[Став] Лектирите како микро моќ во образованието

Лектирите во основното и средното образование се иструмент за градење на индивидуалниот интегритет на учениците (осамостојување и однос кон себе), вредносна структура и однос кон околината (семејство, пријатели, потесна и поширока заедница) и социјален интегритет и повратно осознавање на самите себеси во рамки на заедницата.

Во таа смисла, лектирите се супстанцијален дел од образованието како процес (микромоќ М. Фуко)  и нивниот избор е суштествен инструмент во рацете на наставниците и културната заедница во целина, за постигнување на образовните цели кај децата, односно младите ученици.

При тоа, кога ќе се спомене зборот „лектира“ не би смеело да станува збор само за книжевна содржина туку и препорачани филмови, театарски претстави и сл. со можност наставниците да влијаат на конечниот избор. Во овој случај треба да се консултира хрватскиот и францускиот модел каде освен книжевност во рамки на т.н. „медиска култура“ во текот на основното и средното образование секоја година се гледаат десетина филмови и театарски претстави и се читаат стрипови. За тоа подетално понатаму во текстот.

За разлика од горенаведените критериуми и примери за тоа што лектирата би требало да биде и како би требало да се избира, кај нас изборот е кутар, учениците (со полно право) го оценуваат како здодевен, темите се архаични, кругот на автори и земји е ограничен. Таквиот избор изминативе десетина години (пред се преку учебниците) дополнително е оптеретен со квази-колективистички лојалности, племенско-национални митови, квази патриотски содржини кои јасно пренесуваат колективистички и авторитарни вредности, наспроти индивидуалниот интегритет, човекови права и право на детето да има слободно, еманципаторско и либерално образование базирано на индивидуалност и морален интегритет на детето како индивидуа.
Тоа главно и најдиректно се случува преку учебниците за граѓанско општество и историја, но тоа е друга тема.

Во концептот на избор на лектирата треба да се лоцираат и избегнат како такви: патерналистичките матрици и хиперболизирањето на фолклорот, и нивно идеализирање кое често станува столб на националистичка реторика и пропаганда. Целта мора да биде карактер формиран во контекст на либертални и еманципаторски вредности, склон кон критичко мислење кој утре нема да „ја купи“ пропагандата, каква и да е.

За да се осврнеме какви реформи треба да се направат во оваа област компаративно би навела примери од образовните системи во европскиот круг на демократски земји кои кои пледираме (со некои интересни примери од регионот, пред се од Хрватска).

Хрватска
Согласно „Хрватскиот национален образовен стандард“ целта на лектирите е преку книжевноста учениците да развијат отвореност кон европските и светски остварувања во книжевноста и културата, но и тие на државата од која потекнуваат.

Како еден од приоритетите на образовниот систем стои дека „ученикот треба да негува љубов кон различносите во другите јазици, народи и култури, а преку тоа и да стекне почит и разбирањето за другите и различните“.

-На тој начин ученикот може подобро да ги разбере другите народи и култури. Поради тоа во повисоките одделенија треба да стекне познавање на својата култура и корени, како и познавање и почит на другите култури и духовните вредности на различните цивилизации – стои во кретериумите за целите на образованието и лектирите во рамки на него во прирачникот насловен „Хрватски национален образовен стандард“.

Она што може да се забележи од листите во хрватското основно и средно образование и квантитативно повеќе наслови (некаде и до триесеттина) што му дава на професорот флексибилност во изборот и земање предвид различни околности како посебноста на групата со која работи, сензибилитетот на различни ученици, темите и прашањата кои би требало да се отворат и дискутираат со конретните ученици и слично.

-Во овој контекст како приоритет лектирата треба да насочува кон хуманистичките вредности како пријателство, соработка, човекољубие, одговорност, љубов, а како особено битни се оценуваат препознавањето и негувањето на способноста и надареноста на секоја личност, но согласно нејзината природа и индивидуалност. Се препорачува со учениците да се работи и на свесно делување на различни нивоа (активизам м.з.) како семејството, училиштето, но и општеството, а потоа и на самостојноста, помагањето и соработката (…) Всушност, важно е ученикот да развие почит кон основните човечки и животни вредности, да се оспособи за одговорност во сегашноста но и за иднината, кон себе, кон своите блиски и својата околина, да се упати кон трагање по смисла, вредности и важности за човековиот живот. На откривање на личните способности – стои во прирачникот.

Она што е исклучително битно е што јасно се нагласува дека „покрај зададените, се препорачуваат и слободни лектири преку кои учениците ќе ја потврдат „својата самостојност во читањето, и својот личен однос кон книжевносто дело“. Слободна лектира е секое дело кое ученикот сам ќе го прочита и ќе побара за него да дискутира со наставникот односно да го претстави пред соучениците. Вредноста на слободнатса лектира е меѓусебното поттикнување на читање кај учениците“.

Во рамки на книжевноста, како клучна концепциска разлика од нашиот модел, се препорачуваат првите две продолженија од „Дневникот на Адријан Мол“ од Сју Таузенд како и „Се за едно момче“ од Ник Хорнби кои на ретко добар и трогателен начин начин ја отвораат комплексната тема за нефункционалните семејства, разводот и за различниот начин на живот кој почнува потоа, а притоа се ослободени од лажната „обланда“ на среќа која се дожувува само преку конечното помирување во рамки на семејството (како во „Двојната Лота“ од Ерих Кестнер и „Еднородиот Елен“ од Рифат Кукај на пример).

Она што е особено битно во Хрватскиот образовен модел е просторот посветен на образование на полето на „медиската култура“.

-Преку „медиската култура“ се развиваат способностите за комуникација со различни медиуми: филм, театар, телевизија, радио, стрип…учениците се оспособуваат за гледање, примање и интерпретација на театарски претстави и филмови (анимиран, игран, документарен) како и основни театролошки и филмолошки поими.

Како и со книжевните дела, понудени се листи на филмови, но тука изборот на наставниците е уште послободен при што нагласено е дека дека „листата треба да се сфати како предлог, а не зададен попис кој нужно мора да се следи, изборот на филмови може да се менува според актуелностите и интересите на наставниците и учениците“.

И во контекст на филмовите и театараските претстави нагласено е дека изборот се прави земајќи ја предид разноликоста во хрватското општество и во насока на развивање почит и емпатија кон Другоста и Различноста.

Особено е интересно тоа што во листите на филмови се наведуваат филмови од продукцијата на Дизни по сслободен избор (што остава простор за исклучителни наслови како Ѕвонарот на Богородичната црква, Брејв, Мулан (ладно може да се прескокнат принцезите што чекаат некој да ги спасува, иако тука има други силни женски ликови кои се корисни за идентификација) додека во осмо одделени се препорачува да се гледа и дискутира „Животот е убав“ на Роберто Бенини, што поместено во контекст на македонското основно или средно образование, земајќи ги предвид катастрофалните податоци во однос на инфомираност за Втората светска војна би било одличен избор.

Понудени се и филмови меѓу кои „Форест Гамп“ и сите продолженија на „Војна на ѕвездите“.

Франција

Во рамки на својот сумарен пресек на актуелните состојби со лектирите во Франција испратен до Бирото за развој на образованието при Министерството за култура д-р Владимир Мартиновски истакнува дека во основното/примарно училиште (кое кореспондира со првите пет години од деветгодишното основно образование во Р.М.) се читаат дела од најразлични книжевни традиции (арапската и персиската, индиската, кинеската до данската, англиската и руската раскажуваќчка традиција). Како спецификација (која не ја забележав во списоците од друите земји) во франција посебно значење им се посветува и на стриповите (во листата стрипови на 6-то одделение фигурираат 15 дела меѓу кои и Таличниот Том, Астерикс, и малиот Немо)

Во последната година на основното образование паралелно со класиците (меѓу кои има автори како Бронте, Шекспир, Достоевски, Толстој….) стои и широка листа на „литература за млади“ поделена на интимистички, авантуристички, детективски романи, стрипови (24 дела), автобиографии меѓу кои и „Долгиот пат до слободата“ на Нелсон Мендела… Секоја од овие листи има околу дваесеттина понудени наслови што го овозможува принципот на изборност кај професорите, а ги стимулира и учениците да читаат вон изборот од професорот, но притоа насловите кои се понудени да имаат естетска и едукативна вредност.

Интересно е и тоа што како еден од критерумите при избор на лектири наведени се и предлози од од домен на мешаните(вербално-визуелни) дискурси (албум сликовници и стрипови).

Кај нас денеска на квалитетот на илустрацијата која едновремено е исклучително битна и како мала лекција по естетика сама по себе, но и како нешто кое на поинаков начин може да го доближи текстот не се обрнува никакво внимание, ретко ја има и се третира како декорација. Во очите на ученици, кои постојано гледааат најразлични содржини на интернет каде на естетиката се обрнува исклучително внимание, илустрациите на лектирите се „за греота“. Исклучоци се забележуваат во изданијата на една или две издавачки куќи, но за дела кон не се лектири.

Во лектирните листи за основно образование во Бугарија, кои се далеку побогати од нашите иако очигледно доминираат домашните писатели наведени се исклучителни наслови меѓу кои и неколку бајки од Ханс кристијан Андерсен (Оловниот војник, Славејот на кинескиот цар) и Среќниот принц од Оскар Вајлд, сегменти од “бескрајна приказна“ на Михаел Енде и „Принцот и питачот “ на Марк Твен, а се читаат и приказни за националните празници и фолклорот на различни етнички заедниоци.

Ситуацијата е поразлична во Италија, Финска, Шведска, Норвешка каде изборот не е зададен од никаква институција, но е потполно во рацете на наставниците.

Од Националната агенција за образование на Финска за Либертас објаснија дека на професорите им е дадена целосна слобода во изборот на литература. Уште повеќе, дозволено и е и самите ученици да предложуваат дела кои би сакале заедно со останатите соученици да ги читаат и да ги дискутираат.

-Нашиот систем исклучително го цени процесот на читање во текот на образованието. Целта на читањето, според нас, е да понуди широк спектар на искуства, да ги охрабри учениците да размислуваат и eдноставно…да им донесе радост – објаснија од таму.

Според информациите кои ги добивме од Норвешкиот директорат за образование и тренинг, задолжен за обврзното образование во Норвешка, и таму ситуацијата е слична како таа во Финска.

-Наставниците имаат целосна слобода да избираат книги, согласно потребите, нема никакви листи на обврзна литература – изјавија од таму.

И во Италија листите со преорачана лектира се повлечени и изборот им е оставен на наставниците. Ваквата одлука таму предизвикала дискусии кои се уште се водат.

Во Шведска изборот, повторно, е оставен на професорите кои често во избираат фантастични содржини со цел, како што изјавија, да се поттикне фантазијата, креативноста и размислување кај учениците.

Ситуацијата е слична и во Германија.

-Во принцип, наставниците и училиштата се одговорни за литературата. Тие можат слободно да избираат книги, кои сакаат да ги читаат со учениците за време на школските часови. За завршните испити во гимназијата, Министерствата за образование во 16-те сојузни покраини дава листа на задолжителни книжевни наслови, и таа листа може да се менува секоја година – не инфорираа од Секретаријатот за Министерствата за култура и образовани на сојузните покрани во Германија.

Земајки го предвид влијанието на германско-француската континентална традиција во правото (а преку него индиректно и во други области меѓу кои и во образованието) за нас сепак најприфатлива останува варијантата на изменети, причистени и проширени листи на препорачани обврзни и необврзни книжевевни дела (обврзни во помал број) и изборни што ќе отворат простор за избор на наставниците согласно интересот, па и предлозите, на учениците или друг тип на проценка по однос на групата и контекстот.

По примерот на Франција и Хрватска, поимот „лектира“ би требало да се структурира пошироко, односно 60% да е пишана содршина, додека останатите 40% да се филмови, театарски претстави и евентуално, посети на музеи.

Тоа како модел, секако, би требало да го спроведува комисија од Министерството за образование, но за проценка на еден дел од листата (третина на пример) би било корисно Бирото за развој да се отвори кон експерти, наставници, професори од филолошкиот факултет и евентуално катедите по книжевност, психологија и педагогија, луѓе од невладини организации кои се занимаваат со овие прашања, различни типови на социјалните работници и едукатори, кои низ постојаниот допир со различни деца (типични, но и со посебни потреби) би можеле да придонесат во оваа одговорна, комплексна и деликатна дискусија.

Во тој процес битно би било исклучително битно и таа листа секоја година да се прегледува, земајќи ги предвид новите книги кои се објавуваат низ светот меѓу кои и оние на автори кои кои се наградени со Ханс Кристијан Андерсен наградата за најдобри книги за деца.

Веројатно би било корисно Бирото за развој да се отвори кон анализа на нови предлози и наслови.

Понатаму, комисијата која ќе го прави изборот мора, конечно, да ги избегне клишеата и лажно патерналистичко-заштитничкиот однос кон децата кој води кон интелектуално и емоционално хендикепирање при развојот на личноста. Тоа се темите на насилството, смртта и загубата, напуштањето, епифеномените и претставите на злото, нефункционалното семејство и разводот (без клишеата и манипулацијата преку тезата на среќата пронајдена во конечното повторно помирување на семејството како во лектирите Двојната Лота и Еднорогиот елен).

Во однос на неопходност на отвореност по прашањето на насилството, на Мрачното, на напуштањето и на епифеномените на злото зборува Нил Гејмен во интервјуто каде зборува за „Hansel and Gretel“ која ја напишал заедно со италијанскиот писател Лоренцо Матоти.

Aко сте заштитени од мрачнoто, тогаш немате заштита, познавање или разбирање тогаш кога ќе се појави. Мислам дека е исклучително важно на децата да им се прикажат мрачните приказни – и, во прикажувањето, да им се покаже дека може да ги победат, дека имаат моќ. Кажете им дека можат да се вратат назад, дека можат да победат. Затоа што можат – но мораат да знаае. И за мене, она што е толку големо и толку важно за темнината е дека таа е како вакцина. Се дава темнина во форма која не е огромна и неиздрѓлва – разбирлива е, може да прифати и да се поднесе.Тогаш е во ред, тогаш е безбедно да се раскаже таа приказна. Сѐ додека им кажете дека може да паметни, храбри и итри и дека може да победат – вели тој. За тоа сега за сега толку.

За разлика до листата лектирите за основно образование, таа за средно има далеку поквалитетни наслови, но сепак, изостануваат клучни дела кои се лчитаат во средните училишта во Европа и САД како на пример:

„Господарот на мувите“- Вилијам Голдинг „Големиот Гетсби“ Ф. Скот Фицџералд.

„Да се убие подбивната птица” од Харпер Ли „1984“ Џорџ Орвел

„Животинска фарма“ Џорџ Орвел

„Скарлетната буква“ Натаниел Хоторн

„Ловец во ‘ржта“ Џ. Д. Селинџер

„Глувци и луѓе“ Џон Ернст Стајнбек

„Оркански височини“ Емили Бронте

„Фаренхајт 451“ Реј Бредбери

„Гордост и Предрасуди“ Џејн Остин

„Бојата на пурпурот“ – Алис Вокер

„Лет над кукавичјото гнездо“ – Кен Кесеј

„Преобразба“ Франц Кафка

„Сликата на Доријан Греј“ Оскар Вајлд.

„Крвавата одаја“ Анџела Картер

„Incidents in the Life of a Slave Girl“ Хариет Џејкобс

„Љубена“ Тони Марисон „Кланица 5“ Курт Вонегат

„I Know Why the Caged Bird Sings“ Маја Ангелоу

„Their Eyes Were Watching God“ Зора Наел Харстон
„На Запад ништо ново“ Ерих Марија Ремарк

„Странецот“ Албер Ками

„Приказната на робинката“ Маргарет Атвуд

„Ловец на змејови“ Халед Хосеини

„Доктор Џекил и мистер Хајд“ Роберт Луис Стивенсон

„Момчето во пижами на риги“ Џон Бојн

„Крадачката на книги“ Маркус Зусак

Во листата за учениците кои полагаат меѓународна матура, независно од земјата каде учат и јазикот на кој полагаат, листата за препорачана литература е исклучително богата, со дела од автори од различни земји и култури. Листата, повторно, редовно се ревидира и се менува.

Листата во целост е достапна тука. Подолу само дел од насловите:

„Остатоци од денот“ Казуо Ишигуро

„Читачот“ Бернард Шлинк

„Се викам Црвена“ Орхан Памук

„Кафка на брегот“ Харуки Мураками

„The Windup Bird Chronicle“Харуки Мураками

„Љубов во време на колера“ Габриел Гарсија Маркез

„Парфем“ Патрик Зискинд

„Љубовникот“ Маргарет Дирас „Балтазар и Блимунда“ Жозе Сарамаго

„Името на розата“ Умберто Еко

„Животот е на друго место“ Милан Киндера

„Мајсторот и Маргарита“ Булгаков

„Најсините очи“ Тони Морисон

„Градината на Финци Контини“ Џорџо Басани

„Чума“ Алберт Ками

„Џејн Ер“ Шарлот Бронте „Мадам Бовари“ Густав Флобер

„Менсфилд парк“ Џејн Остин

„Истанбул“ Охран Памук

На овaa исклучителна селекција би додала неколку книжевни и филмски дела кои, сметам дека би требало да бидат дел од проширените листи за основно и евентуално нешто помалку за средно образование:

„Хари Потер“ Ј. К. Роулинг

„Заспаната и вретеното“ на Нил Гејмен

Бајките на Оскар Вајлд Бајки од Ханс кристијан Андерсен

„Нешто друго“ Кетрин Кејв

„Доброто дрво“ Шел Силверстајн

Селекција од Бајките на браќата Грим

„Јас и ти“ и „Не ми е страв“ од Николо Аманити

„Дивјак“ Дејвид Алмонд

Филмови:

Mulan, Brave, Hunhbach of Notre dame, Bambi, Dambo, Up, Мечот во каменот, „Мalficient“ од Волт Дизни

„Животот е убав“ во режија на Роберто Бенини

„Шиндлеровата листа“ и „Хуго“ во режија на Стивен Спилберг

„Coralina“ на Хенри Селик

„Corpse bride“ на Тим Бартон

„Cubo“ во режија на Тревис Најт

„Boxtrolls“ во продукција на Лаика

„Серија несреќни случки“ во режија на Бред Силберлинг

„Christmass carol“ на Дизни

И ова е некој минимум од анимирани и играни филмови, иако тука има уште многу исклучителни дела за кои би можело да се дискутира…

Сумарно, проетот „лектири за основно и средно“во македонското образование треба да ги калкулира следните промени:

– Проширување на терминот „лектира“ со филмови, театарски претстави, кстрипови и поддршка со уметнички дизајн – Супстанцијално проширување и измени на авторите и земјите со акцент на конституирање на себството преку Другоста, размената и дијалог на културите

– Вредностен акцент врз индивидуалните слободи и права, вредностите како правда, солидарност, правдољубивност, недискриминација, толеранција

– Јасен сооднос меѓу пропишаната литература од надлежните државни институции и слобода на наставниците да изберат од пошироки листи на автори и дела

– Годишна контрола и „освежување“ на листите

Лени Фрчкоска

Извор: Либертас