[Став] Мојата Агенција за млади и спорт и нашите политики за млади

На последниот настан за млади организиран од мојата матична организација „Младински Сојуз- Крушево“ кога ги запрашав младите „која институција во Македонија е институција посветена на вас – младите“, во група од 30-ет млади луѓе повеќето одговори беа Министерство за образование. Денес добив можност да пишувам за Агенција за млади и спорт, институцијата посветена на младите во Македонија. Јануари интересен месец! Тука јас би сакала да продолжам онака како што и дискутиравме со 30-те млади луѓе во Крушево за Агенција за млади и спорт. Не беа запознаени, ама беа позитивно изненадени дека во нашата држава има една цела институција посветена на нив, младите! Решивме да го дефинираме секој збор од нивната институција со нивна дефиниција, која според мене е вистинската дефиниција за Агенција за млади и спорт.

Агенција – систем, заедничка цел, структура, активно ангажирање и поттикнувач на одговорност кај младите, квалитетна соработка со младите луѓе.

Млади луѓе – ресурси, а не проблеми кои треба да се решаваат, потенцијална категорија од 16 до 29 години од населението,  потреби и дел од решенијата,  1/5 од вкупната популација во нашата држава.

Спорт – здравје, физичка активност, тимска физичка активност, вклучување и еднаквост, учество, поддршка, инвестиција во иднината на општеството.

Младите луѓе дефинираат сеопфатно, онака како што им се очекувањата од нивната матична институција, онака како што тие очекуваат да бидат младинските политики во нивната држава.  Тука, кај младинските политики, за мене најважните политики во нашата држава, треба да биде фокусот на инвестирање на Агенција за млади и спорт.

Според мене, младинските политики се неформалното образование за младите, легислатива за млади, буџет за млади, стратегија на информирање на младите, меѓу-секторски пристап којшто излегува од националното и аргументирано го вклучува локалното, младинското истражување, можностите за учество на младите, иновација, младински советодавни тела.

Да, комплексни се младинските политики и истите бараат подготвена и вредна институција за млади. Процесите во нашето општество се бавни, сложени и вообичаено не ги вклучуваат тие на кои се однесуваат. Тука би сакал критички да ја поддржам нашата, мојата и твојата, Агенција за млади и спорт во квалитетните инвестиции во секој важен сегмент од младинските политики. Затоа што неформалното образование е темел за градење активни граѓани од младите луѓе! Затоа што инвестицијата во демократскиот, отворен и инклузивен младински граѓански сектор води кон демократско, отворено и инклузивно општество! Затоа што промоцијата на квалитетни младински ментори ќе мултиплицира квалитетен развој  во нашето општество! Затоа што е потребен закон за млади којшто ќе кореспондира со другите димензии на про-активна младинска политика! Затоа што не е потребно само поддршка на младински иницијативи и идеи, ами институционална и административна поддршка на организациите за млади! Затоа што политиката за информирање на младите важно е да биде стратешка и транспарентна и да им ги нуди различните можности коишто постојат за нив. Затоа што националната стратегија не може да биде реалност без фокус на тоа што треба да се направи на локално ниво.  Затоа што младинската политика треба да се базира на истражувања посветени на младите.

На крај, затоа што во темелите  на младинската политика треба да биде активното вклучување и учество на младите луѓе во општеството.

Силно верувам дека заедно со Агенција за млади и спорт, потенцијалот на Националниот младински совет, искуството на граѓанскиот сектор посветен и отворен  кон младите, ќе успееме да изградиме заедничка идеја за младинска работа, заедничка идеја за квалитетен развој и заеднички систем за делување. Овие заеднички идеи ќе бидат наша основа за развој на КВАЛИТЕТНИ МЛАДИНСКИ ПОЛИТИКИ.

Билјана Стојческа, Младински сојуз – Крушево