[Став] Колку сме блиску до дигитален живот по смртта во стилот на Black Mirror?

Пишува: Оливиа Солон за Гардијан

Кога Роман Мазуренко бил прегазен од автомобил и усмртен пред неговиот 33-ти роденден, неговата „сродна душа“, Еугенија Кујда, го овековечила како „четбот“. Побарала од неговите пријатели и роднини да ги споделат неговите стари текстуални пораки и со нив ја наполнила невронската мрежа, направена од развојниот тим во нејзиниот стартап за вештачка интелегенција – „Реплика“.

„Не очекував да има толкаво влијание. Вообичаено тешко ми паѓа покажувањето емоции и размислувањето за тагата, па најчесто се обидувам да го избегнам тоа. Разговорот со аватарот на Роман беше начин за соочување со тие демони“, изјавила таа за Гардијан.

Кујда открила дека разговорот со „четботот“ и овозможило да биде поотворена и поискрена. Кога ќе се вратела дома по забава, ја отварала апликацијата и му ги кажувала работите кои не можела да им ги каже на нејзините другарки. „Дури и работи кои не би му ги кажала кога беше жив“, вели таа.

„Чатботот“ за кој повеќе детали се опишани од „Верџ“, можеби е сурово дигитално воскреснување, но го нагласува растечкиот интерес кон дигиталниот живот по смртта и за тоа како технологијата, како вештачката интелегенција и мозочно-компјутерските интерфејси, можат еден ден да се искористат за создавање наши, или реплики на нашите сакани, кои можат да живеат и по смртта.

Ова е тема на која постојано се враќа серијата „Црно Огледало“ (Black Mirror), давајќи предвидувања според сегашните технологии во карактеристични дистописки сценарија каде нашите мозоци можат да се прочитаат, да се постават на „клауд“ и да воскреснат дигитално како аватари или роботи.

Две епизоди од последната сезона ја истражуваат идејата на создавање дигитални копии од човековата свест: „УСС Калистер“ (USS Callister) и „Црниот Музеј“ (Black Museum). Во првата, незадоволен програмер на игри прави виртуални клонови од неговите соработници, кои како казна ги става во игра во стилот на „Ѕвездени Патеки“. Во втората, има неколку засебни приказни кои ја прикажуваат еволуцијата на уредите кои можат да се поврзат со мозокот и да прикажт слики од човековите мисли, емоции и сензации. Во една таква, осуден на смртна казна потпишува да ги пренесе правата на дигиталниот себе и се воскреснува по неговото погубување како свесен холограм кој посетителите во музејот можат да го измачуваат.

Дигиталните клонови од епизодата „УСС Калистер“

Постарите фанови кои слушаат за „четботот“ на Кујда, ќе се потсетат на епизодата „Се враќам веднаш“ (Be Right Back), каде жена наречена Марта се претплатува на сервис кој ги користи онлајн комуникациите на нејзиниот починат свршеник Еш за да создаде дигитален аватар, кој го имитира неговиот карактер. Она што почна како бот кој испраќа пораки, еволуира во гласовен бот, пред таа да го надгради со премиум услугата каде ботот е вметнат во робот-двојник. Роботот излегува дека е плитка верзија на Еш и Марта го отфрла со зборовите: „Ти не си ти, ти си само неколку делчиња од тебе. Ти си само перформанс на работи кои тој ги правел без да размислува и тоа не е доволно“.

Дури и со сегашната најнапредна технологија во вештачката интелегенција и роботика, ни недостасуваат технички можности да направиме нешто слично како софистицираниот Ешбот, а не пак свесни реплики во УСС Калистер и Црниот Музеј.

„Човековиот ум е буквално неистражен. Немаме идеја како функционира свеста. Но мозокот сепак е машина, така што преку неговото чепкање најпосле ќе сфатиме што се случува“, вели трансхуманистот Золтан Иштван, кој е ангажиран во сферата на дигиталната бесмртност.

„Eter9“, создадена од португалскиот програмер Енрике Жорге, е социјална мрежа која користи вештачка интелегенција за учење од нејзините корисници и создавање на виртуелна „копија“ на корисникот, која го имитира и која живее и по неговата смрт.

Уредите во Black Mirror со кои мозокот се поврзува со компјутер ФОТО: Нетфликс

Слично и „Eterni.me“, создадена од соработникот на МИТ Универзитетот, Мариус Ураш, ги користи објавите и интеракциите од нашите профили на социјалните медиуми да изгради дигитална сличност која знае што сте „лајкале“ на Фејсбук или со што сте се фалеле на ЛинкедИн. Сервисот допрва треба да се стави во употреба, но планот е да се овозможи на луѓето да останат во контакт со нивните сакани кои починале преку мобилните апликации Eterni.me.

„Сакаме да ги зачуваме за вечност сеќавањата, идеите, креациите и приказните од милијарди луѓе. Помислете како на библиотека во која има луѓе, наместо книги, или интерактивна историја од сегашните и идните генерации“, ветува компанијата.

Уште поамбициозни се напорите да се извадат мислите директно од мозокот, наместо да се собираат дигиталните траги кои ги оставаме зад нас. Засега, интерфејсите мозок-компјутер беа користени за релативно едноставни задачи, како враќање на моторичките способности на парализирани пациенти, или овозможување основна комуникација за пациенти кои имаат повреди на мозокот. Овие интерфејси ги декодираат мозочните сигнали од површината на черепот преку електроенцефалографија (ЕЕГ)  или имплантирани електроди, а потоа се преведуваат сигналите во команди за придвижување на роботички протетички екстремитети, или курсорот на тастатурата.

Иако овие уреди контролирани преку мозокот се најнапредната техногија која е достапна во моментов, има уште долг пат до „спој на биолошката интелегенција и машинската интелигенција“ предложена од Елон Маск преку неговата скоро покрената компанија „Неуралинк“, како начин кој би овозможил на луѓето да останат конкурентни на системите на вештачка интелегенција. Маск предложува користење на имплантирана „невронска тантела“ која може да ги чита и запишува мозочните сигнали, овозможувајќи двонасочна комуникација која би овозможила, теоретски, луѓето да добиваат когнитивна моќ од супер-интелегентни компјутери без да мораат да внесуваат податоци рачно.

Стартапот од Силиконската долина „Кернел“ има слични амбиции, но фокусирана е на интерфејс со пореметувања на мозокот, како проблеми со меморијата, Паркинсоновата болест или епилепсија. Ризиците поврзани со операциите на мозокот ова го прават навистина тешко прифатливо за медицинските одговорни лица и здравите пациенти.

И покрај оптимизмот од Силиконската долина, основачот на „Кернел“, Брајан Џонсон, е свесен дека е потребно многу понапредно разбирање на мозокот за да се сфатат комплексните когнитивни способности како јазикот и метафората, кои се потребни за создавање дигитални клонови.

„Имаме повеќе од 80 милијарди неврони во нашиот мозок. Нашите алатки во моментов ни даваат пристап само до екстремно мал број на неврони. Со протетиката, можеби говориме за 100-тина неврони. Потребни ни се интерфејси за поголем проток на информации“, рекол тој за Гардијан во февруари 2017 година.

Па, ни останува многу за да се стигне до таму. Во меѓувреме мораме да се задоволиме со многу помалку возбудливи дигитални наследства, како тоа што ќе се случи со нашите Фејсбук профили откако ќе починеме. Како што посочува Карл Охман, од Интернет институтот во Оксфорд кој ја проучува етиката на дигиталниот живот по смртта, во следните три декади скоро 3 милијарди луѓе ќе умрат, поголемиот дел од нив ќе ги препуштат своите дигитални остатоци во рацете на огромните технолошки компании.

Дали тие ќе се однесуваат кон вашиот дигитален леш со почит? Или комерцијалниот интерес ќе ги наведе компаниите да бараат начин да ги искористат вашите дигитални „органи“ за профит?

„Доколку се испостави дека чувањето на мртви профили станува скапо, иницијативата тие да се монетаризираат ќе расте“, вели Охман.