тогаш ми носеше само убави спомени.

Според анкета на „Чајлднет Интернешнал“ повеќе од половина од британските тинејџери виделе како нивни пријатели споделуваат интимни слики од некој што го познаваат. 40 проценти од нив велат дека сведочеле како другари прават групи на социјалните мрежи на кои споделуваат сексуални озборувања или слики. Приказни за онлајн-малтретирање, исмевање на телата и самоубиства на тинејџери се појавуваат редовно. Но, зад секој наслов се наоѓа вистинска девојка.

Во месеците кои следуваа продолжив да се обвинувам себеси. Ми беше кажувано да го надминам тоа, дека можело да биде и полошо. Дека не било лошо како да се појавеле на порно-сајт. Бев прекорувана од другарка дека не сум требала да ги пратам сликите на прво место. Враќајќи се дома, одбив да се вратам во училиштето за годишното обединување. Избегнував забави и средби со старите соученици. Исто така приоѓав и кон моите пријатели со претпазливост, прашувајќи се дали тие дознале нешто преку некој трач.

Дури и кога мојата помала сестра го заврши училиштето минатото лето, морав да се принудам да одам на нејзината матурска. Собирите со многу момчиња ме правеа неверојатно нервозна и се најдов себеси како избегнувам да го погледнам во очи сите машки во собата. Во мојата глава цело време си го поставував истото прашање: дали и ти ги виде моите слики?

Дебатата околу сексуалното малтретирање, демонстрирано преку движењето #MeToo, покрена позитивна дискусија. Но, каде во оваа слика спаѓа интернет сексуалното малтретирање? Тоа е толку вградено во нашите секојдневни дигитални животи што стана нормално, и да бидеме искрени, без должно внимание.

Во нејзината книга „Говорот на омраза во сајберпросторот“ (Hate Crimes in Cyberspace), Даниел Китс Цитрон пишува за тоа како жртвите се обвинуваат дека имаат лоша интернет проценка, а некои се обвинети дека дозволуваат фотографиите да протечат, чисто за да добијат внимание. Многу мажи и момчиња, кои никогаш не сонувале да прават работи за кои е обвинет Харви Вајнстајн, сепак сметаат дека е прифатливо да споделуваат голи слики од странци, како интернетот да е настрана од социјалните норми.

Иако страшна на свој начин, мојата приказна не е единствената. Откако ја вратив енергијата, секоја ноќ ја поминував на интернет, френетично обидувајќи се да го најдам изворот на протечувањето. Мојата истрага беше нагло прекината една вечер кога разбрав дека моите голи слики првично се нашле во поголем документ на интернет, кој бил споделен со уште поголема група на момчиња. На документот имало повеќе од 40 фотографии на други девојки од моето училиште, собирани низ годините. Некои од нив од млади девојки во долна облека, а некои целосно голи.

Следната борба за движењата за женските права мора да биде за давање на иста важност на сексуалното малтретирање онлајн и она кое се случува офлајн. Со темпото со кое се развива технологијата, вклучително и развојот на порнографија на виртуелна реалност или вештачка интелигенција која генерира порнографија со монтажа на лица, оваа потреба само станува поалармантна. Не можеме едноставно да се тргнеме од тоа и да ги исклучиме нашите компјутери.

Се помирив со она што се случи, а уште поважно, престанав да се обвинувам себеси. Но мислата која уште ме загрижува и по три години е дали моите слики лебдат во темната сајбер-празнина. Очигледно тоа ќе биде нешто со кое ќе морам да научам да живеам. Но, засега, ќе се приклучам на борбата, гордо и отворено со мојата приказна за прв пат.