[Став] Недостигаат жени во науката, бидејќи индустријата е сексистичка

Жените ги надбројуваат мажите во голем број природонаучни студии, но кога ја започнуваат својата кариера, се среќаваат со пречки кои не можат да ги надминат.

Зошто толку малку жени објавуваат научни студии? Тоа е прашање кое го постави New Scientist магазинот, кој вели дека во медицината, женски автори на научни истражувања има сѐ помалку, а не повеќе. Од 2009 година, процентот на жени како главни автори опаднал.

Ваквите откритија вообичаено предизвикуваат да викаме „Ни требаат повеќе жени во науката!“ и организациите праќаат портпароли да објаснат дека девојчињата треба да бидат охрабрени да студираат некоја научна дисциплина. Велшката влада, на пример, така го прослави Денот на жената годинава.

Но, иако ова е фантастичен начин да се убедат телата кои финансираат научни истражувања да посегнат во своите џебови, едноставно не е компатибилно со доказите. Тивката вистина е оваа: жените се занимаваат со наука. И не само „повеќе жени од кога и да било порано“, како што вели New Scientist. Всушност, во многу научни дисциплини жените се побројни од мажите.

Не ми верувате? Неодамнешни податоци од Агенцијата за статистики во високото образование на Обединетото Кралство (иако не се достапни онлајн, ги побарав од нивната прес канцеларија), покажува дека 69 проценти од студентите на медицинска технологија се жени, а на студиите за полимери ги има дури 86 посто. Зачудувачки 77 проценти од студентите на ветерина се жени, а процентот за студии по психологија е дури и повисок, 79. Поголемиот дел од студентите на антропологија (72%), офталмологија (69%), анатомија, физиологија и патологија (64%), зоологија (63%), форензика и археологија (61%) и фармакологија, токсикологија и фармација (61%) се жени.

Повеќе жени отколку мажи во Британија студираат и клиничка стоматологија (59%), клиничка медицина (55%), биологија (58%), молекуларна биологија, биофизика и биохемија (54%), археологија (56%) и земјоделство и поврзани предмети (56%). За програми класифицирани како „сеопфатни програми од медицина и стоматологија“, процентот на женски студенти е дури и повисок, со 76 посто.

Ако толку многу жени студираат медицина, како да го објасниме неочекуваниот пад на авторски дела на жени во медицинските весници од 2009 година?

Ова не се однесува само на бројот на жени кои студираат медицина. Жените сочинуваат повеќе од половина од сите студенти на медицина од 1990-тите. Денес, дури и на постдипломски, 64 посто од студентите кои студираат медицина и стоматологија се жени.

Наместо да дискутираме за полова пристрасност, New Scientist смета дека виновен е „изборот“ да се има семејство. Укажува на студија во овомесечното издание на American Economic Review, која покажува дека жените се субјект на казни и намалување на платата во науката, доколку имаат деца. Неодамнешен извештај на Комитетот за наука и технологија на Домот на комуните оди подлабоко во детали, велејќи дека кариерите во научно истражување се доминирани со краткотрајни договори, со слабо работно осигурување, во исто време кога жените би требало да добијат деца (доколку сакаат). Жената научник која има докторат се соочува со тешки одлуки, со многу мала помош од институциите. Жените не треба да мора да избираат меѓу кариерата и семејството, вели научниот магазин. Но, дали и мажите се соочуваат со слични одлуки?

Очигледно не. Европските истражувања покажуваат дека мажите и жените научници често имаа различни типови на партнери: мажите научници често имаат партнер кој не работи и останува дома да се грижи за децата, додека жените најчесто имаат сопруг научник. Затоа, мажите научници можеби немаат потреба од работни навики кои се прилагодени за семејството за да имаат успешна кариера, но жените имаат. Токму затоа и доаѓа до помал број на жени во научните кариери. А тоа кажува многу за истражувањето кое покажа дека научниците не се толку компетентни за работно место доколку се жени.

Дали е ова важно? Е. Науката и технологијата доминирана од мажите им овозможува на жените да го загубат животот во сообраќајна несреќа на само 20 милји на час, бидејќи инженерите превиделе дека воздушните перничиња доаѓаат до вратот поради нивните гради. Како што Наоми Вулф посочи во нејзината книга Promiscuities: A Secret History of Female Desire, низ вековите анатомичарите заборавале и повторно го откривале клиторисот барем шест пати пред да настапи Хелен О’Конел.

Големо чудо е,т огаш, што Комитетот за наука и технологија на Домот на комуните смета дека инспирирањето на девојчињата да студираат во научното поле не е доволно, велејќи: „Напорите се залудни ако жените се често диспропорционално во полоша состојва во научните кариери во споредба со мажите“.

И сепак, често ни се кажува дека треба да испирираме повеќе девојчиња. Лоби групите се многу погласни за потребата да регрутираме жени во науката, отколку за тоа што треба да се направи за жените да останат во науката после дипломирање.

Редок текст во изданието на весникот Science од овој месец може да објасни зошто. После детализирање на шокантни примери на дискриминација и мизогинија – од непристојни дискусии за силувањето и женската анатомија, до неуспехот на колегите да ја признаат женската експертиза, авторот пишува: „Можеби е премногу да се побара од жените во научните организации а ја променат мизогинистичката култура, во свет кој останува мизогинистички“.

Секако, иницијативите како Soapbox Science во лондонскиот Саутбенк центар оваа недела се вредни за проширување на идеите на луѓето за тоа кој може да биде научник. Но, тажниот факт е дека е многу полесно да се каже дека „ни требаат повеќе жени научници“ отколку да се истапи, да се погледе кон (претежно машките) лидери во науката и политичарите во очи и да се каже: „Вашите лаборатории, процедури на вработување, процесите на алокација на грантови и рутини на објавување на трудови се сите сексистички, и нивните резутати во науката и технологијата не се толку добри барем за половина од населението. Зошто сте дозволиле ова да трае толку долго?“.

Џени Гристок за Guardian