[Став] Поддршка има, пари нема!

Со тешки нозе се движевме кон плоштадот Македонија и со тивок глас разговаравме дали е можно по 12 години стоење на браникот на епидемијата сега да згаснеме неславно и да исчезнеме во заборав. Зарем е можно да се случи да немаме одбрана од епидемијата која  во сите европски земји се намалува, а кај нас по децениско успешно одржување на ниска стапка на ХИВ-инфекција да дојдеме до тоа да не се одвојуваат средства за основните сервиси? Зарем е можно по 12 години државава да не се грижи за своите граѓани?

Поминаа неколку месеци од кога на 1 декември 2016 година во Скопје се одржа последниот марш на платформата за ХИВ со кој се упати последниот повик за акција и минимум лидерство за да се спречи затворање на сите програми за ХИВ и епидемија на ХИВ во државава, во кој беа вклучени и организациите кои ги спроведуваат програмите за намалување на штети. Впрочем, тоа беше и последното одбележување на Светскиот ден на борба против ХИВ пред да прекине финансирањето од страна на Глобалниот фонд кон нашите организации, кога десетици илјади корисници на услугите на програмите за намалување на штети ќе останат без потребните сервиси за превенција од ХИВ. Загрижените лица на колегите од другите градови покажуваа страв дека епидемијата на ХИВ која ја спречувавме 12 години сепак ќе ни тропне на врата. Нашите стравувања беа оправдани, а прашањата горливи. Со тешки нозе се движевме кон плоштадот Македонија и со тивок глас разговаравме дали е можно по 12 години стоење на браникот на епидемијата сега да згаснеме неславно и да исчезнеме во заборав. Зарем е можно да се случи да немаме одбрана од епидемијата која во сите европски земји се намалува, а кај нас по децениско успешно одржување на ниска стапка на ХИВ инфекција да дојдеме до тоа да не се одвојуваат средства за основните сервиси? Зарем е можно по 12 години државава де не се грижи за своите граѓани?

Затоа треба да покажеме што сработивме. Да има напишано некаде, да не се заборави.

Во далечната 1996 година група луѓе ја отворија првата Програма за намалување на штети во Македонија под името М.А.С.К.А. Од оваа Програма израсна Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, чии членови подоцна станаа и наши ментори. Од ХОПС учевме сите. Овде не можам, а да не напоменам дека не би успеале да ги развиеме програмите без нивната безрезервна поддршка. Во периодот од 2000 до 2002 година се отворија програмите за намалување на штети во здруженијата Избор во Струмица и Виа Вита во Битола. Од 2004 до 2007 година со поддршка на Глобалниот фонд се отворија уште пет нови програми во рамките на здруженијата Пулс од Куманово, Младински клуб од Штип, Зона од Кавадарци, Опција од Охрид и Хелп од Гостивар. До 2011 година, Избор од Струмица отвори ваква програма во Гевгелија, а Центарот за развој и унапредување на јавниот живот Тетово во Тетово, повторно со поддршка на Глобалниот фонд. Во истиот период Црвениот крст на Македонија отвори програми за намалување на штети во Велес, во Прилеп и во Кичево. До затворањето на овој број, во Македонија постоеја вкупно петнаесет центри за намалување на штети од употреба на дроги во тринаесет различни градови, а во некои од нив и дополнителни сервиси. Искрено се надеваме дека ќе се случи некое чудо и дека овие програми ќе постојат и во иднина.
А се сеќавам, почнавме од нула.

Пред повеќе од една деценија учествувавме на првата обука за намалување на штети за да застанеме на браникот за правата на луѓето кои употребуваат дроги во Македонија. Од една страна бевме ние „новите“ новопечени млади активисти кои ги отворивме своите видици кон дискриминацијата, стигмата и неправедниот однос кој го трпеа корисниците на дроги секојдневно, а од друга страна веќе искусните колеги од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Заедно ги оформивме тимовите за намалување на штети од употреби на дроги и за превенција на ХИВ. Сега веќе како теренци, координатори, медицински и социјални работници од различни градови нестрпливо чекавме да почнеме со работа.

Вo октомви 2005 година почнавме да ги градиме капацитетите на нашите организации. Во Штип јас лично од дома донесов биро, столчиња, чашки за моливи, хефталки и други неопходни ситнурии за новозапочнатата Програма за намалување на штети од употреба на дроги во Штип. Тогаш 12 години помлади јас и моите колеги успеавме да создадеме една програма која до тогаш не беше видена во Штип. Создадовме програми со повеќе сервиси под еден покрив каде што без морализирање и осуда, анонимно и доверливо, луѓето кои употребуваат дроги ќе можат да добијат услуга. Со виден ентузијазам, тогаш како теренски работник, со ранец на грбот полн со „прибор за размена“ и со едукативни материјали, навратував во домовите на „дечките и девојките“ (никогаш не ми се допаѓало да ги нарекувам клиенти), одев од куќа до куќа и разговарав со нив објаснувајќи го бенефитот од програмата и услугите кои ги нудевме, а тие имаа разбирање дека и ние учевме заедно со нив. Па само што почнувавме! Не им беше лесно (да напоменам дека кој било да беше виден близу нашето здружение на почетокот беше квалификуван со етикета „наркоман“ од граѓаните кои поминуваа), но со голема скепса и срамежливо „дечките и девојките“ почнаа да доаѓаат во просториите на здружението за да добијат некоја од услугите што ги нудиме. Се трудевме да успее. Навистина се трудевме! По неколку месеци веќе, кога ќе се вратев во канцеларијата од терен во собата за дружење, ќе беа поседнати „дечките“ со кафе во рака, дискутираа на разни теми. Донесуваа свои правила за да го испочитуваат нашиот заеднички простор. Двапати во месецот заедно со нив излегувавме во патроли околу училиштата и собиравме отфлени шприцеви и игли кои во тоа време беа редовна слика, но денес е веќе реткост. Очигледно им значеше. Ја чувствуваа програмата како своја. Бев пресреќен што успевавме!

Низ градовите се организираа и учествувавме на повеќе десетици трибини, конференции и фестивали, сигурно некои и ќе испуштам, но во тоа време имаше настани кои сега недостасуваат, настани кои ни помогнаа да создадеме не само алка меѓу организациите, туку преку кои ги запознававме нашите сограѓани со програмите, а нам ни помогнаа да дадеме видливост и да создадеме квалитетни услуги за нашите „дечки и девојки“. Во Штип сите дававме сè од себе. Трпевме притисоци со петиции и вербални закани, но издржавме. Истото го поминуваа и организациите по другите градови, но тоа ни даваше сила да им покажеме на граѓаните дека стигмата кон нас и стравот кој го имаа се залудни и погрешни. Ние заедно со „дечките и девојките“ од цела Македонија го положивме тој испит. Сега тие исти граѓани нè поздравуваат на улица, понекогаш и ќе навратат во канцеларија да дадат поддршка. Успеавме да оставиме траен белег затворајќи ја вратата на дискриминацијата и стигматизацијата кон ваквиот тип организации. Почна да се чувствува промената.

Во Штип почнавме со волонтерско собирање на отфрлен инфективен отпад кој со години се насобираше околу училиштата и градинките, сами, со наши средства и упорноста на „дечките“, собравме стотици килограми потенцијален ризик за локалната заедница. Истово ова успешно го работеа и другите организации со кои бевме во редовен контакт разменувајќи искуства и идеи. Не се фалевме и не се рекламиравме, едноставно само го правиме она во што веруваме. Мислам дека успеавме бидејќи со години по ред ги добиваме највисоките оценки од донаторот. Но, најголемата оценка ја добивме од „дечките и девојките“ кои секојдневно доаѓаат и ги користат услугите што ги нудиме. Токму тие сега повеќе и од нас се исплашени од укинувањето на програмите за намалување на штети.

Секојдневно запознаваме нови млади луѓе на чии лица се гледа чудење кога ќе дознаат дека и кај нас може млад човек кој направил погрешен избор да биде разбран за проблемите, да биде прифатен без осудување, да добие медицинска услуга без да мора да ја повторува медицинската историја на секој нов доктор. Знае дека може да добие услуга и совет од социјален работник без чувство дека е испрашуван/испрашувана од „Гестапо“ (велам „Гестапо“ бидејќи институциите низ Македонија се претворија во центри за испрашување од страна на млади неискусни доктори и социјални работници кои не се задржуваат на тоа работно место подолго од две недели). Знае дека кај нас може да се јави среде ноќ со проблем на предозиран пријател и да добие совет како да постапи за да му го спаси животот. Знае дека никаде на друго место нема да добие ваква услуга.

Колку ли животи спасивме? На колку ли само им помогнавме? Колку ли животи се сменија на подобро? Поделивме стотици илјади шприцеви и двојно повеќе игли, стотици илјади кондоми и уште повеќе едукативни летоци и брошури постојано работејќи и разговарајќи со нив дека секој има право на нова шанса. Колку ли тешко го создадовме ова и сега да го снема засекогаш. Но, не се работи за материјалите. Се работи за животите на млади луѓе, за млади граѓани и граѓанки кои по погрешниот избор еден ден пак ќе се вратат во општеството како ресоцијализирани, реинтегрирани и здрави луѓе. Ете ТОА е нашата работа, да ги намалиме штетите за секој еден поединец, а притоа да го зачува своето, но и здравјето на луѓето околу него.

Лично не сум загрижен за мене. Не сум загрижен за мојата егзистенција. Истава плата ќе ја добијам во штипска конфекција или монтирајќи гипс-картон, уште и ќе добијам бонус со тоа што ќе имам пензиско и здравствено осигурување, нешто што го жртвував последниве 12 години, се разбира, покрај годините што ми поминаа. Засега некој во политиката одлучил дека нашите 12 години искуство се небитни. Десетици илјади луѓе се небитни. Небитно е и дека над стотина вработени и уште повеќе волонтери своето искуство ќе го фрлат во вода и ќе почнат од почеток. И еве, вистински ви велам, ќе го преживеам и тоа.

Но, кога на 1 јули 2017 година илјадници корисници на програмите за намалување на штети од употреба на дроги на ХЕЛП од Гостивар, на Пулс од Куманово, на Виа Вита од Битола, на Опција од Охрид, на Зона од Кавадарци, на Избор од Струмица, на Црвен Крст од Велес, Прилеп и Кичево, на ХОПС од Скопје и на Центарот за развој и унапредување на јавниот живот ќе наидат на затворени врати и по децениско работење и промена на ставови, свест и размислувања ќе сфатат дека сме ги напуштиле, ќе нема оправдување. Што ќе кажеме? Не сме виновни? Не е до нас? Нè напуштија и го прекршија ветеното тие со кои со години соработувавме? Тие се виновниците? Не знам.

Знам дека ќе останат на улица и како пред 12 години ќе нема каде да се обратат. Ќе лутаат во лавиринтите на институциите маргинализирани, дискриминирани и влечени од врата до врата. Знам дека услуги нема да добијат. Знам дека ќе изгубиме драгоцен труд кој макотрпно го создававме да дојдеме до ова што го имаме денес.  Секаде истата приказна, со сите колеги од другите организации го зборуваме истото, „Поддршка има, пари нема“. Дозволивме да нè изиграат. Знам дека ќе завршиме како Романија, Србија и Бугарија кај кои, кога ги затворија програмите за намалување на штети, стапката на новозаразени од ХИВ се зголеми многукратно. Зошто не добивме шанса за средства како Хрватска која 90 проценти од сервисите ги обезбедува преку грантови од државата? Зошто ние никогаш не сме лидери во работи кои значат живот? Знам дека илјадници корисници ќе тропаат на вратите на институциите и ќе го бараат она за кое знаат дека им следува! Ќе бараат бидејќи помина времето кога луѓето кои употребуваа дроги беа безгласна буква. Сега подучени, со подигната свест за своето здравје и своите права, ќе бараат не само услуги, туку ќе бараат и виновник. Колку побргу ќе го сфатат тоа надлежните, толку поголема шанса имаме да се спасиме од трагедија која ќе нè удри како Титаник, а ние замрзнати како санта мраз нема да можеме да реагираме!

Чувствувам дека нашата борба не е доволна. Потребни се сите активисти, работници, доктори, психијатри, социјални работници, полициски службеници и градоначалници, сите луѓе кои некогаш имале каков било допир со програмите и го препознале нивниот бенифит. Да им кажеме на политичарите „Доста е! Доста е назадување! Потребно е да одиме напред! Потребно е да ја заштитиме Македонија од болести за кои напредните држави веќе имаат одговор. Дванаесет години имавме и ние одговор, но надлежните велат „Ќе биде. Поддршка има.“, а за пари – борбата продолжува.

Денис Ампев

Авторот е координатор во Програмата за намалување на штети, активист во борбата за човекови и работнички права.

Извор: ХОПС

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Магазин “Дроги – Политики и практики”