[Став] Најчесто користени психостимуланси

Идејата на овој текст е разбивање на митовите, на табуата и на стереотипите за употребата на психостимулативни дроги ‒ психостимуланси.

На самиот почеток би сакал да ви поставам едно едноставно прашање кое би гласело „Дали некогаш во својот живот сте користеле некаков тип стимуланс?“ Доволно е самите на себе да си го одговорите ова и следното прашање. Доколку одговорот е „Да“, следното прашање би било „Кои?“. По дефиниција, психостимуланс е психоактивна супстанција која доведува до стимулирање на централниот нервен систем (ЦНС) или на телото, или на двете, зголемување на будноста и на концентрацијата.

Жаргонски кажано тие „креваат” расположение, енергија, будност, обратно од некои други дроги кои „спуштаат” како на пример опијатите.

Стимулансите се употребуваат во светот, некои легални некои илегални, лекови на рецепт или без рецепт, супстанции за секојдневна или за рекреативна употреба.

Можноста и потребата луѓето дополнително да ги стимулираат телото и сетилата, да ја подигнат концентрацијата и будноста постојат бидејќи извесни супстанции внесени во човековото тело тоа го предизвикуваат преку стимулација на ЦНС. Некои од овие психоактивни супстанции се наоѓаат природно во некои растителни култури, а со развојот на фармакологијата кон крајот на 19 век, а особено во 20 век се откриваат и нови супстанции кои дејствуваат стимулативно на ЦНС. Она што е спорно е тоа што некои од нив се легални во слободна продажба и се користат масовно во светот, додека некои други се контролирани или забранети (илегални) супстанции или пак се пропишуваат на рецепт од лекар.

Историја на употребата на стимуланси

Ефедрата како медицинска билка е употребувана во Кина пред 5 000 години. На европското тло употреба на тутунот се забележува со откривањето на Новиот Континент и враќањето на Кристофер Колумбо во Европа кон крајот на 15 век. Во 17 век се забележуваат и првите податоци за употребата на кафето. Кокаинот, пак, во чиста форма е изолиран во 1855 година. Зигмунд Фројд (Sigmund Freud) во третман на депресија користи кокаин во 1884 година. Синтетскиот стимуланс амфетамин е синтетизиран во 1887 година, а психоактивната супстанција МДМА е откриена сосема случајно во 1912 година. Новата ера во истражувањата со психостимулативни супстанции доаѓа со откривањeто на дроги од психоделична класа, како ЛСД, од страна на хемичарот Aлберт Хофман (Albert Hoffman) првично во 1938 година во лабораторијата на Сандоз (Sandoz) во Швајцарија, а потоа и со истражувањата и експериментирањето со психостимуланси и со психоделици во третман на психијатријски заболувања и состојби или рекреативно кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. И доаѓаме до денешно време и синтетизирање на нови психоактивни супстанции (НПС) меѓу кои некои од нив се психостимуланси.

Правна регулација на легални и на илегални стимуланси

Поделбата на легални и на илегални стимуланси и дрогите воопшто доаѓа со донесувањето на Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година, Конвенцијата за психотропни супстанци во 1971 година, како и Конвенцијата на Обединетите нации против илегалниот промет со наркотични дроги и психотропни супстанци во 1988 година. Па така кафето, никотинот остануваат легални, додека сите останати, вклучувајќи ги и психостимулансите како амфетамините, МДМА и кокаинот стануваат контролирани или забранети (илегални) супстанции.

Употребата на легалните стимуланси во секојдневјето

Кафето е најраспространета и најчесто употребувана психоактивна супстанција или дрога во светот. Кофеинот припаѓа во ксантинската класа на хемиски состојки кои природно се наоѓаат во кафето, чајот и во помала мера во какаото и во чоколадото. Кофеинот, покрај во кафето, може да се најде во многу газирани пијалаци (кола и слични), како и во поголеми количини во енергетските пијалаци. Може да се најде и во некои лекарства и секако е легална супстанција во слободна продажба во светот.

Тутун или тобако е исто така познат легален стимуланс кој масовно се користи на планетава. Активната состојка во тутунот е никотинот. Природно се наоѓа во листовите на растението тутун кој потоа суров или преработен најчесто се консумира со пушење. Во денешно време актуелни се и електронските цигари како замена или алтернатива на цигарите, а содржат чист никотин во течна форма кој преку согорување се користи со пушење.

И покрај бројните штетни последици и лошото влијание врз здравјето на луѓето и висок процент на смртни случаи од последиците на консумирање на овие легални дроги, тие се наоѓаат во слободна продажба, а не ретко со нивно консумирање се започнува уште на многу мала возраст. И покрај сè станува збор за индустрија која остварува големи профити како резултат на нивната продажба, а пак цената на лекување на последиците од нивната употреба е исто така висока. Но, ќе кажеме, тие се легални, т.е. не се забранети со што делумно ја потиснуваме свесноста и личната одговорност за штетите кои ги носат со себе.

Најчесто употребувани илегални психостимуланси

Амфетамински тип стимуланс. Амфетамин (алфа-метилфентиламин) е стимуланс на ЦНС. Синтетизиран е во 1887 година од страна на романскиот хемичар Лазар Еделеану (Lazăr Edeleanu) на Берлинскиот универзитет (Universität zu Berlin). Во умерени дози создава емоционални и когнитивни ефекти како еуфорија, промени во либидото, ја зголемува будноста и го подобрува мисловниот процес. Во терапевтска смисла, во некои земји од светот како САД, Канада и Англија лекарства врз база на амфетамини се користат за третман на повеќе медицински состојби и заболувања. Покрај амфетаминот, во групата на супститути на амфетамини се наоѓаат низа супстанции слични по хемиски состав, но и во дејство. Најчести примери на супститути на амфетамини се: метамфетамини, ефедрин, катинони, МДМА (екстази) и ДОМ (СТП).

МДМА ‒ 3,4-метилендиокси-метамфетамин е психоактивна и психостимулативна дрога позната по своето еуфорично и емпатогено дејство. Синтетизирана е уште во 1912 година од страна на германскиот хемичар Антон Кулиш (Anton Köllisch) во лабораториите на германската Фармацевтска компанија „Мерк“ (Merck), а патентирана во 1914 година. До нејзиното откривање се доаѓа случајно, а нејзините психофармаколошки ефекти се актуелизираат од страна на психофармакологот Александер Шулгин (Alexander Shulgin) во седумдесеттите години од минатиот век кога и започнува поголема рекреативна употреба на овој стимуланс. Како супстанција е забранета прво во Велика Британија во 1977 година, а потоа и во САД во 1984 година. МДМА е контролирана супстанција во повеќето земји во светот. Најчеста форма во која се наоѓа МДМА е популарната таблета екстази, но се ноаѓа и во чиста кристализирана форма. Во терапевтски цели се споменуваат истражувањата во примената на МДМА кај пациенти со посттрауматско стресно нарушување (ПТСД), кои се актуелни и денеска и се наоѓаат во третата фаза од клиничките испитувања од страна на МАПС – Мултидисциплинарна асоцијација за психоделични студии (MAPS – Multidisciplinary Association for Psychedelic Studies) од Санта Круз, Калифорнија.

Кокаин – Кокаинот се добива од листовите на растението еритроксилон кока. Одгледувањето и употребата на овие листови од страна на староседелците на јужноамериканскиот континент е одамна познато. Кокаинот е изолиран во 1855 година од германскиот хемичар Фридрих Гетке (Friedrich Gaedcke). Позната е употребата на кокаинот во лекување на многу болести, во психијатрија, во соматологија, во анестезиологија, но и во други медицински гранки. До голема популаризација доаѓа во 70-тите и 80-тите години од минатиот век кога започнува илегалната експанзија првично во САД, а потоа и во Европа и во светот. Кокаинот е најчесто употребуван стимуланс во Европа според податоците во Европскиот извештај за дроги од 2015 година објавен од Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности (The European Monitoring Centre for Drugs and Drug Addiction – EMCDDA).

Стимуланси кои се пропишуваат како лекарства на рецепт – пракса во некои земји во светот

Стимуланси кои се користат како лекарства и се достапни на лекарски рецепт се амфетамин (адерал) и метилфенидат (риталин и концерта). Се пропишуваат и се дозираат за третман на некои заболувања и медицински состојби како нпр. нарушување на хиперактивност и недостиг на внимание (АДХД), и тоа кај деца, адолесценти и возрасни, нарколепсија (хроничен замор и несоница), дебелина, Паркинсонова болест и др. Студиите од анализите на снимките од магнетна резонанција (МРИ) укажуваат дека кај долгорочен третман со амфетамини доѓа до намалување на абнормалностите во мозочните структури и функции кај луѓето со АДХД и до подобрување на мозочната функција во структурите како нуклеус каудатус и во базалните ганглии.

Нови психоактивни супстанции (НПС) од видот психостимуланси

Со развојот на истражувачката хемија и на фармакологијата во денешнината, а и поради регулациите кои постојат во светот, постојат бројни миметици и аналози како синтетски новооткриени психостимуланси за кои постојат малку истражувања за дејството и за влијанието врз здравјето на луѓето или малку се познати, а сè повеќе се присутни на илегалниот пазар на дроги во светот. Она што неколку децении беше синоним за МДМА – таблети екстази не ретко воопшто и не содржат МДМА, туку супстанции од друга класа на дроги или пак некоја НПС.

Што се однесува до ставовите за легални и за нелегални психостимуланси, примерите од Потругалија каде што во 2001 година е декриминализирана употребата на сите видови дроги, како и поседување количина за лична употреба покажуваат многу позитивни искуства меѓу кои најзначајни се драстично намалување на бројот на сексуално преносливи инфекции меѓу луѓето кои користат дроги и намалување на бројот на смртни случаи како резултат од предозирање. Португалија е една од земјите во светот со најниска стапка на смртност како резултат на предозирање од дроги. Законот беше дизајниран на таков начин што поседувањето и употребата на мали количини на дроги се третираат како јавен здравствен проблем, а не како криминал. Дрогите секако се илегални, но поседувањето во правна смисла значи мала парична казна или по потреба третман на програмите за одвикнување од дроги, а не затворска казна и отворање криминално досие со што и самиот криминалитет се намали драстично. Но, покрај тоа и употребата на новите дроги т.н. легални хајови или НПС е на ниско ниво во споредба со останатиот дел од светот. Сепак стравувањето дека со декриминализацијата на дрогите ќе се зголеми бројот на корисниците и зависниците од дроги падна во вода бидејќи тоа реално не се случи, а останаа позитивните искуства.

Давор Смиланов

Авторот е дипломиран по општа медицина на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија. Смиланов раководи со Медицинскиот сервис во Центарот за намалување на штети во Капиштец кој е дел од Програмата за намалување на штети на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Има учествувано во бројни национални и регионални проекти, конференции и кампањи за намалување на штети од употреба на дроги.

Извор: ХОПС