[Став] Родови студии и маратонците што го трчаат почесниот круг

За РОДОВИ СТУДИИ, за маратонците што го трчаат почесниот круг, за некои идни генерации, за некои подобри времиња!!!

Бидејќи бев инсајдер, ќе се обидам накратко да ја пренесам приказната за Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, мојот институт – каде учев четири години и каде што дипломирав. Поводот е објавувањето на Конкурсот за запишување на нови студенти на УКИМ, а она што ја прели чашата е:

Родови студии трета година по ред се во мирување!

Добро, до кога ќе глумиме прогресивна држава и ќе правиме реформи и на реформите реформи, сакаме западни програми, западно школство, рангирање по Шангај, стипендии за 100 најдобро рангирани универзитети, бла, бла, бла… Добро, еве направив мало истражување: бидејќи многу ја сакаме Шангајската листа на универзитети, почнав токму од неа. Од десетте прворангирани, на девет има програми за родови студии. А УКИМ повторно ги стави во мирување.

martinaАјде да се вратиме три години наназад, сѐ уште студирав на Родови студии институтот кој иако најмлад успешно функционираше пет години. Не бевме само студенти како на другите факултети, бевме активен дел од целото растење на Институтот. Бевме вклучени во сите проекти, активно учествуваме во предавањата, бевме дури и консултирани за наставните содржини, учевме заедно со професорите и…

… и родовите студии беа ставени во мирување – сите затечени студенти, професори, НВО и граѓански активисти. Се крена ука-бука, кој збунет, кој исплашен, многу прашања на кои немаше кој да даде одговори.

Една година подоцна, предавањата си течат, но без студенти од прва година, многу институционален фудбал, префрлање на топката, нема кој да одговори на едноставни прашања: ЗОШТО се во мирување, КОЈ ја донел таа одлука, КОГА ќе има нов упис? Малку ветувања, многу надежи и…

… и пак излезе конкурсот на УКИМ во кој нема место за нови студенти на Родови…

Година 2015, две години во исчекување, во неизвесност, две години беспрекорно си функционира „Бермудскиот триаголник“: МОН-УКИМ-Деканат на ФЗФ. Исти прашања: зошто, кој, кога? МОН смета дека УКИМ е надлежен, УКИМ -Филозофски, Филозофски – МОН и пак во круг. Сите паметни, а одговори пак нема… па поранешни и сегашни студенти на Институтот за родови студии решаваме активно да се вклучиме во борбата која дотогаш ја водеа професорите (иако јавноста не беше многу запознаена, ДА беа активни цело време – без јавно експонирање) и пар активисти за враќање на уписот на нови студенти. Пуштивме петиција, добивме (помалку или повеќе) поддршка, се потпишаа наши пријатели, поддржувачи, истомисленици, НВО организации, активисти… ни пишуваа пораки, нѐ охрабруваа, нѐ советуваа… пар месеци молење за поддршка, објаснување што се родови студии, ширење на петицијата.

Собраните потписи и поддршки ги испечативме, ги спакувавме заедно со барање да се врати уписот и ги пративме до сите надлежни и ненадлежни институции, од кои добивме молк – како и во изминативе години. Неформално, петицијата побудила позитивни реакции, ама немаме црно на бело. Многу ветувања (пак неформални), малку надежи и…

…и денес излезе и новиот конкурс, во него пак си мируваат родовите студии…

Зошто и кому му пречи една од најистражуваните општествени области во светот? До кога ќе биде во мирување институтот? Каде лежи зајакот за ваквиот потег? Најверојатно пак ќе нема одговор на овие прашања.

Што ќе преземеме сега, како засегната страна? Не знам, навистина немам идеја… Единствено што ми текнува уште еднаш да повториме зошто се важни Родови студии и дека тие НЕ шират блуд и разврат, НЕ се предава за секс, дрога и рокенрол, НЕ богохулиме туку:

• Родовите студии ја промовираат свеста за вредноста на сите луѓе, без разлика на полот.
• Родовите студии се посветени на остварувањето и зајакнувањето на рамноправноста на жените и мажите во сите сфери на општественото живеење
• Родовите студии се важни во промовирање на концептот на еднакви можности и човекови права
• Родовите студии едуцираат и вложуваат напори за спречување на родовата дискриминација во македонското општество
• Родовите студии се важни за зголемување на родовата сензитивност во нашето општество
• Родовите студии делуваат во насока на родова сензибилизација во наставата на високото образование
• Родовите студии се една од најистражуваните сфери во светот, од областа на општествените и хуманистичките науки
• Родовите студии се клучен фактор во намалување на родово базирано насилство

И да, како се чувствувам? Тажно, гневно, бесно, мизерно, поразено, беспомошно…
Дон Кихот против ветерниците…

жалам што не успеавме, уште повеќе ќе жалев ако не пробавме.

Извинете за песимизмот и патетиката, знам дека битката уште трае но не знам до кога ќе имам сила да останам во неа…

За РОДОВИ СТУДИИ, за маратонците што го трчаат почесниот круг, за некои идни генерации, за некои подобри времиња!

Мартина Илиевска, студентка на родови студии