[Став] Младите заслужуваат барем едни нормални избори

Три фантомски организации присуствуваа на денот на гласањето и го дадоа својот глас за младински претставник во РИКО, пишува Александра Филипова од Младинскиот образовен форум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во последните четири месеци во Македонија тече процесот за избор на двајца претставници кои ќе бидат дел од РИКО. Првиот треба да биде од државна институција, а вториот треба да биде младински претставник. Двајцата заедно влегуваат во Управниот одбор на РИКО и се главните одлучувачи.

Но, процесот за избор на македонски младински претставник не поминува во најдобар ред. Проблемите почнаа уште од самиот старт, кога Агенцијата за млади и спорт (АМС) го предложи Фатон Положани, без каква било консултација со младите. На ова гледавме како уште еден обид за маргинализација на младите од младинските политики, за што АМС доби доста жестоки и бурни реакции. По реакциите, АМС одлучи да отвори повик за создавање на работна група која треба да го избере младинскиот претставник.

Работната група беше задолжена процесот да го спроведе транспарентно, отворено и според утврдени правила и принципи. Замислата за демократски и фер избор, за жал, остана само на хартија. Директорот на АМС, Марјан Спасески, како и самата Агенција, покажаа неможност и неспособност да реализираат транспарентен, фер и демократски избор.

Фантоми и во АМС

Првиот проблем се јави веднаш по завршувањето на повикот за формирање на работната група. АМС на својата веб страна објави дека 67 организации и институции официјално стануваат дел од групата, но на деталната листа доставена до организациите имаше само 65 имиња.

Дополнително, три организации кои беа на тој список се водат со статус неактивни во Централниот регистар. Тие не ги иполнуваа критериумите предвидени за влез во работната група. Ова се практично три фантомски организации, кои немаат ни годишен извештај за 2015 година. АМС одби да реагира за ова, а овие организации присуствуваа на денот на гласањето и го дадоа својот глас. Практично, директорот на АМС, Марјан Спасески, дозволи фантоми да гласаат за младинскиот претставник.

Институциите да не гласаат за младински претставник

Втор проблем се седумте гласа на институциите. Нелогично е истите да гласаат за младинскиот претставник, кога веќе тие го одбраа претставникот на институциите во РИКО. Ова е очигледен конфликт на интереси, па тие треба веднаш да се изземат од целиот процес и да немаат право на глас. Да биде уште полошо, двајца од овие седум луѓе се медијатори на процесот во работната група, па неретко се случува на состаноците да бидеме замолчувани од нив, кога посочуваме недоследности и аномалии во процесот.

Пријавените кандидати се спорни

Првиот пријавен кандидат е Миле Димковски. Тој е член на работната група на АМС. Во повикот за кандидати јасно стои дека членови на работната група немаат право да се кандидираат за избор. Се разбира, АМС не реагираше за грубото кршење на критериумите, па медијаторите на процесот и изборната комисија ја прифатија кандидатурата на Миле.

Вториот пријавен кандидат, Бојана Наумоска, е соработник и советник од 2013 година на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Со оглед дека државните институции избраа свој претставник, ваква кандидатура е етички и морално неприфатлива. Таа нè враќа на почетокот на целиот процес, односно кога Положани беше „делегиран“ за младински претставник, а всушност не е тоа.

АМС го загрозува процесот

За прв пат во Македонија се формира Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО). Оваа канцеларија ги постави своите темели на самит во Париз, каде владите на шестте балкански земји го потпишаа договорот за соработка, а на 13.10.2016 овој договор беше ратификуван од страна на нашето Собрание.

Зошто е РИКО важен за младите во Македонија? Бидејќи ќе овозможи учество на младите во кроење на младински политики и претставува мост кој ги доближува институциите до младите. Младите за прв пат ќе имаат можност да располагаат со средства наменети за нив, кои ќе можат да бидат искористени за реализација на своите идеи и локални младински иницијативи.

Гласањето за претставник, што се одржа на 13.09.2016 година беше целосен дебакл. Активните организации го напуштија гласањето, фантомските организации останаа да гласаат. Да биде уште полошо, гласаа и поединци кои не се членови на работната група. Вработени во АМС упатуваа вербални навреди и напади кон дел од делегатите.

Сите горенаведени недоследности ги имаме упатено до АМС и до директорот Спасески. Државните институции направија целосно фијаско со изборот на младинскиот претставник во РИКО, кој и те како е важен за младите во Македонија.

Следниот ден АМС објави нов повик. Но, истиот е за џабе ако аномалиите и недоследностите не се отстранат. Човекот чија примарна дејност како Директор на Агенција за МЛАДИ, е да се сретнува и да ги слуша младите, сега одбива да се сретне со младите бидејќи е презафатен.

Младите долго време остануваат истиснати и маргинализирани од сите процеси кои се од нивно круцијално значење. Тоа беше факт со Законот за високо образование во 2014, со студентските избори летово, па еве сега и со изборот на младински претставник во РИКО. Државните институции покажуваат желба да го уништат секој можен процес кој ќе придонесе да се позиционираат младите повисоко во општеството.