[Став] Мојот Дејвид Боуви, жив засекогаш

Мојот Дејвид Боуви не е мртов. Никогаш нема да биде. Тоа што ми го даде засекогаш ќе биде мое, бидејќи ме оформи. Сосема ми е јасно, не ми треба оплакувањето на политичарите и ТВ презентерите и нивните замаглени сеќавања на неговите „хитови“. Не ми треба оценување според тоа дали бил на сцена со Dylan или Lennon, бидејќи знам дека тоа е глупаво прашање. Едноставно знам. Тој беше моја ѕвезда водилка: во годините додека се обидував да се најдам себеси, ми покажа безброј можности. Тој допре до нови простори, метафорично и физички. Тој знаеше да се движи.

Тие можности никогаш не завршуваат, иако тој знаеше дека ќе им дојде крајот. Замина „како онаа сина птица“, како што пее во најновиот сингл Lazarus. Тој знаеше нешта кои ние не ги знаевме, како што знаеше и цел свој живот. Заминува со Blackstar, албум кој ми беше страшен без да знам зошто. Што можам да правам сега, освен да слушам и да липам?

Пронајдете си ваш Боуви. Ќе го најдете некаде. Таа прва изведба на Ziggy. Првиот пат кога ставивме  прехранбена боја на косата. Ноќта кога страста беше заменета со поразличен вид на копнеж. Копнеж да се биде во еден од световите за кој ни пееше.

Тој е сѐ уште со мене. Го носам Station to Station во станот на другар. Мора да го слушне. Се однесувавме кон овие албуми како кон религиски артефакти. Ги проучувавме описите на песните. Сакавме да знаеме нешто од тоа што Боуви го знаеше. Тој беше нашиот универзитет. Тој беше оној што знаеше да го отвори светот.

Боуви нѐ водеше во малиот град кој моите наставници го нарекуваа „разурнат дом“. Се откажавме од трудењето да бидеме „нормални“ кога му се предадовме. Пееше за вселената и за дрога и за лебдење над светот. Можеше да биде многу нежен, или насилен. Беше вмешан во нешто мистично, нешто што го препознавме, но не можевме да го сфатиме бидејќи бевме премногу зафатени со играње и барање повеќе.

Но, сето ова време ни предаваше тајно знаење. Научив за Burroughs, Kemp, Crowley, Берлин, Sakamoto, Roeg и многу други како него. Првата вистинска врска ја започнав заради него – момчињата од работничката класа носеа молив за очи и лак за нокти затоа што тој носеше, и тоа ги правеше многу интересни.

Тоа беше време кога насловите на таблоидите врескаа „gender bender“, иако го немав слушнато зборот „gender“ (пол) претходно. Мајка ми и дедо ми уништија една епизода на Top of the Pops расправајќи се дали е маж или жена кога прв пат се појави. Како можеа да бидат толку глупави? Како не сфаќаа? Всушност, не сум го сменила мислењето оттогаш.

Ние знаевме што е тој. Никогаш немаше сомнежи. Ја обезначи славата пред било кој да го сфати концептот. Не само што танцуваше, тој и размислуваше. Нѐ шеташе низ жанровите хранејќи се со кокаин и млеко. Изгледаше како вонземјанин. Но, фанкот човече, фанкот беше толку реален.

Кога седев до него еднаш во еден темен подрум на клуб во раните 80-ти во Њујорк, изгледаше како човек. Се преправав дека не знам кој е, бидејќи бев вчудовидена што тој е вистинска личност. Го направив истото неколку години подоцна, на забава. Беше таму, перфектно среден, сѐ за што сонував, но сепак тој припаѓаше на мојата имагинација. Не сакав вистински разговор со него. Во човечка форма беше шармантен, но мојата љубов беше чиста.

Минатата недела опсесивно ја слушав Hunky Dory, бидејќи некој на интернет ме изнервира редејќи ги песните според тоа колку се добри.

Боуви никогаш не ми здосади, не го надраснав. Никогаш не беше минато. Секогаш е сегашност. А Blackstar? Највозвишениот меѓу англиските уметници копнее за „евергрин“ на самиот крај. Сѐ уште е дислоциран, вткаен во музиката.

“Lay me place and bake me pie I’m starving for me gravy Leave my shoes, and door unlocked I might just slip away“. И исчезна.

Ја отклучи таа врата. За мене, за тебе. За нас. Ни даде сѐ. Ни даде идеи, идеи поголеми од нашите можности. Сите идеи, и една конкретна. Онаа за животот. Ѕвездената идеја дека можеме сами да го создадеме она што сме. Ни овозможи да бидеме повеќе одошто мислевме дека е можно. И нема ништо повеличествено од тоа. Ништо.

Пишува Suzanne Moore, наградуван колумнист на Guardian