[Став] Победници и губитници

Наместо парламентарните избори кои се одржаа во декември да бидат вовед во процесот на организирање на локалните избори на демократски и транспарентен начин, тие го добија обликот на нова бариера која оневозможува каква било функционалност на македонските институции, пишува Митко Арнаудов, докторанд на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

За минатогодишните избори во македонската држава веќе е доцна дa зборуваме. Тие се одржаа минатата година, но резултатите од истите не го дадоа вистинскиот ефект. Очекувањата од истите беа многу поголеми. Македонските граѓани очекуваа конечна разрешница на политичката криза, меѓутоа работите и понатаму се одвиваат во погрешна насока. Денес Република Македонија е држава во која владее не само политичка, туку и институционална и уставна криза. Наместо парламентарните избори кои се одржаа во декември да бидат вовед во процесот на организирање на локалните избори на демократски и транспарентен начин, тие го добија обликот на нова бариера која оневозможува каква било функционалност на македонските институции.

Каде сето ова ја води македонската држава? Зарем навистина решивме да бидеме држава на европскиот континент со изразени „африкански“ карактеристики?

Македонските граѓани застанаа во одбрана на државата. Платформата која ги обедини албанските партии на една страна, придонесе до разединување на македонските граѓани. Албанските политичари одлучија во целост да ја искористат „опасната“ поларизација помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Груевски и Заев и понатаму немаат намера да седнат на заедничка маса, додека Зијадин Села во своите јавни настапи веќе започна од етничките Македонци да прави технолошки вишок.

Во истиот колосек и неговиот колега од албанскиот политички блок Али Ахмети зборува за двојазични банкноти и како во македонското собрание ќе се зборувало на албански јазик. Зарем тоа и не беше случај досега? Господине Ахмети, на кој јазик досега зборувавте во собранието на Република Македонија?

Играта во македонската држава секако нема да биде вистинска додека не се вклучи регионалниот и меѓународниот фактор. Претставниците на Европската унија веројатно го потценија „инаетот“ на македонските политичари.

Всушност, гостите од Брисел веќе и не се добредојдени во Република Македонија. Претседателот на државата им го покажа тоа на многу јасен начин. Дали е тоа навистина во духот на дипломатските принципи и доблести останува да видиме. Во секој случај, светлото на крајот од тунелот сè уште не е видливо.

Од друга страна, таканаречените „добронамерни“ соседи, наместо да помагаат во процесот за надминување на кризата, тие дополнително ја комплицираат состојбата отворајќи нови фронтови на меѓуетничка линија во Македонија. „Храбриот“ Еди Рама и „опасниот“ Хашим Тачи јавно ги предупредија властите во Скопје дека смислата за постоење на македонската држава без Албанците во неа се губи. На сето ова се појавија и гласини од страна на одредени политичари во Тирана дека ќе ја враќаат старата покраина Илирида, која денес некои ја нарекуваат Македонија. За жал, ниту на граѓаните од Албанија и Косово не им е лесно со политичари од профилот на Рама и Тачи.

И по којзнае кој пат ќе го повторам прашањето: Каде во сето ова се македонските граѓани без разлика на нивната етничка, национална и религиска припадност? Од кого ја бранат државата граѓаните кои повеќе од 20 дена се на улиците низ македонските градови? Дали ја бранат државата од Тиранската платформа или од креаторите на истата? И каде во сето ова се наоѓаат македонските Албанци? Од нив, ниту трага ниту глас.

Ниту еден македонски Албанец досега јавно ја нема дадено подршка за платформата од Тирана. Дали тоа значи дека таквиот документ за нив воопшто не е ни битен? Во сите овие „македонски игри“ се отвораат илјадници прашања, но ниту еден одговор. И за крај потребно е да се каже дека идејата за одбрана на Македонија е одлична во овој момент, но едно треба да се знае: државата треба да ја бранат сите граѓани, ќе повторам, без оглед на нивната национална, етничка и религиска припадност, сите обединети во истиот ред.

И она најбитното, македонската држава денес треба да се брани од нејзините политичари, од актуелниот политички естаблишмент, од власта и опозицијата, од македонскиот и албанскиот блок, затоа што доколку тие беа кадри да разберат што претставуваат државни интереси ниту македонската држава ќе беше тука каде што се наоѓа сега, ниту некои квази-државници како што се Рама и Тачи ќе можеа да „делат лекции“ на своите Твитер профили. Време е да се размислува на вистински начин!

Митко Арнаудов – Докторант на Универзитетот во Белград – Факултет за политички науки