[Став] Митот за надградбите

Дали поновите, посјајните и посложените нешта автоматски значи дека се подобри? Всушност, најчесто вистината е спротивна на тоа. 

Од џебниот калкулатор до автомобилот „Приус“, отсекогаш сум бил еден од првите што ги купуваат иновативните технолошки производи. Бев ентузијаст за технологија, љубител на напредок, нетрпелив да зачекорам во иднината. Веќе не е така. Поради мудроста што доаѓа со зрелоста, сега се држам до изреката што ја имаат некои софтверски инженери: движењето не секогаш значи напредок.

Секој инженерски процес вклучува низа на компромиси помеѓу спротивставени, дури и завојувани сили: изведба наспроти ефикасност, квалитет наспроти лесно користење, функционалност наспроти едноставност, трошок наспроти сè. Кој решава каков ќе биде резултатот? Секторот за маркетинг. Интересна, покрај тоа што можеби е бесцелна, разонода е да си замислите како би бил поинаков нашиот свет ако создавачите не мораа да ја отстапат моќта на одлучување на оние што рекламираат.

Маркетинг експертите ни кажуваат дека бесконечните верзии на софтвер за обработка на текст или апликациите од паметните телефони нè водат напред, со „додавање нови опции“ и со „подобрување на искуството за корисникот“. Сепак, во повеќето случаи, секоја новина и надградба значи само мало подобрување од последната верзија.

Наместо тоа, новите верзии само заземаат повеќе меморија – тенденција со која се прошири изразот „блоутвер“ (од анг. bloatware – ‘bloat’ значи отекување/надувување) – бидејќи тие се обидуваат да решат проблеми што ги предизвикувале претходните верзии, а во исто време создаваат нови проблеми кои некоја наредна верзија ќе мора да ги реши. Аксиомата „ако не е расипано,  не го поправај“ веќе не се почитува, наместо тоа се следи новата „објави нова верзија денес, отстранувај софтверски грешки засекогаш“. Менталитетот на автоматско надградување исто така го дестабилизираше основното начело на инженерството: „Формата ја следи функцијата“, што е тестирано со илјадници години, а сега е станато сосема неважно. Земете го како пример јавниот тоалет, опремен со автоматски сушачи за раце, диспанзери за сапун, ве-це школки и славини. Маркетинг експертите тврдат дека овие апарати се подобри за животната средина од оние што постоеја пред нив. Секако, зачувувањето на животната средина е добра цел, но седењето на школка што автоматски пушта вода додека таа се активира еднаш, двапати или трипати во ред фрла сомнеж за тоа дали тврдењата за ефикасност се вистинити. Исто така, со славините што работат на сензор не може да се наполни шише за вода – што е поеколошка алтернатива од купување ново шише. А со сушачите за раце пак се комплицира миењето на било што друго, особено миењето лице.

И не се само тоалетите. Веќе две децении белите табли се актуелни во универзитетите. Ни беше кажано дека со нив се елиминира опасноста за компјутерите предизвикана од правта од кредите. Опасноста и не беше многу голема, а фломастерите за белите табли се полоши од кредите на безброј начини. Тие се десетпати поскапи, брзо се сушат и се за еднократна употреба. Кога температурата во просторијата паѓа под 12°C – а тоа не е толку ретко колку што мислите – белите табли може да се бришат само со посебно средство за чистење табли. Така времето наместо на предавање се троши на бришење табла, па белите табли не може да се каже дека се многу погодни за користење, што е традиционалниот краен критериум на американскиот дизајн.

Погодноста за користење треба да биде избор, а не заповед. Хемиските пенкала се попогодни за користење од налив пенкалата и се безброј пати поевтини, но со нив не се пишува исто толку добро; компјутерската обработка на текст е побрза од двете тие опции, но на тој начин не се добива она драгоцено време за размислување. Жилетите со патрони може да изгледаат како најпогодната опција за бричење, но бричевите што постоеле пред нив, со двострано сечило, овозможувале попрецизно бричење кое трае подолго, а во крајна линија и чини помалку поради големата маржа на патроните што траат само една седмица.

Подеднакво бесполезно како и ставањето на погодноста на повисоко место од сè друго (без оглед дали е тоа вистинска погодност или само се рекламира како таква) е погодноста да се изедначува со функционалност. Уредите што се дизајнирани да вршат само една функција скоро секогаш ја вршат таа функција подобро од мултифункционалните уреди. Но принципот што порано се сметаше за најважен — едноставноста сега веќе е надминат со ново мото: пакет договор.

Софтерот за обработка на текст веќе не служи само за пишување; тоа е софтвер што нуди секакви начини на создавање содржини, од графикони до веб-страници. Ниту една од тие опции нема најдобро да ја завршите со тој вид на софтвер, освен ако не сакате намерно да создадете нефункционалност.

Од процесот на местење на систем за домашно кино човек може да полуди. Приемниците доаѓаат со стотици страници документација, неколку далечински управувачи и премногу опции. Има дванаесет функции за секое копче – функции што за повеќето корисници никогаш нема да бидат потребни. Деветгодишно дете може да го совлада лавиринтскиот процес; физичар може да не го совлада. Контра аргументот е дека трошокот за производителот е ист како за комплициран така и за едноставен уред – чипот не се менува – што само ни покажува дека за грижата за корисници е дојден крајот.

+Победата на функционалноста против едноставноста е најочигледна кај мобилниот телефон, производ кој го смени начинот на кој ние правиме скоро сè – само не и зборувањето на телефон. Во стогодишната куќа на мајка ми има неколку генерации на телефони; најдобриот аудио квалитет се наоѓа во стар ѕиден телефон со бројчаник од 1960 година. Споредено со него, современите мобилни телефони нудат ужасен квалитет на звук. Ако на тоа додадеме дека тие се загреваат во текот на разговорот, излегува дека главниот ефект што мобилниот телефон го имал врз гласовната комуникација бил да ја намали истата.

На крајот се осврнуваме на смртта, АК-47 е најпопуларното оружје во светот веќе 50 години. Новите генерации на пушки едноставно не можат да ја надминат нејзината сигурност, отпорност, и да – едноставност. Не треба ни да се каже дека дизајнот на тоа оружје не може да биде подобар, а не треба ни да се каже дека ѕидниот телефон направен во 1960 година е најдобриот телефон што бил направен. Но тоа нема да го кажеме ако продолжиме да веруваме дека поновите, посјајните и посложените нешта автоматски значи дека се подобри. Всушност, најчесто вистината е спротивна на тоа.

Тони Ротман

Најновата книга на Ротман е The Course of Fortune, A Novel of the Great Siege of Malta. Тој предава физика на Њујоршкиот универзитет.

*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ