[Став] Сакам да бидам дел од промените, а не експериментално заморче

Мислејќи дека нешто само од себе ќе се смени и ќе тргне на подобро не направи нас, учениците, студентите, најмладите, општествено пасивни и само тивки набљудувачи на образовните процеси. Но, кој ако не младите треба да биде активен чинител во секој процес што го опфаќа образованието? Впрочем, образованието не обликува нас, образованието е одговорно пред иднината, образованието е алатката во служба на постарите.

Сакав да го напишам овој говор со една цел. Да го докажам спротивното, дека младите знаат и младите можат и треба да влијаат на се што ги засега нив. Сакам да докажам дека младоста не треба залудно да биде потрошена, туку активно инвестирана во нешто што се вика „утре”. Сакам да оставам нешто зад себе, па макар тоа било еден од многуте гласови кои се бореле за промена.

Образованието, тоа сме ние! Клише фраза, но со суштина во себе. Јас решив со ова клише да ви се обратам вам и да ви покакажам и докажам дека ние младите заслужуваме да бидеме дел од она што нас треба да не’ обликува. Сакаме да бидеме дел од нашите наставници, да им помогнеме во она што сакаат за нас да го направат

Како мали деца мечтаеме и си замислуваме како би направиле некое добро за светот и за нас. Еве сега тука сум и од овие неколку напишани редови сакам да го означам мојот почеток во оставањето на трага во образовниот процес на Република Македонија.

На образованието му требаме ние и во ниту еден случај не смееме да бидеме поттурнати настрана. Образованието последниве години доживува големи промени. Да, точно е, ние сме дел од нив, но само како објекти врз кои се употребуваат тие промени.

Јас сакам да учествувам во донесувањето на новите мерки во образованието. Ние не сме експериментални заморчиња врз кои се испробуваат идеи на административни луѓе.

Наставниците се наши ментори, тие се наши втори родители и заедно со нив треба да бидеме носители на се што суштински се менува во образованието. Сакам да пораснам од експериментално заморче во човечко суштество во фаза средношколец со еднаква шанса да го даде своето мислење.

Наставните програми и планови да бидат дел од нас, да одговараат на нашиот карактер, на средината во која живееме. Да имаме поголемо влијание во изборот на нашите предмети, да го учиме тоа што навистина го сакаме, а не она што ни го налага системот.

Да го пронајдеме нашиот потенцијал и да го искористиме ентузијазмот, да го направиме нашето општество подобро. Чунки, како што велеше Ѓорѓи Колозов, ние сме иднината и инвестицијата на постарите, нашите родители, која треба да ги заземе нивните позиции. На крајот, веќе се гордеам со овој говор. Го означив својот почеток, мојата трага веќе го има својот правец, дозволете ми да бидам дел од промената!

Ташули Петроски,
ученик во СОУ Наум Наумовски Борче, Крушево

Извор