[Став] Институциите потфрлија пред ненајавениот испит

Измина една година како животите ни се сменија засекогаш. Сите изгубивме многу, но и добивме.

Добивме многу пријатели коишто некои и сами без да ги познаваме дојдоа да ни помогнат. Некои слики никогаш нема да исчезнат од нашите глави. Животот ни даде огромна лекција.

Се што е материјално може и ќе се надополни, но оние кои беа нечии баби и дедовци, родители, деца, внуци, пријатели, веќе ги нема за жал и нив со ништо нема да можеме да ги вратиме.

Година како помина од денот кога се споија небото и земјата, денот кој ќе го паметиме многу, ние коишто го видовме сето тоа со свои очи.

Малку ќе се навратам на тој ден и деновите што следуваа потоа. Тој 6 август, 2016 година, до попладневните часови наликуваше како и сите останати денови, но нешто се промени околу пладне. Најпрво почна да врне малку дожд за да подоцна нешто пред 19 часот да се претвори и во олуја од која подоцна знаеме сите што следуваше.

Тој хаос и тие моменти на некого му го сменија животот. Деновите што следуваа потоа се денови во кои сите ние наши пријатели и роднини вложувавме напори за да можеме да ги средиме работите да се вратат во нормала, да може да почнеме да живееме нормално како и претходно. Кај некои тој период траеше и со месеци.

Сите ние си помагавме на некој начин сами на себе, а најголемата помош што требаше да ни биде дадена, требаше да биде од страна на институциите во државата, коишто видовме дека до тој момент работеле, но само на хартија. Само во канцеларија, но на „дело” не функционираат, не работат, се загубија во времето и просторот што настанаа од невремето и хаосот што владееше. Нема да ги напоменувам сите институции или да ги двојам едни од други, некои работеле, а некои не. Но, сите потфрлија пред испитот што дојде ненајавено.

Една година подоцна некои работи се променија, некои си останаа исти. За периодот што помина се изнаслушавме многу „приказни” од надлежните институции, како и што тие ќе помогнале и сределе, ќе направеле. Малку од тоа се реализираше, малку државата направи за сите нас. Поголемата помош дојде од сите други останати субјекти во државава, како приватни компании и самостојни луѓе, бизнисмени  и помошта од другите држави која што беше добродојдена и помогна на сите нас.

Некои од нас поплавените добро се „офајдија” да кажам. Тоа се оние коишто беа во блиска партиска поврзаност со локалните власти, коишто беа ангажирани во процена на штетата настаната од поплавата. Локалната власт како најодговорна во решавањето на ситуацијата за време на поплавата и после поплавата потфрли.

Конкретно за патната инфраструктура, се ветуваа изградба на локалните патишта, атмосферска канализација, прочистување на одводните канали, но малку од тоа се реализираше. Една од главните причини за толкавата количина на вода што ја имаше во местата опфатени од поплавата е неизградената одводна инфраструктура на самата обиколница на Скопје.

Како што се наближуваат локалните избори, така се воздигнуваат и прашањата поврзани со настанатите штети од поплавата и сега веќе нивна демек реализација – едни улици се прават, други само што не почнале да се прават. Се поставува нова водоводна мрежа таму каде што ја немало, некаде повеќе, некаде помалку, некаде само на хартија ќе биде, онака како и пред секои избори.

Ветуваа дека ќе ги исчистат улиците и игралиштата од калта и останатото ѓубре што беше од поплавата настанато, но некаде тоа го направија, некаде се уште има кал и ѓубре. И после една година тоа не е средено.

Најголемото нивно ветување беше дека ќе бидеме обештетени 100 проценти, но тоа не се случи. Од тоа нивно ветување останаа само полупразни зборови кои до некаде се реализираа (делумно бевме обештетени). Некои, меѓу кои сум и јас, едвај добивме парични средства колку да можеме да смениме врати и прозори –додека некои и со најминимална штета добија по неколку илјади евра.

Тука ќе ги спомнам и возилата за коишто беше првично кажано дека ќе бидеме обештетени, но од тоа едно големо ништо. Само празни зборови, само празни муабети кои беа употребувани за политички поени од тогашната власт.

Пишува: Боби Николовски, Ченто

[Став] Благодарност до волонтерите и Армијата, клоца за „координираните“ институции