[Став] Коренот на проблемот со студентското организирање е во статутот на УКИМ

Коренот на проблемот со студентското претставување во рамките на универзитетот и факултетите е содржан во големото промашување на Статутот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кое деновиве доаѓа по своето. Имено, се работи за делот од одредбите кои го регулираат студентското претставување (организирање) во рамките на универзитетот или фамозното учество на студентите во управувањето.

Тогашните творци на универзитетскиот статут го прават големиот пропуст во првиот член од делот резервиран за студентското претставување, каде што Студентскиот парламент го дефинираат како „организација во која членуваат претставници на студентитe“. Овој пропуст, кој – според приказните кои кружат низ универзитетските ходници – е направен со интенција, отвора простор за „ингениозното решение“ на тогашните студентски претставници (во соработка со или подучени од некои професори) да го воспостават Студентскиот парламент на универзитетот како претставничко тело на сите студенти на универзитетот со статус на невладина организација, што во основа е contradictio in adjecto, а дополнително, ваквото решение нема компаративна поддршка во земјите од регионов и Европа.

Доколку се следи фразирањето на одредбите од Законот за високото образование, кои го регулираат учеството на студентите во управувањето, тој говори за „студентски парламент на универзитетот“. Оваа одредба, во корелација со одредбата која ја дефинира академската заедница како „заедница сочинета од лицата избрани во наставно-научни, научни, наставни и стручни звања и студентите јасно е дека намерата на законодавецот, интерпретирана во светло на идејата (духот) на ЗВО, е репрезентативноста на студентите да биде остварувана преку студентскиот парламент на универзитетот (го користи предлогот „на“), односно тој да има статус на претставничко тело во рамките на (во состав на) универзитетот, односно единиците, со што и формално би се заокружила логичната целина на она што треба да претставува универзитетот, во смисла на одредбите од ЗВО.  Консеквентно, денес  статусот на Студентскиот парламент се наметнува како супстанцијално прашање кое ја предодредува судбината на проблемот со студентската репрезентативност.

Статусот „невладина организација“ на Студентскиот парламент имплицира уредување на начинот на распишување и спроведување избори, начинот на трошење на финансиите кои ги прибираа од студентите, манипулациите со наводно избраните претставници и претставниците кои ги делегираа во органите и телата на факултетите и универзитетот, со сопствени акти кои ги донесуваа и изменуваа согласно потребите од настаната ситуација.

Од една страна, ова им овозможи низ годините на група студенти (најчесто партиски инструирани) да ја заробат оваа организација и да ја користат за свои лукративни цели и интереси и, притоа, заради интересите на владејачката гарнитура, да го држат зачмаено студентското организирање, при што ваквата интрузија во студентската репрезентативност ги пресече легитимните институционални канали на делување и комуникација помеѓу студентите. Од друга страна, ваквите околности им овозможија алиби на голем дел од професорите да се амнестираат од одговорноста (не успевајќи да го согледаат фактот дека одговорноста паѓа на факултетите, односно на универзитетот, кој не го сочинуваат само тие) и со умисла или не, да ја толерираат ваквата состојба на лажирање на изборите, финансиските малверзации, студентската сервилност (која, да не се лажеме, во добар дел и им одговараше) под превезот на аргументот дека се работи за невладина организација која работи согласно сопствените акти и потпаѓа под други механизми на контрола (Закон за здруженија и фондации).

На овој проблем апелиравме подолг временски период, меѓутоа тој магично стана централен за универзитетот и факултетите последниве 6-7 месеци и – за чудо или не – неговата актуелност коинцидираше со проблематичните постапки за избор на декани на неколку факултети, односно, изборот на нов ректор на универзитетот. Имено, при спроведувањето на овие избори требаше да учествуваат и да гласаат претставници на студентите делегирани од Студентскиот парламент, кои беа нелегални и нелегитимни не само според интерните акти на Студентскиот парламент, туку и делегирани спротивно на Статутот на универзитетот.

Веднаш потоа,  студентите подлизурковци организираа избори за претседател на Студентскиот парламент во јуни, спротивно најпрвин на здравиот разум, а потоа и на нивните интерни акти и сето тоа го изведоа во ним својствениот примитивен манир. Но, за тоа во други прилики, овде е важно да се истакне ролјата на Ректоратот, кој преку Ректорската управа ги оцени овие избори како скандалозни, а потоа стихијно го прими во своите органи и тела т.н. „Претседник“.

Паралелно на ова, Сенатот на седницата за избор за нов ректор формираше комисија која имаше мандат да изготви предлог-измени на Статутот на универзитетот, кои требаше да претставуваат сеопфатна реформа на студентското организирање, во која членувавме двајца претставници на Студентскиот пленум. Во овој дел ќе бидам коректен кон вас и нема да ги споделам деталите од седниците од почит кон вашата интелигенција, туку само она што е важнo е што го исплоди таа Комисија. Имено, од нејзината работа произлегоа два предлога кои беа концепциски различни и поделени околу прашањето за статусот на Студентскиот парламент, а со тоа и дијаметрално спротивни и непомирливи, бидејќи прашањето за статусот на Студентскиот парламент понатаму ја димензионира целосната реформа по сите битни прашања за функционирањето на студентското претставничко тело.

Едниот предлог, застапуван од една група професори и студентите од Студентскиот парламент, одржуваше континуитет во статусот на студентскиот парламент (како невладина организација) и предвидуваше површни измени, при што интервенираше во делот на изборите за претставници во студентскиот парламент со квази-контролни механизми преку вклучување на вработени во универзитетот, односно факултетите во изборните комисии надлежни за спроведување на изборите, но не го менуваше моделот на студентско организирање и, во основа, значеше задржување на постојното статус кво.

Другиот предлог што го застапувавме заедно со уште неколку професори беше радикално менување на досегашниот модел на студентско организирање, односно сеопфатна реформа која ќе значи создавање одржливо решение на проблемот. Нашиот предлог предвидуваше промена во статусот на Студентскиот парламент, односно ревоспоставување на Студентскиот парламент како претставничко тело на студентите  во рамките на универзитетот, односно факултетите, со функционална автономија (автономија во раководењето и располагањето со средствата). Во таа смисла, таквата суштинска промена понатаму значеше реализација на оригинерните овластувања кои ги имаат органите на универзитетот односно факултетите           (каде што, патем, рамноправно членуваат и претставници на студентите) да ги регулираат прашањата за начинот, постапката и спроведувањето на изборите за претставници на студентите, начинот на финансирање и изборот на претставници во органите и телата на универзитетот, односно факултетите. Ваквата логика, која има своја основа во ЗВО, не значи субординација, туку – напротив – воспоставување на транспарентни правила и процедури по кои ќе функционира студентското претставничко тело, како тело преку кое студентите ги делегираат своите претставници во органите на управување на универзитетот и факултетите и ги остваруваат своите права и интереси.  Овие правила и процедури ќе обезбедат можност за партиципација на сите студенти во нивните претставнички тела на факултетите, односно универзитетот, а можноста за нивна злоупотреба ќе биде редуцирана, поради тоа што одговорноста за нивна доследна примена ќе падне на самиот универзитет, односно на факултетите и нивните органи.

Оваа несвојствена појава – една комисија да изготви два предлога (спротивставени, непомирливи во својата суштина) – ја натера Ректорската управа да формира нова суперкомисија со сизифовска задача да ги помири овие два предлога. Очекувано или не, таа суперкомисија пред помалку од еден месец излезе со предлог кој во најголемиот дел е на линија на првиот предлог (дури може да се каже и понекозистентен од концепциски аспект), кој инстантно влезе во процедура и стана официјален предлог на Ректорската управа – Нацрт за статутарна одлука за дополнување на статутот во делот на учеството на студентите во управувањето, па беше дисеминирана по факултетите за тие да се произнесат по неа… Да, упадливо е, и уште во самиот наслов може да се насети дека станува збор за шминка која треба да ја замаскира бруталната злоупотреба на правата и интересите на студентите.

Овој нацрт говори само за дополнување на постојните одредби од Статутот на универзитетот и го задржува статусот кво на Студентскиот парламент како невладина организација со постојниот начин на функционирање. Дополнувањето е извршено само во делот на изборите за претставници на студентите во органите и телата на универзитетот, односно факултетите, при што, доколку студентскиот парламент не ги распише изборите за претставници во органите и телата на универзитетот и факултетите, тоа ќе го стори во негово име ректорската, односно деканската управа. Оваа реформа (ако може така да се нарече) не само што не соодветствува концепциски со ЗВО, туку оди и подалеку, па е спротивна на Законот за здруженија и фондации врз основа на кој што е формиран Студентскиот парламент, при што би го нарушила основното начело на независност во управувањето на здруженијата на граѓани.

Да бидам доследен кон моите другари со кои заедно ја искусивме соработката со ректоратот пред околу две години, би било учтиво да констатирам дека овие околности се само одраз на универзитетска парадигма која е во континуиран развој во однос на перцепцијата на проблемите кои го мачат високото образование – проблеми од кои неизбежно се дел и студентите.

Покрај тоа, она што сериозно загрижува и е во есенцијата на проблемот на едно поинакво ниво е тоа што овие околности го изродија, а тоа е процесот на алиенација на студентското организирање од самите студенти. За оваа расправа треба повеќе простор, но во контекст на ова не сакам да бидам лажно скромен, па ќе  кажам дека реализацијата на концептот на студентско организирање што го понудивме во комисијата и кој веќе подолг временски период го застапуваме ќе значи основа за реконструирање на можноста за слобода на студентите во своето делување на ниво на своите факултети, особено поради стимулот за организирање што ќе го предизвикуваат непосредните избори спроведени по фер процедури и чувството на реална репрезентираност и припадност во автономната академска средина. Оваа верба во претставничките органи има потенцијал да развие пракса на делиберација кај студентите и да го стави во погон понатамошното студентско реорганизирање на повеќе нивоа (разни младински и студентски организации; особено на идејна основа) и да го овозможи процесот на креирање колективитет кој ќе ги поставува своите барања и ставови не само vis a vis професорите во рамките на академската средина, туку и наспроти општеството.

Оваа радикалната трансформација на студентското организирање е плод на околностите и факт од кој не може да се избега. Ваквото негово реобмислување и ставање во концепциски рамки кои соодветствуваат со логиката на заокружениот корпус на универзитетот се јави како антитеза на досегашното функционирање на овој Студентски парламент, кој се доврши како пракса во последните, брутално спроведени избори за нивниот претседател.

Во тој контекст, особено е важно што Правниот факултет, како можеби најповиканиот факултет кога се работи за измени и дополнувања на актите на универзитетот, на својата последна седница на наставно-научниот совет, консензуално со индигнација ја отфрли Нацрт-статутарната одлука за дополнување на статутот од страна на ректорската управа. Аргументацијата презентирана на таа седница, која верувам ќе се преточи во заклучоци, мислења и соодветни предлог-решенија, целосно кореспондираше со нашиот предлог во првичната комисија формирана од Сенатот на универзитетот и нашиот концепт за студентско организирање.

Заклучокот од оваа расправа и кусата ретроспектива на случувањата по повод проблемот со студентското организирање од блиското минато е недвосмислен. Патот на ректоратот за сеопфатно решение е трасиран. Секое отклонување од него ќе донесе ретроградно решение, но, морам да кажам, ќе постави и дополнителни дилеми околу легитимната заштита на интересите на универзитетот и академската заедница.

Стефан Дојчиноски