[Став] Научниците ќе излезат на улиците на глобален марш за вистина

Научниците и нивните поддржувачи ќе излезат на улица на глобален Марш за наука на 22 април. Протестот кој започна како производ на мала Фејсбук група во Вашингтон, се претвора во глобален феномен – маршеви и други настани кои ќе се случуваат на повеќе од 500 локации низ светот, од Сиетл до Сеул.

Одлични се вестите дека толку многу луѓе се подготвени да застанат и да ја одбранат потребата за размислување основано на докази и за научниот метод. Сепак, истовремено е тажен коментар за нашето време, што воопшто е потребен Марш за наука. Пост-вистинитиот популизам ги инфицираше демократиите низ светот, научната објективност е под закана од повеќе извори, и се чини дека има вистинска опасност да западнеме во модерно дистописко темно доба.

Јасно е дека старите денови во кои научниците седеа во лабораториите, објавуваа истражувања во академските весници, оставајќи ги фактите да зборуваат за себе, завршија. Како што нè потсетува историчарката на наука од Харвард, Наоми Орескес: „Фактите не зборуваат за себе бидејќи живееме во свет во кој многу луѓе сакаат да ги замолчат фактите“. Во нејзината книга, „Трговци на сомнежот“, Орескес пишува за овие обиди од индустријата на тутун до денес, обиди на негаторите на науката кои се во паралела со денешните скептици на климатските промени, анти-ваксерите и анти-ГМО движењата.

Овие борци против вистината преземаат големи чекори за да го негираат постоењето на научниот консензус за различните проблеми. Фактот дека 97% од литературата за климатските промени го поддржува консензусот дека поголемиот дел од глобалното затоплување е предизвикано од луѓето, а се отфрла како едноставен елитизам. Но, како што д-р Сара Еванега, директорка на Сојузот за наука на Универзитетот Корнел, вели: „Вредностите кои ние ги браниме се вредностите на просветлувањето, не на естаблишментот“. Експертизата е вистинска, вели, а ние ја одбиваме и си гледаме во сопственото уништување.

Може најинспиративниот аспект на Маршот за наука, и она што може да се испостави како негово најиздржливо наследство, е во врска со глобалната природа. Науката не е западна, секаде е и за сите. Работев со колегите од Сојузот за наука, за да помогнам да се организираат маршеви во Бангладеш, Нигерија, Уганда, Венецуела, Чиле и други места. Меѓу долгите Скајп повици за логистика, собирање пари и медиумско покривање, гледав како светат светлата како што бројот на маршеви на глобалната мапа продолжуваше да се зголемува. Изгледаше како светот да се осветлува со знаење.

Главниот организатор на Маршот за наука во Бангладеш, Ариф Хосаин, вели: „Марширам да му покажам на сетот дека сме соединети за науката во Бангладеш. Имаме 160 милиони луѓе кои треба да ги прехраниме со променетата клима, а заедно ќе направиме подобро утре со наука и иновација“.

Иако проблемите и грижите варираат во различните локации, ценењето на потребата за наука е глобално. Како Нкечи Исак, организатор на Маршот за наука во Абуџа, Нигерија, вели: „Науката е револуционерна. Го држи клучот за постојаниот развој и пообрувањето за адресирање на климатските промени, недостатокот на храна и предизвиците во медицината. Науката го има решението за светскиот глад“.

Нигеријците можат да сведочат за трагичните ефекти на анти-научниот активизам. Обидите да се излечи детската парализа во државата беа спречувани со години, поради теориите на заговор раширени од оние кои се сомневаат во модерната медицина и вакцините. Луѓе умираат кога постои неверба во науката.

Токму за тоа ќе маршираме. Време е да влеземе во ерата на пост-вистината. А, нема веќе време за губење.

Пишува Марк Линас, колумнист за наука и екологија и академик на Сојузот за наука на Универзитетот Корнел, за Гардијан