[Став] Кога протестите ќе стивнат

Секој ден во 18 часот! Оваа парола ви звучи познато? Епа нормално, и лани исто протестиравме, во исто време и во сличен дел од годината! Ама за жал, не успеавме да придонесеме протестите да имаат некакво суштинско значење за излезот од оваа речиси безизлезна ситуација. Луѓето кои „ни ги отворија очите” дека на власт имаме криминалци од највисок ред, седнаа на маса со нив и договараа како понатаму. Дали тоа зборува дека и тие се слични на нив но немале можност да се истакнат – не знаеме и сакаме да веруваме дека не е така, пишува Горјан Аревски, член на Младинската организација „Мугра“.

Инаку, многу е едноставна работата: со криминалци не се преговара. Ако за некого знам дека е криминалец, не сакам да е во моја близина, а не пак да разговорам со него! Но политиката беше посилна од правдата, а личниот интерес од севкупната слобода. Како и да е, на минатото треба да му се навраќаме за да ги научиме грешките и да не ги правиме во иднина.

Денес повторно сме соочени со протести, но според мене до сега имавме само два нормални, природни протести. Едниот беше лани, на 5 мај, по објавените снимки за вистината за убиството на Мартин Нешкоски, и оваа година – дента кога човекот (хм… човекот?) Ѓорѓе Иванов реши да ги сокрие неговите сокриминалци со тоа што ќе ги аболицира. Само тие два дена имаше спонтани протести исполнети со многу гнев, бес, револт, лутина и природно неиспланирано однесување на огромна маса. Се друго беше вештачко излегување колку да се излезе, да се исполни граѓанската должност, бидејќи срамота е да се седи дома при вакви нечовечки услови за живот. Уште Перикле, најдемократскиот владетел, им велел на Атињаните: „Оној што не учествува во настаните на својот град, не е мирен, туку лош граѓанин!” Ваквите протести сè повеќе ја губат својата смисла, и покрај тоа што си најдоа свое засолниште во т.н. шарена револуција. Оваа квазиреволуција што ни се случува единствено им одговара на хулиганите од власта, затоа што речиси на никој начин не е загорозен нивниот комфор, тие не трпат никакви последици од нашите протести, дури и им е олеснета задачата да ги лоцираат своите непријатели, за потота да ги затвораат или казнуваат. Па, добро бе, како може да останеме неми на притворањето на луѓе кои се борат за правда, слобода и еднаквост, а уништувачите на истите вредности си се возат во скапи автомобили, си ѕидаат куќи изолирани од сите и мува не ги лази, и покрај тоа што се… г(д)омна!

Народот што излегува на улица секојдневно се намалува, што е и за очекување, затоа што не може главна цел на протестот да биде фарбање. На тој начин се фарбаат главните проблеми во нашето општество, односно се ставаат под тепих, како што тоа се прави веќе 25 години. Не е проблем Триумфалната порта или фасадата на зградите кои го почувствуваа ветрот на „револуцијата” и на кои сè уште не им стигнал редот. Тоа е како народната: не можеме по магарето, па маваме по самарот! Проблем се луѓето кои (не) работат во тие институции и на коишто треба да им се офарба образот, кој веќе им е многу извалкан. Тие луѓе треба да се притиснат, да не им се дозволи да функционираат како што замислиле. На пример, да се натера Груевски да не излезе од неговиот Мерцедес, па таму нека се масира на седиштата ако сака, ама да не смее да излезе пред граѓаните. А имаме ситуација во која, додека шарените шараат по градот, тој слободно си се шета на саем на книгата – место каде што доаѓаат луѓе кои знаат да размислуваат (имаат барем минимален интелектуален капацитет) и сигурно не можат да го поднесат и им се гади од него, но не преземаат ништо затоа што се предобри, но истовремено и кукавици! Сепак, второво пред сè. Да, кукавици! И некој ќе каже стравот веќе го немало… Сè уште постои страв, инаку како е можно Груевски да проаѓа покрај тебе, а барем да не го плукнеш, на пример, од чиста култура, за да не направиш нешто полошо! Точно е дека каде што завршува стравот, започнува слободата. А ние сме далеку од слободата колку што е горенаведениот далеку од затвор. Далеку, но сепак блиску!

Нормално, проблем се и луѓето кои ги поддржуваат криминалците. Мислам дека постојат два вида такви поддржувачи. Едните се тотално неинформирани, незаинтересирани и со прилично мал степен на писменост. Тоа воопшто не е навреда (не значи дека се и неинтелигентни), затоа што тие луѓе немале можност да дознаат повеќе, изолирани се од информациите, а тоа партијата на власт мошне умешно го користи и го прилагодува да биде така. На таквите луѓе гревота е да им се лути човек, затоа што тие си го гледаат лебот и кој било да дојде на власт, тие ќе го поддржуваат само за да имаат некои мали бенефиции. Но другите подржувачи се многу поопасни и тие треба барабар со барабите да завршат во затвор! Не може еден универзитетски професор или т.н. експерт да биде толку глуп, па да зборува со позитивен тон и да ги брани криминалците. Тој, значи е толку лаком за пари и си го гледа сопствениот интерес што воопшто не го интересира ни морал, ни правда, ни вистина, туку само парите му се важно прашање. Секако, не е исклучена и можноста да се уценети, но и во таа ситуација, сепак, направиле нешто поради свој интерес, па сега мора перфидно да си се штитат.

Многумина мислат дека студентите се меѓу главните иницијатори на протестите. Тоа е точно, но и многу неточно. Вистина е дека студентите се во првите редови, дека тие ги изработуваат платната, голем дел од транспарентите, повеќето герилски акции, но има две големи нешта кои го докажуваат спротивното. Прво, кој им наметнува на студентите да го прават тоа (не велам кој ги финансира, тоа и не е важно, туку кому му одговара тие да се „организатори”)? Второ, колку на број се тие студенти? Според мене, на протестите доаѓаат помеѓу 150-200 студенти, а активно учество во организирање имаат не повеќе од 30. Па тоа ли се студенти? Каде се реките од младост кои чекореа по улиците на ланските протести на пленумите? Каде се студентите да ја одбранат правдата, вистината и да го пикнат криминалот в затвор или, уште подобро, на некое друго место? Сепак, изгледа секој реагира кога му е директно засегнато неговото опкружување, кога нешто лошо му се случува нему, во неговто поле на интерес, а тонењето на државата никого не го засега или не може да го види огромното штетно влијание по сите. Ние, студентите, не можеме да ги извлечеме на улица нашите колеги и пријатели, а сакаме да влијаеме врз свеста на работниците, земјоделците и слично. Тотално нема логика и воопшто не си ја познаваме чергата.

Ситуацијата е таква што ако човек размислува како да делува во ова забегано општество, во кое власта е шута но боде, ќе му дојде да поулави, а и ќе мора да се откаже од сите други дневни активности кои му причинуваат задоволство затоа што улицата те обзема. Протестите станаа мода на мачење, како кога зиме некои девојки носат лесна кратка облека. Убаво им е, и покрај тоа што мрзнат. Ние, младите, треба да се бориме за слободна мисла, демократија, еднаквост, а пред сè за квалитетно и бесплатно образование, но како тоа да го постигнеме? Првиот чекор е да се смени власта, затоа што со сегашниве функционери сè е можно, само добро не! А што потоа? Што правиме кога протестите ќе стивнат? (Може да стивнат затоа што ќе ги снема непожелните лица, а може и да стивнат затоа што народот ќе изгуби желба за излегување на улица, бидејќи нема да гледа поента тоа да го прави) Ќе стивнеме ли и ние? Ќе чекаме повторно да ни се земат правата, па да излагуваме на улица? Се надевам не! Сега е вистинскиот момент да се обедини академската, интелектуалната и слободна граѓанска мисла и критика, за да создадеме основи за подобро и послободно општество. Да не дозволиме да бидеме топовско месо што ќе го затвораат и на кое ќе му се закануваат, а други ќе го искористат за своите цели, за потоа да си тераат според своите интереси! Треба да се обидеме да поставиме нови правила и вредности и да наметнеме наши ставови, затоа што премногу долго бевме пасивни и не интересираше само нашиот двор.

Мислам дека конечно ние, младите, ја сфативме целокупната одговорност што ја имаме во општеството, бидејќи дури и нашите професори во многу мал број се одважија да кажат НЕ на оваа тиранија. Е тоа е жално! Уште пожално е што сме сведоци на секојдневното иселување на најпаметните млади луѓе од државава, како и дека “истите” се притворани од страна на тоталитарната власт, а убеден сум дека поединечно имаат повеќе книги прочитано од целиот владин врв заедно! Тие умови копнеат за помош изразена преку поддршка! Не смееме да дозволиме Милчо Манчевски да биде во право кога вели дека сме најсеирџискиот народ во светот! Затоа, да им помогнеме, за да ни помогнат! Бидејќи, ако ги нема нив, ќе нè нема ниту нас!

„Ниеден човек не е остров

сам за себе.

Секој човек е дел од континент.

Ако морето одрони грутка

исто е како да исчезнала планина од Европа.

Нечија земја, твоја земја.

Со смртта на секој човек умира дел од мене

затоа што јас сум дел од човештвото.

Затоа не прашувај за кого бијат камбаните…

Тие бијат за тебе!”

Џон Дан