[Став] Начините на кои рутерите може да ги шпионираат луѓето

Граѓаните го поминуваат речиси секој момент од нивното секојдневие преплавени од wi-fi сигнали. Домовите, улиците, фирмите, постојано зрачат безжични сигнали на секој можен начин за доброто на телефоните во близина, таблетите, лаптопите, преносливите уреди, како и за други поврзани реквизити.

Кога тие уреди се поврзуваат со рутер, тие испраќаат барања за информации, како временска прогноза, најновите спортски резултати, нова статија, а за возврат, ги примаат тие податоци во воздухот. Покрај тоа што комуницира со уредите, рутерот, исто така, собира информации за тоа како неговите сигнали патуваат нив воздухот и дали тие се нарушени од пречки. Со овие податоци, рутерот може да направи мали корекции за да комуницира поверодостојно со уредите за кои е поврзан.

Но, исто така, може да се користи и за следење на луѓето, и тоа на изненадувачки детални начини.

Кога луѓето се движат низ просторот со wi-fi сигнал, нивните тела влијаат врз него, апсорбирајќи дел од брановите и рефлектирајќи други во различни правци. Анализирајќи ги точните начини на кои wi-fi сигналот се менува кога низ него се движи човек, истражувачите можат „да видат“ што некој пишува со својот прст во воздухот, да идентификува одредена личност преку начинот на кој оди, па дури и да читаат од уста со голем процент на точност – во некои случаи и кога рутерот не е во истата просторија со личноста што ги врши активностите.

Неколку неодамнешни експерименти се фокусираа на користењето на wi-fi сигналите за да идентификуваат луѓе, или врз основа на нивниот облик на телото, или преку нивниот специфичен начин на движење.

Претходно, овој месец, група на научници од Северозападниот политехнички универзитет во Кина објави истражување во кое детално е опишан систем кој точно може да идентификува луѓе додека минуваат низ врата, девет пати од десет.

Системот прво мора да биде обучен за да ги научи индивидуалните облици на телото, за потоа да може да ги идентификува. По меморирањето на облиците на телото, системот, кој научниците го именуваа FreeSense, ги гледа луѓето кои минуваат низ неговото видно поле.

Ако се вели дека следниот минувач ќе биде еден од двајца луѓе, системот може точно да идентификува 95 отсто од времето, Ако треба да одбери меѓу шест луѓе, го идентификува вистинскиот 89 отсто од времето.

Истражувачите предложија да ја користат нивната технологија во поставување на „паметен дом“, односно ако рутерот почувствува лице кое влегува во собата, тој ќе може да комуницира со други поврзани уреди, како светла, апарати, завеси за прозорци, за да ја прилагоди просторијата според потребите на личноста.

Од FreeSense произлезе друг систем за идентификација врз основа на wi-fi, кој го презентираше група истражувачи од Австралија и Велика Британија за време на конференција претходно оваа година. Нивниот систем, Wi-Fi ID, е фокусиран на одењето како начин на идентификување на луѓе во помала група.

Овој систем постигна 93 отсто точност кога одбираше меѓу две лица, а 77 отсто кога одбираше меѓу шест лица. Истражувачите, исто така, напишаа дека системот во иднина би можел да биде толку точен во својата проценка што би предупредувал ако влези натрапник.

Нешто слично? Нема проблем. Група истражувачи од МИТ напишаа во 2013 година дека тие би можеле да користат рутер за да го откријат бројот на луѓе во една просторија и за да идентификуваат основни гестикулации, дури преку ѕид. Тие би можеле да кажат колку луѓе се наоѓаат во просторија преку дрвена врата, шуплив ѕид со челични греди, или бетонски ѕид, и да детектираат порака напишана во воздухот на растојание од пет метра (но во друга просторија) со 100 отсто точност.

(Користејќи попрецизни сензори, истите истражувачи почнаа да развиваат системи што можат да разликуваат луѓе кои стојат позади ѕидови и далечински да го следат дишењето и срцевото отчукување со 99 отсто точност. Претседателот Обама доби увид во најновата технологија за време на минатогодишниот Демо ден во Белата куќа, во форма на Емералд, уред повеќе насочен кон старите луѓе, кој може да регистрира физичка активност и паѓања низ целата куќа. Уредот дури се обидува да предвиди пад пред да се случи, следејќи ги движењата на личноста.)

Покрај човековата идентификација и препознавањето на основни гестикулации, wi-fi сигналите може да се користат за да се спознаат и најмалите движења со екстремна прецизност.

Системот наречен „WiKey” претставен минатата година може да каже кои копчиња корисникот ги притискал на тастатурата, преку мониторирање на движењата што ги прави прстот. Откако ќе биде усовршен, системот би можел да препознае цела напишана реченица со 93,5 отсто точност, користејќи ништо друго, освен комерцијално достапен рутер и некој сопствен код создаден од истражувачите.

Исто така, група истражувачи од Универзитетот Беркли презентираа технологија во 2014 година која може „да слушне“ што зборуваат луѓето, со анализа на нарушувањата и рефлексиите во wi-fi сигналите, кои се резултат на движењето на усните. Системот можел да одреди кои зборови од листата на читливи збори од уста биле кажани со 91 отсто точност, кога некоја личност зборувала, а 74 отсто точност кога тројца луѓе зборувале во исто време.

Многу научници ги претставија своите технологии кои се основаат на wi-fi-сензори, како начин да се зачува приватност додека сè уште се собираат важни податоци. Наместо да користат камери за да го набљудуваат просторот, снимајќи и зачувувајќи сè што се случува во детали, системот со рутер би можел да ги детектира движењата, или активностите, без премногу наметнување, велат тие.

Го прашав главниот истражувач на WiKey Камран Али, дали оваа технологија би можела да се искористи за тајно крадење на чувствителни податоци. Али одговори дека системот единствено работи во контролирани средини и со ригорозен тренинг.

„Засега нема простор за грижење околу приватноста “, напиша Али, докторанд на Државниот универзитет во Мичиген, преку е-мејл.

Но, како што се развива „визијата“ за wi-fi, таа може да стане поприлагодлива и да и треба помалку обука. И ако хакер може да добие пристап до рутерот и да инсталира софтвер сличен на WiKey, или да го надитри корисникот да се поврзи на малициозен рутер, тој или таа, може да се обиде да дознае што било напишано во близина без корисникот да знае.

Откако сите овие идеи ќе се спроведат, еден од најсеприсутните безжични сигнали е спремен за широка дистрибуција, без да има потреба од нова или скапа опрема. Рутерите наскоро би можеле да ги чуваат децата и старите лица, да навлезе во дневните активности, или да направи паметниот дом да функционира полесно, но ако е нападнат од хакер, тие исто така, би биле претворени во неверојатно софистицирани центри за набљудување и надзор.

Извор: The Atlantic