[Став] Миграција во(н) контекст – мојата приказна

Се викам Ибрахим Мардини. Имам 25 години, по потекло од Сирија.
Откако дипломирав на Правен факултет во Алепо, Сирија, работев како продавач во бутик пред да почне војната и како волонтер во хуманитарна организација во текот на војната.

Додека бев во Сирија, живеев со моите родители. Мајка ми и татко ми беа едноставни луѓе и пријателски настроени кон сите.
Ми недостигаат многу работи од мојот регион, особено храната што баба ми ја подготвуваше за време на празниците. Ми недостасува многу семејството, ми недостасува и превкусната храна на мајка ми и нејзината љубезност. Ми недостига и лутината на татко ми, тој беше смешен кога беше лут; наместо да станам нервозен, кога тој се разлутуваше, јас само се смеев. Ми недостигаат шегите на брат ми, дури и оние кои не беа смешни. Ми недостига смешната опсесија на сестра ми со мода и со светот на убавината. Ми недостигаат и разговорите со мојот најдобар пријател, ми беше како брат. Одевме во парк, каде често пеевме заедно. Тој сакаше да стане пејач и да аплицира на Академијата на Ѕвезди во Либан, но за жал не можеше да оди таму поради војната во Сирија. Иако искрено, пееше ужасно, јас го поддржував бидејќи не сакав да му ги уништам соништата.

Ја напуштив својата земја затоа што бев приморан да го направам тоа. Војната ме натера да ги напуштам моето прекрасно семејство и пријатели. Многу пати малку фалеше да ме притворат поради политички активности, поради тоа што бев против државниот и религискиот режим. Мечтаев за слободен и демократски систем во мојата земја, па мајка ми ме молеше да си заминам и токму тоа и го направив.

Така започна патувањето кое не беше едноставно. Во Турција беше многу тешко да се живее ако си Сириец. Немаше работа освен ако не си богат. Контрадикторно, нели. Аплицирав да бидам документиран, но не ми дадоа бегалски статус со кој ќе бидам признаен како бегалец таму, иако доаѓам од воено подрачје. Без бегалски статус не смеев ни да работам, затоа работев нелегално во многу лоши услови. Работев во фабрика за правење гел за коса, работев прекувремено секој ден, а заработував многу малку.
Сепак, го обожавав Истанбул и мешавината на источна и западна цивилизација.

Подоцна, кога останавме заглавени на српската граница во 2016, условите беа навистина ужасни, беше ладно, врнежливо, кално….Ниту една земја не сакаше да не прими. Немаше ни напред, ни назад. Имаше една постара жена со нас, 62-годишна бегалка што ми беше роднина. Таа беше премрзната. Викнавме лекар за неа, но лекарот не исмејуваше и рече: ,,И онака има 62 години, и да умре, стара е, не е страшно.” Потоа не вратија во Македонија.

Не можев да останам во Македонија поради тоа што има ограничени можности, односно ако 40% од Македонците се невработени, тешко дека бегалец којшто не го ни зборува јазикот би нашол работа во такви тешки услови и за самите Македонци.

Но, ми се допаѓаше и Македонија, ми се допаѓаа луѓето во Македонија, се спријателивме и многу ми помогнаа. Кога пристигнав во Гевгелија, Македонците се плашеа од нас и не сакаа да бидеме пријатели. Но подоцна кога се запознавме подобро, сфатија дека не сме терористи како што не претставуваат медиумите и дека сме обични луѓе. Така, не засакаа и дури и некои од нив се расплакаа кога си одевме од Македонија.

Не можејќи да продолжам кон север, пак се вратив во Грција, земјата за којашто читав уште како дете. Ми се допаѓаше грчката филозофија и цивилизација. Се сеќавам кога имав 11 години, купив книга за да учам грчки. Мајка ми беше шокирана и упорно ми велеше дека ако учам англиски или француски ќе биде покорисно, но јас продолжив да го изучувам грчкиот јазик се дури не бев способен да читам грчки. Грција е исто така прекрасна земја, но поради економската криза во Грција, решив да не останам таму и да аплицирам за виза во друга европска земја.

Сега живеам во Франција, учам француски на еден од универзитетите овде со надеж дека ќе продолжам со студии за човекови права или меѓународни односи. Франција е многу убава земја, каде човековите права се почитуваат. Сепак, се уште ми недостигаат Македонија и Грција, и покрај тоа што страдав многу додека престојував таму, луѓето кои беа со мене во овие две земји ми станаа како семејство и поминавме многу незаборавни моменти со нив, како и со Македонците и Грците, и мислам дека нема да запознаам такви луѓе пак во животот.

Доколку престане војната во Сирија, сепак би сакал да се вратам дома и да ѝ помогнам на мојата земја. Бидејќи, кога ја губиме нашата земја, стануваме бездомни, па дури и да живееме во ,,рајски земји”, бездомни сме.

Извор: Легис