[Став] Операционализирање на областа млади во Агенцијата за млади и спорт

Со оглед на фактот што ова ми е прва колумна во новата 2018 година, дозволете ми да рекапитулирам со една реченица како лично ја доживеав 2017 во рамки на процесите и политиките за млади. Таа реченица би била некоја извртена верзија од познатата фраза „операцијата успешна – пациентот мртов“, со тоа што јас би рекол „операцијата започна, пациентот/пациентката се уште се одржува во живот и почнуваме со активна терапија за подобрување на ситуацијата“. Нормално, во овој случај операцијата е враќањето на суштинската работа на институциите за млади, а тоа е соработка со нив и за нив. Операцијата, барем за моментов, покажува дека сѐ уште има живот и дека може да се соработува директно со младите. Е сега е време да се користи „активна терапија“, изработена заедно со младите за да нема потреба во иднина повторно да се прават оперативни интервенции. Токму и затоа сметам дека новата година имаме можност и должност за да ја искористиме максимално за решавање на проблемите кај младите и кај младинското организирање. За тоа дека новата година ќе биде клучна зборуваше и мојата почитувана колешка Дона Костуранова, Извршна директорка на Младинскиот образовен форум во својата колумна за Радио Слободна Европа. Нејзините зборови „Ќе кажам директно дека 2018 ќе биде пресвртница за младинското организирање. Многу прашања што досега биле занемарувани, злоупотребувани, а некогаш и заборавани, сега е веќе јасно дека ќе мора да се решат“ ми служат како добра „потпора“ за моето медицинско дијагностицирање на случувањата кои што тек ќе следат во новата година.

Во 2017 пишував одговор на реторичкото прашање „За кого се државните институции, ако не за граѓаните?“. Оттаму, мислам дека дојде времето отворено да зборуваме за секоја институција која што во својата надлежност ги има младите. Затоа би почнал со „операционализирање“ на она што Агенцијата за млади и спорт би можела и требала да го направи во новата година. Дополнително на тоа, Агенцијата е прилично интересна и за временска анализа, односно како се одвивале промените од министерство за млади и спорт, во Агенција за млади и спорт во 2000 година преку законот за организација и работа на органите на државната управа. Иако според членот 62 на законот „Министерството  за  млади  и  спорт  се  укинува,  а  работите  од  неговата надлежност преминуваат  во  надлежност  на  Агенцијата за  млади  и  спорт“, а пак членот 30 на истиот закон ја дава рамката за тоа што всушност (треба да) прави Агенцијата. „Агенцијата за млади  и спорт ги врши работите што се однесуваат на грижата за психофизичкиот развој на младите и нивната заштита од болести на зависности, проституцијата, криминалот и други социопатолошки појави; грижата за статусот на младите; поттикнувањето и помагањето на различните облици на организирање на младите; преземањето активности за создавање услови за задржување во Република Македонија на способните и талентирани млади, како и создавањето услови за стимулирање на нивното враќање во Република Македонија; следењето на спортските и спортско-рекреативните активности од областа на спортот; следењето на развојот на врвниот спорт и врши и други работи утврдени со закон.“

Ако гледаме низ годините, или барем од 2000 година, не би можел со сигурност да кажам дека било која од овие надлежности е исполнета во целост или пак има јасна стратегија како да се исполнат надлежностите. Но, за да не запаѓаме во мантрата на константно анализирање на минатото, без гледање напред и нудење креативни решенија за тоа како можеме да ја подобриме ситуацијата. Прво што сметам дека е потребно е ревизија на стратегијата за млади 2016-2025. Ревизија пред сѐ бидејќи во последните две години акциските планови за имплементација на стратегијата немаа финансиска поддршка од агенцијата, ниту пак стратегијата успеа да биде нешто повеќе од план без имплементација. Стратегијата мора да биде „жив“ материјал, адаптиран на новите ситуации во младинското организирање и пред сѐ мора да има државна финансиска помош за имплементација. Втор процес кој што е важен за поголема операционализација на Агенцијата во областа на млади е кохерентен закон за млади кој што ќе го даде правецот на целосно исполнување на надлежностите на Агенцијата, но и многу поважно, ќе даде јасна насока за надлежностите за младинското организирање во земјата. Агенцијата со таков закон би добила поголеми ингеренции, па оттаму е јасно дека мора да има цврст став во процесите што ќе следат поврзани со законот за млади. Трета работа поврзана со стратегија и законот се финансиите за младинските организации. Агенцијата мора да е во можност да си ја исполнува надлежноста „ поттикнувањето и помагањето на различните облици на организирање на младите“, преку доделување на финансиска помош на организациите за активности и оперативни трошоци, но и преку поддршка на младинските форми на организирање.  Што се однесува до делот „спорт“ во името на Агенцијата, ми се чини дека е прилично јасно дека со законот за спорт се дава доволно „месо“ за успешно „оперирање“ во Агенцијата.

На крај, „активна терапија“ без трите работи наведени работи за областа млади само ќе допринесат за нова операција врз пациентот, но тогаш се плашам дека ќе биде предоцна за „оперирање“.

Пишува: Блажен Малески, претедател на НМСМ и истражувач во Реактор