[Став] Кој ќе го празнува денот на младите?

12-ти Август – Меѓународен ден на младите. Ден кој со Резолуција на Генералното собрание на Обединетите Нации од 2000-тата година се одбележува во светски рамки и има за цел да привлече внимание кон најважните приоритети и потреби на младите и да постави насоки за нивно остварување.

Владите дискутираат за тековни и идни младински политики, се одржуваат дебати за младински прашања, се случуваат разни настани од забавен карактер (музички фестивали и концерти, изложби, работилници) и останати активности кои ја слават младоста, но и ја покренуваат јавната свест за различни проблеми и потешкотии со кои секојдневно се соочуваат младите лица: искоренување на сиромаштијата, поголема социјална инклузија, проблеми со менталното здравје, спречување и разрешување на конфликти.

Во Република Македонија во последните години се прават напори за достојно одбележување на овој ден од страна на државата, иако се чини дека младите не се нешто особено возбудени околу славењето на овој ден. Кога подобро би размислил, па зошто и би биле?

Тие се соочуваат со рекорден број на невработеност, застарен и неиновативен образовен систем кој не соодветствува со побарувачката на пазарот на трудот, дискриминација и говор на омраза кон оние кои се различни на каков било начин од мнозинството, финансиска зависност и ретки можности за креативно преточување на своите идеи и желби во конкретни акции.

Поразителен е фактот дека голем дел од младите се гледаат надвор од својата земја по завршувањето на високото образование во потрага по соодветна или подобро платена работа. Веќе голем процент и од матурантите се во потрага по стипендии за продолжување на некој од светски и европски реномираните универзитети кои нудат одлично теоретско образование од врвни професори, но се опремени и со најсовремени лаборатории за техничките науки или нудат пракса во престижни компании со цел студентите директно и практично да го имплементираат стекнатото знаење.

Се забележува некоја летаргија и разочараност кај младите кои водат кон сè почесто заминување надвор од својата земја и планови за градење на својата иднина во странство.

Сепак, оние кои остануваат во Македонија со искрена желба и сериозна намера да помогнат во подобрувањето на состојбата за младиот човек во Република Македонија се еден зрак светлина во темнината која надвисна над главите на нашите врсници, но и нивните загрижени родители. Тоа се млади и храбри лица кои се обидуваат да ја направат Македонија подобро место за живеење преку активно учество во јавниот живот и пружање помош и совети при креирањето на младинските политики. Тука се голем број на младински работници и активисти кои имаат долгогодишно искуство во полето на младинската работа и застапувањето за младински политики и се залагаат за активирање на младите и нивно вклучување во светот на волонтерството, изучувањето на меки вештини и неформалната надградба на своите вештини и капацитети.

Благодарение на интернетот, информатичките и компјутерските технологии, но најверојатно и на евтините летови, голем дел од младите во Македонија се стекнуваат со знаења и искуства кои се современи и секојдневни во развиените земји, па потоа ги пренесуваат и во својот роден крај.

Па така, сè повеќе се развива и претприемачкиот дух кај оние кои самоиницијативно развиваат свои идеи за бизнис и веќе вработуваат останати млади луѓе кои бараат работа, притоа не барајќи спас во работата во државната администрација, која за жал, и понатаму останува најпосакувана дестинација за вработување.

Се развива и чувството за самоорганизирање и колективно претставување на своите барања и кај средношколците и студентите, кои повеќе не се само пасивни следачи на мерките и предлог-реформите од страна на пратениците.

Младите сè повеќе ги преземаат работите во своите раце и стануваат свесни за своето опкружување и се обидуваат да ги променат околностите кон подобро и во своја полза.

За да не се соочиме со потполно стареење на населението, потребно е пратениците и локалната самоуправа да ги вклучат младите во сите процеси и активности кои нив лично ги тангираат, да ги чујат нивните предлози и барања и сериозно да ги земат предвид при креирањето на разни стратегии и акциски планови. Младинските совети и членувањето во соодветните работни групи се дел од механизмите кои би можеле да го гарантираат и спроведат младинското учество и консултирање со цел запазување на нивните најдобри интереси.

Младите се тука и сакаат подобро утре. На политичарите преостанува да седнат на иста маса со нив и да ги ислушаат нивните мислења и заеднички да дејствуваат кон посветла иднина за сите нас.

Да не дозволиме само еден ден во годината да се посветува на младите и нивниот живот во Македонија и тоа преку симболични настани и активности. Потребни се итни суштински реформи во сите полиња кои ги опфаќаат нивните потреби и интереси.

Нека е честит Денот на младите, со надеж дека ќе има за кого да се празнува овој ден понатаму.

Димитар Низамовски, Младински образовен форум