[Став] Потребна е промена на Законот за средно образование

Од посебна важност е да се донесат измени и дополнувања во Законот за средно образование каде средношколското организирање би било признаено. Крајна цел е средношколците да имаат поголемо влијание во носењето на одлуки и креирање на политики, пишува Мартина Илиевска од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Изминатите десет години во Република Македонија бевме сведоци на низа реформи во образовниот систем на сите нивоа и степени на образование. Значаен дел од реформите беа спроведени во средното образование, дел од кои значајни, системски мерки кои влијаеја на целиот образовен систем и сите учесници во истиот.Некои од имплементираните реформи беа големи мерки кои влијаеја на целиот образовен систем и сите учесници во истиот. Во изминатиот период, средното образование се воведе да биде задолжително за сите ученици кои завршиле основно образование (2008), задолжително полагање на матурски испити – државна или училишна матура (2007), екстерно тестирање секоја година и низа други мерки и реформи на кои не им претходеа сеопфатни анализи за потребата од истите.

Некои од реформите предизвикаа револт кај учениците, кој резултираше со нивно организирање во бројно движење – Средношколски пленум на почетокот на 2015 година. Поттикнати од идејата за основање на младинско тело кое на едно место ќе ги обедини сите средношколци од Република Македонија и со цел да се врати на квалитетот во образованието, како и добивање на достојни услови за подобро образование, Средношколскиот пленум спроведе низа активности, масовни демонстрации, средношколски кампови и блокирање на наставниот процес, со кои го изразија незадоволството од промените кои им се наметнуваат. Учениците, како главни актери во образованието кои се најмногу засегнати со воведување на нови реформи, најчесто не се консултирани пред истите да се донесат.

Активно вклучување на учениците во процесите на одлучување и градење на политики кои влијаат и директно се одразуваат на нив е тема на кој работат многу организации во Македонија, но години наназад учениците се вклучуваат повремено и се здружуваат и консултираат за одлучување на некое прашање коешто не е од суштинско значење за некоја општествена промена. Учениците се консултирани за прашања како што се изборот на местото на прославата за матурската вечер, место за организирање на екскурзија и слично. Наспроти ова се изоставени од процесите во креирање на политики кои сериозно влијаат на самите ученици, но и на образованието во целина.

Во Република Македонија има различни форми на средношколско организирање на различни нивоа. На ниво на училиште учениците се застапувани преку училишните заедници, кои немаат унифицирана структура и функционираат под различни називи во средните училишта (средношколска заедница, Младински совет, Училишна заедница, Средношколска унија, Унија на средношколци, Младинска организација, Младинска заедница). На национално ниво средношколците формално треба да се застапувани од Унијата на средношколците која е регистрирана во Централниот регистар, иако во изминатите неколку години нема никакви активности. Сведоци бевме во изминатите години на неформално организирање на средношколците кои ги застапуваа своите права преку здружување во Средношколскиот пленум, по чие појавување и активности средношколското организирањето доби особено внимание.

Средношколско организирање и учество се потребни за самите ученици, но и за целиот образовен систем. Преку средношколското организирање и учество, учениците ги учат нивните права и обврски, прво во рамките на училиштето, но и добиваат јасна слика за нивните права, обврски и улога во општеството.

Конвенцијата за правата на детето во членот 12 укажува дека секое дете има право на свое мислење и свој став, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кои се однесуваат на детето. Токму во насока на остварување на Конвенцијата, Младинскиот образовен форум, Коалиција СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во 2015 година покренаа иницијатива за изменување и дополнување на Законот за средно образование, со цел воведување на средношколското организирање во посебни членови во содржината на законот. Целиот процесги вклучуваше сите засегнати страни, институциите, професорите, родителите и најважно од сè самите ученици. Оваа иницијатива, преку самото ценење на мислењето на средношколците, слушањето на нивниот глас и вклучувањето во процесот на креирање на политики им ги претстави на учениците принципите на демократското општество и принципот на активно граѓанство во една држава. Иницијативата е доставена до Собранието, до МОН и до Комисијата за образование за нејзино разгледување, но во Македонија се распишаа парламентарни избори и се распушти Собранието, токму затоа и иницијативата продолжува во 2017 година со иста цел – внесување на измени во Законот за средно образование и внесување на средношколското организирање и учество.

Средношколското организирање во училиштата во Македонија не е унифицирано и средношколските организации се речиси пасивни и консултирани само за банални прашања. Средношколскиот пленум успеа гласно да ги изнесе ставовите на средношколците, да покаже дека учениците знаат кои се нивните права, подготвени се истите да ги застапуваат пред надлежните институции и активно да се вклучат во носење на одлуки и градење на квалитетни реформи.

Токму затоа е од посебна важност да се донесат измени и дополнувања во Законот за средно образование каде средношколското организирање би било признаено. Крајна цел е средношколците да имаат поголемо влијание во носењето на одлуки и креирање на политики, но и да се даде придонес во активно учество на учениците кои подоцна ќе и придонесат во општествените промени.

//