[Став] После Париз, Европа никогаш повторно нема да се чувствува толку слободна

Страшните настани од Париз ги огласија смртните камбани за европскиот либерализам.

Колку време ќе помине пред да се распадне европскиот либерализам? Исходот на терористичкиот масакр е најлошото време за правење на тие предвидувања. Екстремноста на бесот ги притиска политичарите и граѓаните да одиграат со подеднакво бесни одговори.

Вреди да се утешите себеси со мислата дека до петокот навечер, одговорот на Европа на тероризмот не беше екстремен. И покрај страшните предвидувања за спротивното, европските демократии не се претворија во полициски држави. Немаше бурни реакции или погроми против муслиманите. Земјите на ЕУ, вклучувајќи ја и Британија, останаа претежно слободни и добри општества.

Луѓето кои бегаат од вистински терор ја знаат вистинска состојба во која се наоѓаме подобро од нас. Тие бегаат кон Европа, не од неа.

Можеби денес ова звучи грубо, но скромниот одговор на тероризмот е последица на скромноста на насилството. Од нападот на Ал Каеда на Кулите близначки и Пентагон во 2001 година, најзачудувачкото нешто во однос на исламистичкиот тероризам во Европа беше тоа што го има премалку. Треба да им се признае на полициските сили и разузнавачките агенции дека ги апсат осомничените пред да нападнат. Можете да ја повторите најзначајната поента, дека сме против исламизмот, не исламот, и дека повеќето муслимани немаат никаква врска со тоталитаристичката религија. Без оглед на тоа која е причината, практичните последици се тие дека никој кој е на власт не сметаше дека треба да преземе нешто слично на прогласување воена состојба.

Европа „штотуку“ ги издржа нападите во Мадрид и нападот од 07.07 во Лондон, како и убиствата и обидите за убиство на евреите, сатиричарите и слободоумните во Париз, Брисел, Копенхаген и Марсеј. Освен тоа, имаше и „волци самотници“, како убиецот на Lee Rigby.

Не се преправам дека Европа остана истата. Откако исламистите ги извршија убиствата на карикатуристите кои го исмеваа пророкот Мухамед, кукавичка самоцензура се прошири во уметноста и новинарството, што е уште покукавичко бидејќи не ги признаа напорите на оние кои починаа. Но, останува точно дека радикалниот ислам не е радикално сменет во однос на минатото. Ако можете да патувате со временска машина, ќе го видите континуитетот меѓу нашиот свет и Британија или Франција или Данска од пред 20 години, како ги надминуваат разликите.

Не сакам да ги намалувам исламистичките криминали кога велам дека Европа имаше среќа. Од Нигерија до Авганистан, свештеничка фашистичка доктрина која наредува масовни убиства и самоубиства втурна цели религии во граѓанска војна. Сепак, божествено одобреното насилство не успеа да го голтне нашиот континент. Осомничените се сé уште невини пред да се потврди дека се виновни. Европската конвенција за човекови права останува на сила. Тероризмот е сé уште субјект на владеење на правото, не на военото право. И покрај сите провокации, сé уште сме она што бевме некогаш.

Се чини дека координираните напади во Париз ќе ја сменат Европа, и тоа на полошо. Ужасното страдање на луѓето кои само сакале оброк со семејството и пријателите, да гледаат натпревар или да одат на концерт, навистина трогнува. Калкулацијата зад нападите збунува. Овие убијци не биле „волци самотници“, туку „војници“, ако смеам да го употребам терминот без ненамерно да им оддадам чест, кои извршија добро испланиран и демонски извршен криминал против човештвото.

Претседателот Оланд веќе се откажа од јазикот на вообичаениот граѓански свет. Тој ги опиша злоделата како „воен чин“ од Исламска држава, наместо граѓански криминал, и прогласи вонредна состојба. Се закани и дека ќе ги затвори границите на државата. На тој начин се придружи кон трендот.

Сега се затвораат границите низ цела Европа. Ние Британците, имајќи го каналот меѓу континентот и нас, не сфаќаме колку би било шокантно да гледаме како се креваат огради меѓу Словенија и Унгарија, или како Швеѓаните, пред сé отворени и толерантни луѓе, ставаат контролни пунктови на  мостот меѓу Копенхаген и Малме. Европската унија треба да биде отворена. Нејзините лидери гордо се фалат дека завршиле со националистичката манија која предизвика толку разурнување во 20-тиот век. И пред нападите во Париз, Европа не ја поднесуваше лесно бегалската криза.

Угледните европејци можат да ги осудуваат националистичките партии кои се издигнаа против масовната имиграција како „крајно десничарски“. Можат да кажат дека популарниот страв дека има терористи меѓу бегалците кои бегаат од Асад и ИСИС е апсурден. Но нивиот критицизам ги разбесни нивните сопствени граѓани. Луѓето сакаат физичка безбедност колку што сакаат економска безбедност. Либералите, кои ги етикетираат сите кои се согласуваат со ова како „неофашисти“ или „расисти“, ќе ги навредат своите сопатриоти кои треба да ги разбедат и да го гарантираат нивниот пораз.

За да се зачуваат човековите права и да се спречи бранот на преземање на власта од авторитарните влади, мора да прифатите дека некои безбедносни грижи се реални, а не заговор од злобни групи на заговарачи кои сакаат да создадат „морална паника“. Мора да разберете и дека миграцијата и радикалниот исламизам сега ја менуваат Европа, и дека ако сакате да имате збор за тоа во кој правец ќе се движи вашата земја, мора прво да научите да бидете чуени преку соочување со промените искрено.

Колку ќе се промени Европа е отворено прашање. Како и секогаш, иднината зависи од мрачните пресметки на мртви тела и статистики за нападите. После нападите на Светскиот трговски центар на 9-ти септември 2001, коментаторите предвидуваа дека нашиот хедонистички свет пропадна. Иронијата се сруши заедно со Кулите близначки. Постмодернистичкото смешкање и муртење заврши. Во иднината ќе бидеме посериозни и потрезвени луѓе, кои ќе гледаат на наивните 90-ти како на одмор од минатото.

Ништо такво не се случи, бидејќи предвидениот бран насилство никогаш не дојде. Останавме слободни да се смешкаме, и треба да сме благодарни за тоа.

Можеби повторно ќе имаме среќа. Можеби нападите од Париз ќе бидат реткост, шокантен криминал кој ги разнишал нашите животи, но не ги променил фундаментално. Можеби мигрантите ќе бидат апсорбирани и популистичките партии ќе исчезнат. Можеби сите тие француски (и британски) жители кои заминаа да убиваат, силуваат и поробуваат за ИСИС нема да се вратат да го нанесат својот божествен терор на нас, или да инспирираат онлајн имитатори кои ќе вршат свои криминали. За 20 години, нашите деца можеби ќе можат да погледнат назад и да кажат со олеснување дека континуитетот од минатото ќе ги надмине разликите уште еднаш.

Можеби, кратко кажано, ќе имаме среќа. Но мора да кажам дека гледајќи ги фотографиите од Париз денес, ми се чини дека ни снемало среќа.

Пишува: Nick Cohen, колумнист на The Guardian